За мене секој ден од животот е вреден за одбележување и причина да се биде благодарен. Од таквото поимање се разви и мојот дневен ритуал: наздравување со утринското кафе за сè добро и не толку добро што сум го доживеала во претходниот ден, за она што претстои, за драгите суштества (луѓе и миленичиња) чија љубов ме заситувала повеќе од какви било достигнувања…
Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот ѝ го отстапуваме на наша авторка од Австралија. Творечката шапка ќе ја поткрене Емилија Тодорова – поетеса, преведувачка и светска патничка.
OПИШИ ЕДЕН (РАБОТЕН) ДЕН ОД ТВОЈОТ ЖИВОТ?
Емилија: Деновите ми се значително поинакви откако решив да се пензионирам на помлади години, Во огромна мера мојата работа ми беше јадрото на животот и речиси сè ѝ беше подредено, не затоа што мораше да биде така, туку затоа што таков е мојот пристап: кога ќе се посветам на нешто, го правам тоа со целосна предаденст. Работата ми овозможи да иновирам, да градам општествен капитал, да направам нешто позитивно за најранливите категории граѓани, да создавам лидерски кадри, да оставам белег. Низ својата професија се самоактуализирав и го дооформив својот личен и општествен идентитет и најискрено кажано, го сакав секој момент поминат на работа, дури и тогаш кога со недели спиев по четири часа дневно, а работев по шеснаесет. Таа работа ми овозможи и да го пропатувам светот и да бидам финансиски независна и по нејзиното напуштање. Одлуката да ја оставам кариерата зад себе не беше без доза на страв, првенствено од тоа како ќе преминам од денови набиени со лудачко темпо, адреналин и висок степен на одговорност, во денови со помалку акција, а повеќе време за блиските, за себе и своите мисли. За среќа, преминот беше зачудувачки лесен и безболен.
За мене секој ден од животот е вреден за одбележување и причина да се биде благодарен. Од таквото поимање се разви и мојот дневен ритуал: наздравување со утринското кафе за сè добро и не толку добро што сум го доживеала во претходниот ден, за она што претстои, за драгите суштества (луѓе и миленичиња) чија љубов ме заситувала повеќе од какви било достигнувања. Секое утро одвојувам и време за ментални вежби. Подолго од една година не гледам телевизија, но затоа пак го прочешлувам печатот и австралиските информативни интернет медиуми. Веќе две децении не готвам, освен ако за готвење не се смета правење салати и по нешто што не одзема повеќе од 5-6 минути и затоа најчесто ручам надвор. Добар дел од мојот сегашен начин на живеење се состои во читање и патувања. Ме интересира речиси се’ и тоа се рефлектира во изборот на дневни четива: од филозофија, до музика, од наука до митологија, книжевност и манга, лидерство и градинарење, уметност и постанокот на светот, култура и внатрешен дизајн… Заради пандемијата не можам да патувам надвор од земјата и тоа е единственото што во моментов ми недостасува. Затоа пак, се фрлив на уредување на станот во кој се преселивме пред нешто повеќе од една година. Тоа беше и сè уште делумно е вистински предизвик, зашто не е едноставно среде шумски пожари, а потоа и пандемија, да се намали домаќинството за околу две третини. Јас, меѓутоа, сакам предизвици и, и покрај повремените фрустрации, задоволство ми е да барам соодветно катче за секое парче мебел, слика, резба или драг предмет. Во состојба сум да поминам два-три месеци во уредување на една соба и веќе следниот ден повторно целата да ја преуредам.
Навечер имам обичај да пишувам вињети или да гледам на интернет по некоја серија или филм од други поднебја; тоа е и време кога, благодарение на технологијата, разговарам со пријателите расфрлани по светот. Понекогаш се прашувам каде ми врви времето – иако легнувам во 1 или 2 наутро имам чувство дека денот не ми завршил, туку само што ми почнал. Најважно, се’ уште не знам што значи да ти биде здодевно.
ДАЛИ ЖИВОТОТ ВО ТВОЈАТА СРЕДИНА СЕ МЕНУВА НА ПОДОБРО ИЛИ ПОЛОШО И ЗОШТО?
Емилија: Одговорот на ова прашање зависи од тоа која временска рамка и кој објектив ќе употребам, т.е. дали ќе зборувам за промени во подолг или покус период, на макро или микро ниво. Јас сум секогаш свртена кон иднината. Ниту го романтизирам, ниту жалам по минатото. Впрочем, денес ќе стане вчера. И утре ќе стане вчера. Ако почнам да ги санитизирам сите тие вчера од се’ што е грдо и непријатно, животот ќе ми се претвори во еден огромен автоклав за преработка на минатото во слатка носталгија.. Секое лице има и опачина, секое време носи и добро и лошо. Од нас зависи како ќе го прифатиме тоа двојство.
Ако во фокус на леќата го ставам 21 век, мојата перцепција е дека во последните две децении многу нешта се променети на добро, некои го одржуваат своето статус-кво, а некои пак, се свртени или се свртуваат на полошо. На макро ниво, австралискиот национален и културен идентитет еволуираа потаму од изолираноста „долу, испод“, папочната врска со Европа, потаму од песочните плажи, лазурните води и спортската занесеност и тоа го сметам за важен напредок. Брендот Австралија сега означува софистицирани научни и технолошки достигнувања, демографска и културна разновидност, отпорна економија, безбедност, самодоверба. Колку и да ги примаме ранг-листите со резерва, Австралија и австралиските градови во последните десетина години се редовно на или при врвот на светските листи на најдобри земји и градови според квалитетот на живеење. Од друга страна, надминувањето на системските проблеми што сè уште негативно влијаат на третманот и социо-економскиот статус на Првите нации (домородното население) се статус-кво, а промените бавни. Урбанизацијата и глобалното затоплување, во комбинација со експлоатацијата на фосилни горива доведоа до влошување на еколошката состојба. Високите трошоци на живеење, особено астрономските цени на живеалиштата и стагнирањето на платите, вршат притисок врз благосостојбата на просечниот Австралиец и водат до уште поголемо раслојување на општеството и покрај многуте заштитни мрежи на системот за социјална заштита. Зачестените инстанци на домашно насилство и сексуалните испади врз жените се исто така горлив проблем.
КАКО СЕ ИНСПИРИРАШ, КАКО ТИ ДОАЃААТ ИДЕИ ЗА ПИШУВАЊЕ?
Емилија: Извор на инспирација може да биде сè – одживеано, искусено, примено сензорно, или низ процес на рефлексија – но не секоја инспирација се преточува во песна. Трансцеденталноста на инспирацијата, може да доведе до ново спознание, „еурека“ момент, нов поглед на нешто, емоционална реакција, но мотивацијата да го искористам тој момент не нужно ме води кон пишување. Некогаш можностите што инспирацијата ги отвора завршуваат со мисла што станува дел од моите психолошки ресурси. Другпат, тие водат кон визија, идеја, која бара поинаков вид на изразување. Инспирацијата некогаш едноставно е како фотографија што од мене излачува силна емоција. Јас немам постојана потреба секој таков среќен, тажен, вдахновен или каков и да е блесок да го ставам на хартија. И празниот лист има тежина. Поезија пишувам кога потребата од тоа го надминува мојот природен отпор да го споделувам со други најдлабокото во мене. Меѓу две мои песни може да поминат години или часови. Меѓу два збора – денови или секунди. Инспирацијата е каписла што спонтано експлодира.
ДАЛИ МИСЛИШ НЕКОГАШ ДА СЕ ВРАТИШ ВО МАКЕДОНИЈА (ДА/НЕ) И ЗОШТО?
Емилија: Една од убавините на животот е неговата непредвидливост. Пред триесет и три години не сум можела ни да замислам дека ќе живеам на другата страна од светот. Така и сега би рекла дека немам намера да се враќам во Македонија за постојано, а што ќе се случи понатаму, којзнае?
Иако ги загубив сите членови на моето најблиско семејство и немам никаков имот таму, продолжувам да ја посетувам Македонија секоја година (минатата година пандемијата ме спречи во тоа). Контакти со роднините и пријателите одржувам и преку интернет, но секогаш ми е поубаво кога ќе се видам со нив.
Јас сум, меѓутоа, акултурирана и интегрирана во австралиското општество, тука е мојот дом, тука ги остварувам сите свои граѓански права. Сум пропатувала добар дел од светот и за мене, и покрај сите несовршености, Австралија е најдоброто место за живеење. И, да не испуштам, тука е најдоброто кафе во светот. Се чувствувам навистина привилегирана што живеам во организирана, безбедна држава што се грижи за своите граѓани. Во Aвстралија живеат над 270 етнички групи и тоа е една од работите што ми го прави животот побогат. На пример, во населбата во која живеам над 70% од населението е од земји од демографскиот епицентар на светот – Азија и секојдневно учам и уживам во разнообразноста на храната, музиката, културата воопшто. Да бидам искрена, јас во Австралија не се чувствувам како дијаспора. Дијаспора станувам од моментот кога ќе ја пречекорам македонската граница.
Следува дел од поезијата на Емилија што ја одбравме за Везилка:
КОГА УМРЕ ТАТКО МИ
Мајка ми насече малку леб
го намачка со маст
и посипа со сол и црвен пипер
без да направи и најмало движење
нема и правa како сивите линии
на тапетот во собата
која беше наша рана и наш мелем
Колосана кошула
обесена на закачалка збунето
ја бараше исчезнатата топлина
и соодветна вратоврска
со белината негирајќи ја
потребата од светлина
А ние седевме цврсто
на старите дрвени столови
стврднувајќи се како маста
позајмувајќи му тежина на подот
држејќи ја куќата на место
опирајќи му се на ноемврискиот ветер
во отсуство на покрив
чекајќи пулс
ИНТЕРПУНКЦИЈА НА ГРАДИНАТА
Паѓам во розите
како тежок извичник – можеби трн
би рекла неочекувано
небото изгледа повисоко оттука
му кинам парче и го ставам
несмасно меѓу загради
за да се дообјаснам
навистина треба да го забавам дишењето
еден-два
три точки
еден-два
три точки
тревите деликатно ми ја цицаат силата
додека по џебовите барам запирка да ги одвојам
ме свиткуваат во прашалник
што да се прави кога
има толку многу што не знам
Градините ги јадат своите деца
рече мајка ми еднаш
наведната над леата со кромид
ја беше затурила точката некаде
и гласот остана да и’ виси под брадата
Се думам дали ми е време да се исправам
а веќе од дланките ми никнуваат зборови
за кои немам соодветни знаци
Подобро да почекам
да ме проголта песнава
Eмилија Тодорова e родена во Скопје, a од 1989 г. живее во Сиднеј, Австралија. Со новинарско и креативно пишување се занимавала уште пред заминувањето од земјатa. Неколку години соработувала со „Студентски збор“, “Активус” и Третата програма на Радио Скопје, за која, покрај авторските текстови, преведувала и од англиски, српски и хрватски. Учествувала на поголем број поетски манифестации во Македонија и Југославија, меѓу кои и „Млада Струга“, „Мајски поетски средби“ (добитник на две први и една трета награда), „Горданино пролеќе“ (избрана во десетте најдобри млади поети на Југославија), „Бранково коло“ (втора награда на конкурсот за циклус песни) и т.н. Добитник е и на награди за творештво на македонски јазик во Австралија и на англиски јазик во Австралија и САД. Објавувала песни во периодика, а застапена е и во неколку антологии на поезија на иселеници од Македонија. За исклучителни достигнувања во својата кариера добитник е на повеќе признанија, меѓу кои и Орден за општествени заслуги и Златен медал за унапредување на мултикултурните односи во Австралија.
Преведува од/на англиски, бугарски и српски јазик.