Кога творам морам да слушам музика, складна со тематиката на која работам. Во моментов привршувам сценарио за долгометражен игран филм и за инспирација го слушам Кит Урбан.
Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот му го отстапуваме на наш автор од Австралија. Творечката шапка ќе ја поткрене Омер Зекировски – режисер, монтажер и сценарист.
Опиши еден (работен) ден од твојот живот?
Омер: Мојот работен ден започнува во 10 часот наутро. На работа се појавувам 10 мин. пред моето работно веме, чисто да има време да си направам кафе, да поразговарам со колегите. Потоа го проверувам работниот меил и се појавувам на првиот состанок со продукцијата каде правиме план за неделата која следи. Потоа седнувам на компјутер и продолжувам со видео монтажа на проектот што сум го оставил од петокот или почнувам да монтирам нов проект, така до 5 часот попладне. Во меѓувреме се појавувам на сет (во студио) ако има потреба од консултации. Тоа е отприлика еден мој работен ден.
Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?
Омер: Животот во моментов стагнира после новата реалност што ја искусивме со ковид ситуацијата. Не можам да се пожалам, па и да се пофалам. Но, споредувајки се со повеќе земји од Европа, мислам дека поминавме солидно.
Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеи за творење?
Омер: Инспирација ми е музиката. Кога творам морам да слушам музика, складна со тематиката на која работам. Во моментов привршувам сценарио за долгометражен игран филм и за инспирација го слушам Кит Урбан.
Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?
Омер: Многу тешко прашање. До пред една година бев сигурен дека еден ден ке се вратам, но откако го изгубив татко ми, некако мислењето ми се промени. Не сум се вратил од кога го нема, не знам како ке го прифатам неговото отсуство, мајка ми ќе се пресели тука и… Можеби еден ден ќе се промени мислењето, но дотогаш ќе се враќам само за одмор.
Следуваат неколку видео проекции од богатиот опус на Омер, што за оваа прилика ги одбравме за Везилка:
One step ahead
Omer Zekirovski ’21
Showreel ’21
Омер Зекировски – роден 1982 во Битола, Р. Македонија. Основно и средно образование завршено во Битола, во 2002 се запишувам на факултетот за Драмски уметности во Скопје, на Катедрата за филмска и ТВ режија во класата на професор Столе Попов. Почетоците на филмската и ТВ режијата започнуваат во телевизија Тера каде работам на играни и документарни проекти. Мојот прв среднометражен игран филм „Денови за паметење“ го снимив 2001 година во продукција на ТВ Тера, после тоа работев на краткометражни играни и документарни филмови, тука е и долгометражниот документарен филм „Верувале или не“, потоа се појавувам како асистент на режија на долгометражниот документарен филм за Кемал Ататурк во режија на Мицко С. Апостоловски. Почнувајки од 1997 година, работев како режисер на аматерски театарски претстави, почнувајќи во драмското студио „Оскар“, па и во „Солза и Смеа“. Во 2008 год се појавувам и како асистент на камера во серијата „Збогум Румелија“, каде работам пет месеци и веднаш после тоа се селам за Австралија.
Во Австралија сум од декември 2008 . Тука завршувам магистратура на Digitalna Media во Raffles колеџот во Сиднеј. Во Австралија снимив четири мои краткометражни играни филмови “Wrong Game“, “One step ahead”, “The Lake” и “Long Awaited Guest” и како монтажер се појавувам на три долгометражни документарни филмови од кои два сè уште се во процес на мотирање и еден краткометражен игран филм “Antique Heroes” кој што влезе на два високо котирани филмски фестивали, и тоа New York Shorts Inetrnational Film Festival и Toronto International Film Festival. Во моментов работам на мое сценарио за долгометражен игран филм.
Повеќе од креативната работилница на Омер може да се најде на неговата веб страница:
omerzekirovski.com
Припремил: Владо Јаневски