Ме интересира кревкоста на цртежот како потенцијал на медиум за бележење комплексни проблематики, како што е меморијата. Така да, ден кој го почнувам со талкање по сокаци и цртање е убав ден…
Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот му го отстапуваме на наш автор од САД. Творечката шапка ќе ја поткрене Иванчо Талевски – мултидисциплинарен ликовен уметник и едукатор.
Опиши еден (работен) ден од твојот живот?
Иванчо: Со оглед на тоа што живеам и работам помеѓу Битола и Филаделфија, и сум активен ликовен уметник а и воедно предавам неколку предмети на универзитет, спектрумот на можни сценарија околу тоа како би можел да се одвива еден работен ден е доста широк. Ќе се обидам да дадам одговор кој белким ќе има некаква смисла. Ќе се фокусирам кон мојот пристап кон нештата. Се доживувам како љубопитен човек кој не може да биди раат со самиот себе ако не талка, ако не твори. Честопати се наоѓам растргнат помеѓу моето творештво, разни соработки, изложби, иницијативи, проекти на универзитетот на кој предавам и секако, мојот приватен живот. Моментално спремам самостојна изложба во Центарот за Графика во Филаделфија, отворањето е во овој септември. Таму ќе се претставам со нови, цртежи, проекции, печат, инсталација, моја книга, и една за мене многу важна аудио визуелна соработка со Васко Дуковски, македонски композитор, музичар и магионичар на звукот, кој моментално живее и работи во Шангај. Воедно сум во процес на подготовки за самостоја изложба во Националната Галерија во Македонија за следната година. Помеѓу константните ангажмани посветен сум и се трудам да си дадам одредени периоди во годината каде што се изолирам и имам непрекинато време во кое се посветувам на моето творештво, на бесцелни утрински талкања низ сокаците во Битола или Филаделфија, и читање на разновидна литература. Оваа длабоко посакувана непрекината временска рамка за мене многу значи. Овој период кој може да трае помеѓу еден до три месеци, а и подолго, е период на ментално и духовно преуредување, процес за кој мене ми е потребно време. Сепак, времето кое го имаме на овој век е кратко. За жал ние сме фалични битија на две нозе кои се движат кон својата смрт и кои немаат доволно време. Згора на тоа, посебен предизвик е дерегулираниов неолиберален капитализам, во кој сите сме се затекнале. Како лош сон кој навидум е доволно добар и кој навидум без крај ќе трае, како октопод ни се наврел на врат и стега ли стега со краците свои, и залага калкулирана продуктивност, амбициозност и ефективност. На човека единствено му останува да се бори за здив. За парче време. За да најде момент да собери храброст и самиот да се запраша, зошто е, што прави на светов земски и што направил со животот свој. Во Апологијата на Сократ, Платон напишал: „Животот кој е неистражен, неиспитан, не вреди да се живее.” Парафразирам. Потребна е храброст да самиот себе човек се преиспита, да размислува отворено и критички, кон себе и кон нештата околу себе. Верувам дека мојата работа во доменот на ликовната уметност ми овозможува да сум константно приклучен во тој процес на преиспитување. Да се навратам на муабетот околу работниот ден. Пак ќе кажам, зависно од тоа каде се наоѓам, ритамот на еден работен ден е различен. Пред да творам, еве на пример во Филаделфија, од рани зори одам на бесцелни долги прошетки низ сокаци и во различни маала, често низ места на кои не сум бил. Гледам како и каде живеат луѓето, како е осмислен просторот во едно место и како тоа тој народот живее. На некој начин тоа е слика или производ на еден ментален склоп, со сите свои убајни, мани, и трауми. Траумите многу ме интересираат. Чудесно е колку влијаат на нашето ментално обликување. Додека пешачам низ улици познати и непознати, думам за нештата под асфалтот кој го газам. Филаделфија е град богат со историја, и чудесна, и мрачна. Во Филаделфија се и почетоците н процесите кон државноста на САД, тука е потпишана познатата декларација за осамостојување на САД. Така да доста знаменитости низ градот се повикуваат на таа историја, а во меѓувреме други истории се пикани под тепих, со векови, со децении. Поради големата градежна експанзија во последните десет години, чести се појавите да градежните работници наидат на збришани, потрупани и затрупани вечни почивалишта на лица од црнечката популација или од домородното население. И така тоа во последно време, таа под тепих пикана историја се почесто ни се истура пред нос, по улици, со протести, со дуќани запалени, поради гневот што некои работи, како што е институционалната опресија врз црнечката популација, сеуште трае. Преку тие мои прошетки јас учам да обрнувам внимание. Чоек ништо не прај без да е способен да обрни внимание. Истото го правам кога сум во родната Битола. И таму од 91та па навака куп истории се збришани, со градби бедни и гломазни. Ко небаре машина за ништење убајна сме станале. Глетките кои ги прибирам стануваат дел од моето памтење, мојата меморија. Ги носам со себе како би потикнале прашања – за минатото, за сегашноста и за иднината. И преку цртеж се трудам да ги забележам. Според мене цртежот, односно ликовното изразување е филозофска активност. Знајте, нашиот старец, Марко Цепенков, кој бил кројач по занает, одел по селана и градовите и си бележел, де песни, де приказни, де преданија, де цртежи. Фантастични се неговите цртежи. Мене тоа ме интересира, кревкоста на цртежот како потенцијал на медиум за бележење комплексни проблематики, како што е меморијата. Така да, ден кој го почнувам со талкање по сокаци и цртање е убав ден. После тоа гледам да другарувам.
Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?
Иванчо: Мојата средина која и да е, е дел од еден поголем еко систем. Пандемијата не потсети за тоа. Сериозно сум загрижен околу нештата. Пандемијата чинам е само генерална проба за предизвиците кои ни престојат. Неспремни и несолидарни испаднавме едни кон други и продолжуваме да сме. Климатските промени, империјализмот кој е сеуште жив, чуството на збунетост на толпата и сериозно фрагментираните општества, отсуството на имагинација за тоа како да организираме достоинствен живот едни за други, улогата на дезинформациите, манипулирањето со правдата од страна на политичките елити, бегалските бранови… Очигледно потпирањето врз постоечките политички системи не ветува некаква надежна иднина. Бруно Латур во својата книга „Down to Earth” предупредува како тоа политиката е испразнета од секаква супстанца, значење и правец. Ни глобалистичките ни локалните агенди не се материјал кој е траен за предизвиците кои се пред нас. Небаре се одново треба да се исцрта зашто очигледно животот каков што е и продолжуваме да го живееме не е одржлив. А во меѓувреме пред очи ни се меткаат ликови како Трамп, Бајден, Заев, Борисов, листата продолжува. Нивото е доста ниско.
Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеи за творење ?
Иванчо: Идеи везден имам, некои се лоши, некои не толку. Постоењето само по себе е комплицирана работа, така да секое прашање поврзано со постоењето и целта на животот се континуирана инспирација. Би рекол, предизвикот е да ги препознаеме вистинските прашања околу нештата. Зашто не постојат само погрешни одговори, туку и погрешни прашања.
Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?
Иванчо: Јас самиот заминав од Македонија на 15 години. Добив стипендија да се школувам во САД, каде го завршив моето образование. Животниот пат ме однесе во Филаделфија, каде од 2008 па навака предавам неколку предмети при Факултетот за Ликовни Уметности и Дизајн при Универзитетот на Пенсилванија. Американската писателка Гертруда Штајн напомнала дека: „корењата си ги носиме со себе каде и да одиме.” Секако, секој различно го доживува и живее тоа, поради различни причини. Јас самиот на некој начин ко да живеам во некој помеѓу-простор помеѓу Битола и Филаделфија. Поселдниве 9 години, 3 до 4 месеци, а некогаш и подолго, ги поминувам во Македонија. Во ек на пандемијата водев виртуелни предавања од Битола на Универзитетот на Пенсилванија. Долго време сум се посветил да најдам начин за така да го организирам својот живот, зашто во мене постои таков порив. Моментално не можам да си го замислам животот без моето ателје во Битола. Одбивам да живеам еднодимензионален живот. Уметник сум и работа ми е да ги комплицирам нештата, така да и самото мое постоење и припаѓање. И разбирам дека тоа е позиција на привилегираност, и мој личен експеримент, за мене како автор исклучително важен.
Следуваат неколку проекции на цртежи во простор од богатиот опус на Талевски, изработени во Битола, 2021, што за оваа прилика ги одбравме за Везилка:




Иванчо Талевски e мултидисциплинарен ликовен уметник и едукатор кој живее и работи помеѓу Битола и Филаделфија, САД. Талевски користи стратегии на цртеж, печат, сликарство, звук и инсталација со цел да го комплицира поимувањето на минатото како материјал, за да евоцира прашања околу индивидуална и колективна меморија, историја и припаѓање, нивното бележење, опстојување и бришење. Делата и проекти на Талевски биле презентирани низ бројни интернационални музеи, галерии и изложби, како Центарот за Цртеж во Њујорк, Центарот за Графика во Филаделфија, Музејот на Графика во Гуанлан во Кина, Интернационалниот Центар за Графика во Њујорк, Музејот за Уметност на Сеул, Кореја, Тајгер Страјкс Астероид (Tiger Strikes Asteroid) во Лос Анџелес, галериите Наполеон, Синди Етинџер и Артур Рос во Филаделфија, H18 во Брисел, Националниот Музај за Уметност во Тајван, Графичкото Триенале во Краков, Полска, Сакима Музејот за Уметност во Токио, и многу други. Талевски е добитник на бројни награди, признанија и грантови од различни фондации и институции, како Сакс Фондацијата за Иновација во Уметноста во Филаделфија, добитник е на победнички медал на Графичкото Биенале во Гуанлан, Кина, бил наградуван од фондациите Полок Краснер од Њујорк и Елизабет Гриншилдс од Канада. Од 2008та па навака тој предава цртеж, сликарство, графика, и мултидисциплинарно студио при Ликовниот Факултет при Универзитетот на Пенсилванија, (Weitzman School of Design University of Pennsylvania,) во Филаделфија, САД. Талевски магистрирал при Факултетот за Ликовна уметност при Школото за Дизајн при Универзитетот на Пенсилванија во Филаделфија, (Weitzman School of Design University of Pennsylvania), а дипломирал на ликовната школа на Мериленд Институтот за Уметност, (Maryland Institute College of Art), во Балтимор. Талевски го започнал своето формално ликовно образование при Школото за Применета Уметност, Лазар Личеновски во Скопје а го продолжил на Академијата за Уметности Интерлокен (Interlochen Arts Academy) во Мичиген, САД.