Си ветив себеси веднаш да запишувам доколку ми дојдат стихови, затоа што подоцна ги заборавам. Честопати пишувам среде ноќ, набрзина, за неколку минути. Тогаш просто како умот да ми диктира, па утрото кога ќе се разбудам не ми се верува дека воопшто јас тоа сум го напишала…
Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот ѝ го отстапуваме на наша авторка од Германија. Творечката шапка ќе ја поткрене Илина Јовановиќ (Јаковчевска) – поетеса, педагог и активист.
OПИШИ ЕДЕН (РАБОТЕН) ДЕН ОД ТВОЈОТ ЖИВОТ?
Илина: Деновите најчесто ми започнуваат прилично релаксирано. Станувам секогаш час порано од планираното време, па така тој час ми е подарок. Со оглед на тоа што работното време ми започнува најрано во 10 наутро, а најчесто во 12 напладне, имам време претходно да се посветам на семејството и домашните обврски. Потоа заминувам на работа каде уште во училишниот двор ме пречекуваат дечињата, трчаат со раширени рачиња и викаат на сиот глас: Илинааааааа…! Не сакам да ме викаат госпоѓа Јовановиќ. Блискоста кај децата ја снемува кога ќе речат – госпоѓа. Во моментот кога викаат Илина исто е како да викаат: мама. Таа радост во нивните очиња ми дава енергија која мора само да се доживее.
Секогаш се трудам денот да им го направам незаборавен. Некои дечиња преку неделата поминуваат повеќе време во училиштето отколку дома. Секогаш ги почитувам нивните потреби. Заедно пишуваме домашни задачи, читаме и играме. Еднаш неделно одржувам секција “Вредни Раце” каде многу од нив ги научив да плетат, па дури и момчиња. Навечер читам, пишувам или уживам со семејството, пријателите и чаша добро македонско вино.
ДАЛИ ЖИВОТОТ ВО ТВОЈАТА СРЕДИНА СЕ МЕНУВА НА ПОДОБРО ИЛИ ПОЛОШО И ЗОШТО?
Илина: Некои работи се подобруваат, други одат на полошо. Честопати умеам да кажам дека „и секое лошо за добро е” се додека лошото не ги гази моралните вредности. Поради пандемијата финансиски страдаат многу бизниси. И луѓето некако како да станаа поарогантни, не дај боже да се доближиш малку до некого. Неодамна ми се случи на доктор да се закашлам, сите очи веднаш се вперија во мене. Дури и една жена ме опомена како се осудувам да кашлам. Но, секако има и добри страни, имаме повеќе време за најблиските дома. Времето поминато со нив стана многу поскапоцено. Исто и самите себе си како повторно да се пронајдовме. Мислам дека никогаш немаше повторно да му се навратам на творештвото ако не беа оние подолги периоди затворање дома за време на пандемијата.
КАКО СЕ ИНСПИРИРАШ, КАКО ТИ ДОАЃААТ ИДЕИ ЗА ПИШУВАЊЕ?
Илина: Ако морав да одговорам кратко, одговорот ќе беше: “не знам”. Но, секако, најголема инспирација ми даваат љубовта, вербата и животот, а и колку да звучи необично – дури и смртта може да инспирира.
Може да ме инспирира чекањето на ред во продавница на каса, паднатата паричка на патот која ќе ми светне во очи и носи среќа или една навезена кошула. Секако има и периоди кога немам инспирација, па не пишувам ништо – и не морам.
Си ветив себеси веднаш да запишувам доколку ми дојдат стихови, затоа што подоцна ги заборавам. Честопати пишувам среде ноќ, набрзина, за неколку минути. Тогаш просто како умот да ми диктира, па утрото кога ќе се разбудам не ми се верува дека воопшто јас тоа сум го напишала. На пример додека го пишував својот прв роман за мене беше како да гледам серија. Одвај чекав да дојдам од работа, да седнам да пишувам и да видам што ќе се случи понатака во следната епизода. Многупати веќе сум испланирала во која насока ќе оди приказната, но на крајот сум изненадена кога сосема поинаку ќе се случуваат нештата.
ДАЛИ МИСЛИШ НЕКОГАШ ДА СЕ ВРАТИШ ВО МАКЕДОНИЈА (ДА/НЕ) И ЗОШТО?
Илина: Не, не планирам да се вратам. Тука веќе имам семејство и знам да се снајдам во овдешното опшество. Имам прекрасни пријатели кои прават да се чувствувам како дома. Ми се допаѓа системот во Германија: здравството, можностите што им се пружаат на моите деца, а најмногу то што не им „паѓа“ системот. Редовно гледам да поминам извесно време и во мојата татковина. Скоро целата фамилија ми е во Македонија, таму се и другарките од детството кои ми се како сестри и со нив ми е секогаш убаво. Како што реков, не планирам да се вратам, што не значи дека некогаш, во други околности, и не би се вратила.
Следува дел од поезијата на Илина што ја одбравме за Везилка:
КАКО ПАРИЧКА НА ПАТ НАЈДЕНА
Среќа ти бев, знам,
како паричка на пат најдена,
ништо не менува
но те радува.
Велат среќа носи.
Ни повеќе ни помалку богат си.
Џебот само за една паричка потежок е,
ама во градите планина тешка
од радоста кога ќе ме најдеш.
Ненадејно,
непланирано,
ќе ти светнев како паричка на пат најдена.
И ќе се насмееше,
широко ќе ја искривеше устата,
па како да потскокнуваше од среќа,
срцето ти трепереше
чиниш ќе истрча пред тебе.
Не се наведнуваше да ме земеш,
во џебот на срцето твое да ме ставиш.
Знаеше ти добро
не бев јас за џебови родена
со други парички да бидам скриена.
Знаеше, ќе ме изгубиш.
Ме оставаше
да ме најдеш повторно.
Случајно,
Ненадејно,
како паричка на пат најдена,
да ти светнам,
очите да не ги тргнеш од мене
и пак да ме оставиш
за да ме најдеш.
Нешто повеќе за Илина:
Јас сум Илина Јовановиќ (Јаковчевска). Веќе 17 години живеам „под друга шапка“ во Германија. Ги сакам децата и работата со нив. Животна желба ми беше да бидам наставничка и заедно со нив да твориме. Иако во Македонија веќе студирав на педагошкиот факултет во Скопје, се одлучив за љубов и на 20 години го напуштив факултетот – заминав за Германија. Отрпвин сè што знаев од германскиот јазик беше да бројам до 10 и да кажам „те сакам”, но се потрудив да го научам јазикот и со многу труд и желба за напредување повторно запливав во водите на педагогијата. Веќе 10 години работам како воспитувачка во основно училиште со дневен предстој. Со децата заедно твориме на многу јазици. Им оставам и создавам простор на децата од многу националности да научат да ги сакаат буквите и да ни ги раскажат нивните обичаи и традиции.
Љубител сум на уметноста, фолклорот и музиката. Исто така работам на проекти „Помогни ми кога сум тажен/на”, “Животот и смртта”и неуморно сум посветена на деттските емоции. Редовно посетувам семинари за актуализирање и подобрување на методиката во педагогијата. Имав можност преку проектот „Комениус “, во кој учествуваше мојата ќерка, да отпатуваме во Валенсија -Шпанија. Интересно беше да се види како таму изгледа еден училишен ден, односно една цела училишна недела.
Активист сум за поместување па и рушење на некои наметнати предрасуди како на пример споредување на народи, вери, опшества и вкусови во негативен контекст.
Уште од рана возраст пишувам поезија и кратки раскази, но неодамна посериозно му се вратив на пишувањето и очекувам наскоро да излезе од печат мојот прв роман.