Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме македонските автори кои живеат надвор од Македонија да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот му го отстапуваме на наш автор од Шведска. Творечката шапка ќе ја поткрене Ивица Челиковиќ – поет, раскажувач и преведувач.
ОПИШИ ЕДЕН (РАБОТЕН) ДЕН ОД ТВОЈОТ ЖИВОТ?
Ивица: Моите работни денови можат да бидат мошне различни, според содржината и работните задачи, но во основа самиот се грижам за работната шема. Или, поинаку речено, немам шеф во моја непосредна близина. Навикнат сум да работам самостојно и да бидам често во движење. Еден мој обичен ден започнува со следење на најнови вести, на шведски и македонски портали и информативни страници, а потоа обично заминувам на некое толкување, односно преведување во шведска институција, државна или општинска. Дел од моите работни обврски се однесуваат на преведувачки активности како авторизиран преведувач од шведски на македонски. Потоа е можно еден или два часа да посветам на преведување на некој роман од шведски на македонски. Досега имам преведено над четирисет дела од шведски автори. Работниот ден може да содржи и еден час што го посевтувам на активностите на нашата иселеничка организација овде во Шведска, односно на Македонскиот сојуз во Шведска, всушност сојуз на македонски друштва и клубови, каде што ја извршувам функцијата секретар и одговорен за административната и информативната дејност на централно ниво. Тука се и некои други активности, поврзани со мојот новинарски ангажман, колумните што ги пишувам за македонски медиуми. Има и помирни денови, а во таквите мигови веројатно наоѓам и малку време да размислувам околу сопственото литературно творештво. И да се посветам малиу и на семејството, се разбира.
ДАЛИ ЖИВОТОТ ВО ТВОЈАТА СРЕДИНА СЕ МЕНУВА НА ПОДОБРО ИЛИ ПОЛОШО И ЗОШТО?
Ивица: Живеам во Гетеборг, втор по големина урбан центар во Шведска, со околу 600.000 илјади жители, нешто повеќе со околината. Градот излегува на море, на западниот шведски брег, и е тринаесто по големина пристаниште во светот. Познат е во глобални рамки по големите индустриски капацитети, пред сè „Волво“ и „СКФ“, но и според боагатиот културен живот и туристичката понуда. Најголемиот забаваен парк во Скандинавија, „Лисеберг“, се наоѓа во Гетеборг, а овде се одржува и најзначајната саемска книжевна манифестација во овој регион. Поради пандемијата, сето тоа, се разбира, засега е во мирување, но духот на градот, како модерен сублимат на повеќевен развој, сигурно нема да исчезне. Се преселив овде кога наполнив 30 години. Сега сум веќе сосема адаптиран на овдешниот ритам на живеење, и, по Скопје, го чувствувам Гетеборг како втор град за кој трајно сум врзан. Инаку, промените кои се случувале низ годините оставиле траги во овдешната урбана култура, посебно кога станува збор за големиот прилив на мигранти од различни делови на светот во последните децении. Тоа во некои населеби во градот драстично ја има сменето социјалната структура, која е проследена со зголемување на криминалот, улични гангстерски пресметки и девијантни однесувања, но и е едно динамизирање на мултикултурниот амбиент кој постојано пулсира во разни сегменти на градското живеење.
КАКО СЕ ИНСПИРИРАШ, КАКО ТИ ДОАЃААТ ИДЕИ ЗА ПИШУВАЊЕ?
Ивица: Инспирацијата за пишување ја чувствувам на различни начини. Но не сум, и никогаш не сум ни бил, опседнат со некаква потреба постојано да бидам инспириран за да седнам и пишувам. Чувството да ставам, или, подобро речено, да преточам некоја мисла на хартија, се случува едноставно кога ќе се случи. Пишување поезија дозволува во извесна смисла пофрагментарен пристап и собирање на расфрлани трошки по патот за да се состави целина кој ќе функционира како впечаток и доживување, но прозното творештво бара поголема концентрација и структура. Најмногу ме интересираат иселеничките искуства и теми, посебно кога се создаваат посложени искуства кои ги надминуваат тривијалните претстави за печалбарското самосожалување. Артикулирање на тие чувства, кои произлегуваат од бранувањата предизвикани од трансформациите на иселеничкиот идентитет, проткаени со очајување, кошмарни сништа, отуѓеност, но и нови почетоци, случајно откриени квалитети и надежи, се прашања на кои во литературата често им се навраќам.
ДАЛИ МИСЛИШ НЕКОГАШ ДА СЕ ВРАТИШ ДА ЖИВЕЕШ ВО МАКЕДОНИЈА (ДА/НЕ) И ЗОШТО?
Ивица: Земајата на потеклото, родната грутка, е нераскинлив дел од иселеничкиот идентитет. Спротивен пол врз кој се потпира новото. Во Македонија патувам често, (моментно поретко во услови на пандемијата), а тоа ќе го правам и во иднина. По природа сум европоцентрист, односно најдобро се чувствувам во Европа. Со модерните комуникации човек сепак не се чувствува повеќе толку оддалечен од „дома“, иако станува сè потешко да се прецизира што е тоа што му дава на човека сигрност во прецизирање на чувството на припадност кон она што го нарекуваме „дома“. Во Скопје секако се чувствувам дома, иако ми пречи што многу нешта не функционираат според секојдневните потреби на модерното урбано население. Верувам дека во иднина ќе успеам да одвојам повеќе време за повторно да се соединам со животот во Македонија, иако знам и длабоко сум свесен дека тоа веќе ни од далеку не е оној живот од која се „иселив“ пред три децени. Еден краток човечки живот е постојано означен со навраќања и реминисценции, но и со нови почетоци. Јас сум секогаш повеќе склон кон ова второво.
Следува дел од поезијата на Ивица што тој ја одбра за Везилка
ПОСНА ЗЕМЈА
Во тие градови,
немирни и блескави,
во кои никој вистински не влегува
и каде што несовршенството на сонот
вешто се притајува
со зборови изговорени
кои одеднаш треба да бидат нешто друго, —
во нив книгите вистината не ја кажуваат
кога рацете наспроти ветерот ги креваме,
скокајќи по трагите на времето
што големите реки ги однесоа —
Волга, Дунав, Висла, Лоара
И рововите ги прескокнавме,
изморени од вкусовите на непознати плодови,
се прашуваме дали наназад можеме да зачекориме
по цветните булевари што во тунели се претвораат,
во преобемното време со детски илузии купено,
и знаеме
дека во деловите од зборот кој значење губи
во Рилкеов простор кружен,
во бранови на самотија
еден од друг многу се оддалечуваме,
нашите животи итаат низ темнините
на сопствениот разум кој во ќорсокакот назад погледнува
А оној што е наш сосед, и нивен, и ваш,
прашува: “Зошто да продолжиме?“,
не сфаќајќи дека сомневањата не се доволни
за светлината да ја сокриеме
и надежта да ја запознаеме
зад сопствениот рид соголен,
толку близок
и таинствен
ИВИЦА ЧЕЛИКОВИЌ (1962, Скопје). Автор е на десетина авторски дела, поетски збирки и романи: Школки во рацете (поезија, 1990), Долги граници со небото (поезија, 1992), Метаморфози на патот (поезија, 2002), Зад источната линија (роман, 2004), Возови во пајакова мрежа (поезија, 2006), Праг и огледало (поезија, 2008), Во ѕидот знак (поезија, 2010), Сенки на северот (избор од поезијата, 2013), Skuggor bakom muren (поетски избор во превод на шведски, 2014), Седмиот ден (роман, 2014), Во друга светлина (поезија, 2015), Војници во гумени чизми (роман, 2016), Луѓе без минато (роман, 2018).
Преведува шведска литература на македонски. Превел четириесетина дела од познати шведски писатели, меѓу кои од Аугуст Стриндберг, Селма Лагерлеф, Хари Мартинсоен, Торгни Линдгрен, Биргита Тротциг, Гунар Екелоф, Астрид Линдгрен, Ласе Содерберг, Микаел Ниеми, Јонас Хасен Кемири. Катарина Фростенсон. Фредрик Бакман и Хелена Хеншен. Превел и еден роман од норвешки од Кирсти Блум. Преведува и македонска литература на шведски. Составувач е на антологијата “Македонска поезија“ што во негов превод на шведски е објавена во 2005 година.
Завршил Интердисциплинарни студии по новинарство во Скопје. Студирал и на Институтот за новинарство и масовни комуникации во Гетеборг, Шведска, каде што живее и работи. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1990 година. Од 2003 година е член на Сојузот на шведските писатели. Негови песни се преведувани на англиски, шведски, српски и персиски. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои Млада Струга, Златно перо, Иселеничка грамота и Стојан Христов. Добитник на петгодишна работна стипендија за периодот 2016-2020 година од шведскиот Писателски фонд, која му е доделена за неговото авторско творештво, како и за посебниот придонес во преведувањето на шведската литература на македонски јазик.