Австралија ми е посебно инспиративна како мултикултурна земја, спој на различности, блиски, а далечни, далечни, а блиски, поинакви јазици, обичаи, традиции.
Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот ѝ го отстапуваме на наша авторка од Австралија. Творечката шапка ќе ја поткрене Емилија Жупаноска – поетеса и наставник.
Опиши еден (работен) ден од твојот живот?
Емилија: Денот ми започнува доста рано, ќерка ми е ранобудец, па утрото ми е полнење батерии и гушкање со неа, така си се полниме со љубов потребна, ама никогаш доволна, меѓу мајка и ќерка за издржување на дневното набиено темпо.
Опкружени сме со дрвја, зеленило и цвеќиња, па погледот во нив и утринското кафенце само ме потсетуваат колку е убава природата и животот воопшто.
Се подготвувам брзо, не ми е далеку работното место. Цел ден сум опкружена со луѓе од сите возрасти и етнички групи, и уживам во работата. Ја сакам размената на енергии, култури, мислења кои ми се овозможени во денот и со тоа сум ослободена од секаков стрес. Односот со луѓе ме прави жива. Без разлика дали сум во ординација или во пекара, потполно се прилагодувам на секое работно место. Ретко да имам слободни денови, имам слободни часови во денот, па знам да испешачам по неколку километри во денот. Попладнето е резервирано за мојата малечка со која учиме нови песнички на македонски, ми чита некоја детска книга, разговараме или ако е убаво времето возиме велосипед, и така, секој ден е нов предизвик.
Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?
Емилија: Животот ми се менува во мојот поглед доколку се задлабочам во моите размисли, па ќе видам несовесни луѓе кои трошат беспотребно вода, електрична енергија, храна итн. Впрочем моите лични работи ги ставам на страна бидејќи сум задоволна со моите постигнувања, но ми сметаат работи за кои сме одговорни како заедница. Од зачувување на нашиот јазик овде, па до расипништво до немајкаде, од пластика, преполни колички натоварени со триста чуда, за потоа да го видите тоа оставено по улиците пред домовите. Самосвест и контрола ни треба повеќе, а луѓето овде се доста и сами и осамени. Со неконтролираното јадење, трупање само пробуваат да потполнат некое чувство кое очигледно им фали. Тоа се моите размисли, инаку за среќа живеам во економски стабилна земја, па основните потреби за преживување и напредок се и повеќе од доволни и ми го надминале очекуваното.
Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеи за пишување?
Емилија: Инспирација за пишување црпам секаде и секогаш. Од наједноставни случки и доживувања во секојдневието мене „река“ ми се прелева во главава од сказни.
Децата ми се посебна приказна. Нивната непосредност и искреност, нивниот развој и откривање на светот и објектите во него. Австралија ми е посебно инспиративна како мултикултурна земја, спој на различности, блиски, а далечни, далечни, а блиски, поинакви јазици, обичаи, традиции. Секој во своето гледа најправилност. Од друга страна Македонија и споредби со неа, со животот таму и овде, со детството кое е таму распослано, низ спомени кои се среќа за мене.
Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?
Емилија: Па, не се знае тоа каде следно животот би ме поместил. Засега овде е мојот дом, а таму ми се и корените и спомените. И кога не сум физички во Македонија, јас исто како да сум, со сè што од таму во себе сум понела свесно или несвесно. Чудно е бидејќи само еднаш се вратив како турист, а животот таму не ми беше воопшто лош за да порекнам сè и категорички одбијам враќање во своето огниште.
Следува дел од поезијата на Емилија што ја одбравме за Везилка:
ДЕНЕС СУМ НЕКОЈ ДРУГ
Денес сум босоногото момче
на скопските семафори
што срдeчно дели насмевки
подавајки раце за ситни парички,
а обично добива грст пцовки.
Денес сум онаа женичка
простум застаната во градскиот автобус
подгрбавена над торбите,
додека младината во отсуство на култура
се кикоти запоседната на дотраените столчиња.
Денес сум сириски бегалец
со тага долга колку железничка пруга,
пространа колку земји недоодени,
неспан,нејаден,испотен,изморен
и со надеж за негде,некаде…
Денес сум тетка Злата,
текстилна работничка
на која се и успева,сегде стасува,
со плата куса колку мини сукња
спуштај ја,тегни ја,пак се подига,
и со девиза: „Aко,само нека има работа.“
Денес сум татко ми,
жилаво мало човече
кое пушти солзи на испраќање,
и се уште ме чека
да се вратам, да ме прегрне.
Денес сум невработен мамин син
кој спие до единаесет претпладне,
станува на се готово и наместено
и пие пет, шест кафиња до попладне.
Денес сум секој некој,еден па друг
успевам да си ги менувам улогите,
автроска работа ми е
да се вметнувам во ликовите.
ЖИВОТ
Животот е совршенство од несовршености,
животот е перфекција од недоследности.
Животот е плач од раѓање,
музика и танцување,
размена на емоции,
примопредавање на енергии
и молк и плач при умирање.
Животот е вртолом од спомени,
бура од мемории,
желба за овековечување на моменти и
стегање заби нешто да се заборави.
Животот е рака подадена за запознавање,
прегратка понудена за утеха,
рака на рамо
и рака за збогување.
И РАЈОТ И ПЕКОЛОТ СЕ ВО НАС
Koj беше тој што ти ги поткина крилјата
кога сакаше да полеташ?
Надвладеа ли мислата сомнителна
над мислата сонувалка?
И анѓелот и ѓаволот ги гаиме во нас
денес едниот,
утре другиот
претрчуваат како прле пред магаре.
Оти и рајот и пеколот се во нас,
добрината и лошотијата
сразмерно заслугите.
Да молчам или да преречам?
Да избувнам или јазикот да си го поткаснам,
та раатот да си го расипам.
Да го свртам ли и другиот образ
или да вратам со иста мера?
Застанувам пред огледалото
дали сум тоа што гледам преправајќи се,
или сум тоа што мислам инаетејќи се?
Емилија Жупаноска – Родена е во Велес, на 5-ти Март 1982 година (моминско презиме Рашевска), од мајка Љубица и татко Ѓорги. Основно и средно училиште завршува во својот роден град, каде активно учестува во литературна и библиотекарска секција. Постојан учесник и добитник на поетски творби за патронатите на училиштата, ослободувањето на градот итн. Нејзини творби се објавувани во списанието „Наш свет“, „Развигор“ и доброволно работи како радио водител. Љубовта кон пишаниот збор најмногу го разбудиле нејзиниот талент учителите по македонски јазик. Секогаш подготвена да ги чита сите можни задолжителни и незадолжителни лектири и да пишува состави на истите. Дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ отсек Македонска книжевност со jужнословенски книжевности. Професија која и до ден денес останува како своевидно хоби, бидејки никогаш не се остварува како просветен работник во Македонија. Пред неполни 9 години, непосредно по смртта на нејзината мајка се доселува во Австралија. Во мегувреме работи како маркетинг агент за неколку компании кои и отвараат нови познанства, искуства дури и изучување на нови јазици. Нејзиниот темперамент е лесно прилагодлив на сите можни животни предизвици. Овде волонтира во првите години како учител по македонски јазик.
Нејзина прва и единствена стихозбира е објавена уште во средношколските денови со наслов „Посветена за…“ со љубовна тематика. Учесник е и добитник на награди од литературното друштво „Григор Прличев” од Сиднеј.