Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот ѝ го отстапуваме на наша авторка од Шведска. Творечката шапка ќе ја поткрене Лидија Линдоф – поет, раскажувач, преведувач.
ОПИШИ ЕДЕН (РАБОТЕН) ДЕН ОД ТВОЈОТ ЖИВОТ?
Лидија: Работам како академски кариерен советник при Универзитетот во Лунд и поради пандемијата долго време работам оддома. На сите ни донесе големи промени оваа состојба но сепак одлично работам оддома благодарение на дигиталната технологија што сите не принуди да ги видиме неискористените можности за работа и за комуникација. Мојата работа се состои од административни програмски задачи, разговори и советувања на студентите, совети за професионална определба. После работа гледам да го правам она што ме радува, шетам покрај морето, фотографирам, работам во градината и дворот… навечер седнувам со преведување и пишување, обично во подоцните часови кога слегнал мирот во домот. Најкреативна сум навечер.
ДАЛИ ЖИВОТОТ ВО ТВОЈАТА СРЕДИНА СЕ МЕНУВА НА ПОДОБРО ИЛИ ПОЛОШО И ЗОШТО?
Лидија: Живеам во селото Викен, во јужна Шведска. Селото е покрај море и блискоста до водата, бреговите, плажите и свежиот воздух многу ми се важни. Сите добро знаеме колку е штетна напнатоста во животот и ограничувањата со кои што денес сите се соочуваме, но произлегоа многу позитивни нешта од оваа криза: посензибилни сме, повнимателни, успоривме темпо и многумина принудно се соочија со себе и што тоа значи да живееш полносвесно и присутно.
КАКО СЕ ИНСПИРИРАШ, КАКО ТИ ДОАЃААТ ИДЕИ ЗА ПИШУВАЊЕ?
Лидија: Сè околу нас има потенцијал за креативност и ни дава инспирација ако само бидеме отворени за примање. Постојано наоѓам инспирација во читањето литература. Љубопитна сум каков е гласот на авторот и на кој начин одбира да ни ја опише сцената или мигот. Кога пишувам истражувам што сака да се манифестира во моето пишување и во кое руво да го облечам тоа што сака да биде – сè е во креативна игра со изворни елементи од етнологијата, антропологијата, будизмот, јогата и медитацијата.
ДАЛИ МИСЛИШ НЕКОГАШ ДА СЕ ВРАТИШ ВО МАКЕДОНИЈА (ДА/НЕ) И ЗОШТО?
Лидија: Ако дозволат приликите и можностите би сакала почесто да ја посетувам Македонија бидејќи не сум ја разгледала доволно. Сакам да дознаам повеќе за своето потекло кое го имам и од западна и источна Македонија, имам голема потреба да ги испитам сопствените корени. Студирав и работев во Македонија 13 години, запознав прекрасни луѓе што ги отворија своите домови за мене како вистински браќа и сестри, секогаш ќе останат нераскинлив дел од мене и моето минато, сите тие се за мене Македонија. Не знам дали ќе се вратам во Македонија, но во секој случај знам дека ѝ припаѓам и затоа сакам да придонесам со својата работа во сферата на културата и литературата.
Следува дел од поезијата на Лидија што ја одбравме за Везилка:
ПРИСОЈНИ ЛИВАДИ
Врати ми ги топлите дождови
да замириса заспаното време
по присојните ливади…
оддалеку се слуша букот
од зборови неискажани.
***
ЌЕ СЕ СТОПАМ
Знаев ме следеше.
Било да се враќав од некаде,
или некој да испраќав.
Ќе ме следеше
ќе стоеше така на балкон
и кога ќе те здогледав
ќе кимнеше
молкум.
Рече, ќе ме чекаш
ама не бев јас
таа што те имаше.
Рече, ќе ме чекаш
да те дочекам
да рѓосаат
и попуштат оковите
на едно старо ветување.
Во жешкото лето
мислите ми се ширеа
низ деновите
во тромава омарина.
Потокот што течеше
покрај моите нозе се исуши
а ноќе ѕвездите низ градите
ми се провираа.
И ќе замижев.
Ќе знаев…
дека ќе се стопам
со ѕвездите
за да си простам
што не умеам
да заборавам.
***
ПОРАКА НА ДУШАТА
Дури и среде длабоко страдање
поздрави ја и поклони се
и ако те носи по голи сокаци
каде желби гризат позлатени сни
и каде зад неосветлени порти
се коваат сребрени златници
дури и тогаш верувај ѝ
оти срцето милува
оти душата расте
дури и среде длабоко страдање
поздрави ја и поклони се.
Namasté
***
Лидија Линдоф (р. Крагуевска) е родена во Битола (1963), во Шведска се преселила во 1964 година. Таа е поет, раскажувач, преведувач. Дипломирала за проф. по англиски јазик и литература со преведување, магистрирала на Европски студии со меѓународни односи, завршила и студии по социологија, право и креативно литературно пишување. Таа е дипломиран професионален кариерен советник и дипломиран инструктор по медитација на самосвест (Mindfulness meditation). Работи како академски советник при Универзитетот во Лунд, Шведска.
Лидија Линдоф е преведувач и издавач на Присојна ливада (WordAbout, 2002) од Астрид Линдгрен. Автор и издавач е на учебникот за македонски јазик за шведска публика Povelete! Makedonska för nybörjare (Pranava Publishing, 2015). Првпат објавува песни во антологијата Симфонија на срцето 3 (Златно перо, 2017) и Симфонија на срцето 4 (Златно перо, 2020). Учествува како поет и преведувач во поетскиот зборник со современа поезија на македонски и шведски јазик, Калемење на светлината/Det ympade ljuset (Златно перо, 2019). Во 2019 првпат излегува со самостојна збирка со поезија и хаибун, Во будење (Pranava Publishing, 2019), со која што осликува духовни согледувања и трансформација на душата.