Книжевно творештвоМузика и уметностПод друга шапка

Под друга шапка со Звонко Танески – Живееме во динамично време кое редовно носи и непредвидливи предизвици

Везилка Магазин

Македонија ја сакам и во континуитет сум поврзан со неа и на професионален и на приватен план, нема ден да не отворам да прочитам најнови вести од таму, а бескрајно драги ми се и роднините и пријателите без кои животот е, ќе се согласиме, многу монотон и осиромашен…

 

Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.

Во очекување на вашите творечки „шапки“, овојпат просторот му го отстапуваме на наш автор од Словачка. Творечката шапка ќе ја поткрене Звонко Танески – универзитетски професор, поет и преведувач.

 

Опиши еден (работен) ден од твојот живот?

Звонко: Во принцип, секој ден е приказна за себе. Освен тоа што им се исти стандардните ритуали, речиси сите се разликуваат по видот и опсегот на преземениот работен ангажман. Некогаш работата се состои во држење предавања на универзитетот од утро до вечер, другпат во пишување и коректура на научни тектови, потоа во преведување, подготовка на наставен материјал или на апстракти за конференции и симпозиуми и слично. Освен тоа, настојувам да обезбедам секогаш малку време и за одмор, како и за својот приватен живот. Правењето баланс е неопходно, во секој случај, како и добрата организација на времето.

 

Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?

Звонко: Некои нешта се менуваат на подобро, некои на полошо. Тоа е, сепак, мошне релативна работа, бидејќи зависи и од приоритетите што човек индивидуално си ги определува во секоја од фазите на животот, но зависи наедно и од целосната или делумната подготвеност на поединецот за прилагодување односно за прифаќање на таквите промени во конкретната средина. Освен тоа, секој и си го организира животот со надеж или со верба дека така ќе му биде подобро, па ако нештата тргнат по надолна линија, тогаш ја преиспитува одлуката и се решава да постапи поинаку. Живееме во динамично време кое редовно носи и непредвидливи предизвици, па затоа треба да бидеме спремни да се фаќаме постојано во костец со нив.

 

Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеи за творење?

Звонко: Не постои единствен модел за тоа. Обично се инспирирам од секојдневните настани, од преживеаните добри или лоши животни искуства, од новите патувања во дотогаш неоткриените предели што знаат напати да ми ги наполнат батериите и да ми ја освежат меморијата итн. Идеите за творење ми доаѓаат најчесто отпосле, кога малку ќе спласнат впечатоците и кога „умот“ во главата самиот ќе реши да го пушти ситото со творечки пориви што таквите неодамнешни спомени ќе умее да ги претвори во прифатливи книжевни облици. Сепак, во последниве години сум повеќе самокритичен во поглед на објавувањето на своето лично уметничко творештво, така што и воздржаноста понекогаш може да биде добредојдена – како затишје пред бура.

 

Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?

Звонко: Еднаш и се вратив, во периодот од 2011 до 2014 година, но животните прилики, ете, повторно ме натераа да дојдам пак назад од Македонија во Словачка. Никој однапред не знае што му подготвува животот. Како и да е, Македонија ја сакам и во континуитет сум поврзан со неа и на професионален и на приватен план, нема ден да не отворам да прочитам најнови вести од таму, а бескрајно драги ми се и роднините и пријателите без кои животот е, ќе се согласиме, многу монотон и осиромашен. Овие години и поретко патував поради пандемијата, ама секогаш се радувам кога ќе ми се укаже можност за ново одење таму. Засега не планирам да се вратам, ме врзуваат овде за Словачка веќе многу одговорности, обврски и вредности од различен вид, но ако доживеам подлабока старост без многу грижи, тогаш можно е да размислувам и во тој правец. Најважно е здравјето, нели, другите патни посоки и егзистенцијални околности веројатно и самите ќе се наметнат и ќе го кажат својот стаменит збор со текот на времето.

 

Следува дел од поезијата на Танески што ја одбравме за Везилка:

 

НЕБО

Пред да ја прочитам песната на фестивалот
ме предупредија дека
тука се станува ѕвезда. Секако, пост фестум.
Неколку настапи, си помислив, па човек може
да си создаде и небо,
накитено со ѕвезди. Соѕвездие што трепери.

Така е: аплаузот од присутните ќе те понесе,
ќе те вознесе (израз на времето, нели?!),
ќе те воздигне на пиедестал. Потоа, ќе наплаќаш влез
со консумација
(или дегустација на вино), во твоето небо. Не ќе биде тоа
штогоде настан
за останатите,
ќе станеш привилегиран поединец со мистичен карактер.
Сомнителен за повисоките органи, еден од избраните.
Зашто, и небото (рака на срце) е мистерија,
чудо невидено. остро бегство, набиено со шајки.
Враќање во стадиумот на нашите акни.

Пред напуштањето на небото ќе ѝ го вратиш билетот
на насмевката.

Одмаздата лежи на дното од винската чаша –
мило за драго

 

СОБА

Зошто не ми дозволија да си ја заменам собата –
за да се чувствувам поудобно,
кога и критичарите го менуваат личниот метод
за да бидат поактуелни во периодиката?!
Сите се одлучија за светли и пространи соби
со проверено приспособлив мебел,
јас премолчев за едната нова, но тврда фотелја,
иако другата ја немаше воопшто, а требаше да се неделиви,
како што литературата е неделива од науката за неа.
Зошто бев нестандарден во изборот на интимна постела
и не настојував на експериментирање?
Литературата бара свежи љубовни маски за моделирање:
воден кревет, егзотичен партнер, друга боја на кожа, вера,
непредвидлива авантура…
И не зависи сè од тоа, мислев, на која страна гледа прозорецот,
важно е и каде е свртена Таа, кого гледа
и во што се препознава?!
„Во секоја соба има огледало“, па божем и во мојата,
бидејќи и таа, според ниедно правило, не морала да претставува исклучок.
Зошто тогаш главата ми личи на синтагматска оска
кога ми е спружена лесно на перницата,
а станува хипертекст кога насоне пропаѓа длабоко во неа?
Требаше ли, всушност, да ми ја заменат собата?!

 

Звонко Танески е роден на 12 март 1980 година во Кичево. Студирал општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Доктор по филолошки науки, универзитетски професор (Катедра за словенски филологии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Комениус“ во Братислава). Автор е на шест поетски збирки, на шест научни монографии и на огромен број лингвистички, литературни и културолошки студии објавувани на над 20 различни јазици на сите меридијани. Добитник на повеќе книжевни и научни награди ширум светот. Редовен член на Клубот на независни писатели на Словачка и на Словачкиот ПЕН центар. Автор на голем број книжевни преводи од повеќе словенски јазици на македонски јазик. Од словачки на македонски јазик досега превел повеќе од 35 автори – во посебни книжни изданија (Павел Виликовски, Душан Митана, Милан Рихтер, Франтишек Липка, Јурај Шебеста, Петер Шулеј, Јана Бењова, Мирослав Демак, Мартина Стракова, Ивана Добраковова и други). Се јавува и како приредувач и преведувач на хрестоматиите Единство на многугласјето (поглед врз новата словачка литература и култура низ македонскиот превод) и Шестмина словачки поети („струшка антилогија“). За преводот на делото Патагонија од Душан Митана ја освои наградата „Златно перо“ за превод на годината (2012), која ја доделува Сојузот на литературни преведувачи на Македонија; како и престижната награда „Павел Орсаг Хвиездослав“ за исклучителен и квалитетен опус на преводи од словачката книжевност и за нивната презентација и афирмација во светот за 2017 година (доделена од Асоцијацијата на писателски организации на Словачка).

 

Припремил: Владо Јаневски

Везилка Магазин

Напишете коментар