Правам тоа што го сакам и е прифатено од публиката, немам никакви предрасуди…
Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот ѝ го отстапуваме на наша авторка од САД. Творечката шапка ќе ја поткрене Мира Митрова – мултидисциплинарен ликовен уметник.
Опиши еден (работен) ден од твојот живот?
Мира: Како изгледа еден мој работен ден… секој ден ми е различен… станувам во 7:30 го пијам утринско кафе, ја спремам керка ми за во школо… во 9 веќе почнувам со работните обврски, најпрвин земам лист и ја пишувам агендата за денешниот ден што треба да завршам! Најчесто секој ден цртам од 9 до 2 попладне, заинтересирани колектори што сакат да ја видат мојата работа го посетуваат моето студио и нормално тука се и сите административни работи во текот на денот што треба да ги завршам, како ажирирање на веб страната, фотографирање на слики, нивен опис, прикачување онлине и одговарање на телефонски повици и меил. Потоа ја земам керка ми од школо во 3, следува ручек и од 4 до 5 имам клас/работилница со студенти по сликарство… во 5 завршувам со работа.
Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?
Мира: Можам да кажам на подобро… зошто? Правам тоа што го сакам и е прифатено од публиката, немам никакви предрасуди… јас сум артист со полно работно време… исто така многу голем личен успех за мене е што љубителите на уметност во Америка веруваат во мене и имам целосна поддршка од нив… исто така моето студио доби награда за најпосакуван уметнички центар во Њу Џерси од страна на моите студенти.
Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеи за творење?
Мира: Тоа е божја работа… се случува неочекувано, кликнува… Мојата керка ми и е доста голема инспирација, од неа многу учам… имам исто многу голема поддршка и од мојот маж што е за восхит… морам да кажам имам поддршка и од моите студенти, тие ми ја даваат убавата енергија.
Јас не почнувам со конкретна идеја… го поставувам празното платно и ме води енергијата и интуицијата… поврзување со самата себе и природата… тоа ме прави да сум оригинална… овој мој метод го применувам и на луѓе кои сакаат да се пронајдат самите себе и да ја исчистат негативната енергија што се создава од секојдневните притисоци! Ова е еден корисен линк https://www.art-mira.com/artretreat
Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?
Мира: Македонија е многу убава земја…јас секогаш сум отворена за Македонија, не можам да кажам да или не…секогаш одговарам.. енергијата како ќе даде… не си поставувам граници…
Следува чекор по чекор изработка на една од креациите на Мира Митрова кои потсетуваат на потсвесните мистерии закопани длабоко во легендите и фолклорот.
Мира Митрова е родена во Македонија каде студирала графика и графички дизајн на Факултетот за ликовни уметности/Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2004 година е наградена со Македонска национална награда за плакат за 60-годишнината на Република Македонија.
Мира Митрова е наградувана уметница која ги изложувала своите дела низ светот на уметноста вклучувајќи ги Париз, Берлин и Њујорк. Таа е македонско-американска сликарка која живее и работи во Њу Џерси, САД. Покрај тоа што е активен уметник, Мира е и основач на Арт Мира Студио, во САД. Арт Мира Студио е уметнички бизнис концепт што обезбедува процеси, интерактивни уметнички работилници и програми за возрасни и за деца.
Ова е нејзината веб страница: https://www.art-mira.com
Припремил: Владо Јаневски