Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“, овојпат просторот му го отстапуваме на наш автор од Германија. Творечката шапка ќе ја поткрене Саво Костадиновски – раскажувач, патописец и препејувач.
OПИШИ ЕДЕН (РАБОТЕН) ДЕН ОД ТВОЈОТ ЖИВОТ?
Саво: Ова претставување ме затекна во незавидна состојба, во строга изолација заради пандемијава, затворен сум во еден сопствен круг. Но, наспроти таквата ситуација сепак творам, одамна сум се навикнал преку поезијата и прозата да си растоварам по некоја тежина што сум ја имал во животот. Колку за пример, во минатата година во една таква изолација ја напишав збирката поезија за деца „Од дневникот на самоизолација“. А сега? Повторно си создавам, вообичајувам еден сопствен систем на уште построга самоизолација и денот ми е целосно испланиран. За жал, живееме во време кога целиот свет е во состојба на преживување. Со тоа и јас морам да се помирам, дали сум во Келн или во некој друг град.
Се надевам дека наскоро ќе се вратиме во нормален живот и ќе оживее литературниот живот овде во Келн, повторно ќе имаме поетски читања, ќе дружиме и ќе си помагаме. Ќе помине и ова незгодно време, доста нѝ е од дигиталната комуникација и виртуелните гушкања преку телефон. Со надеж сум повторно да бидам и со моите другари од Македонија со кои се знам над педесет години овде во Келн; повторно да се собираме на пикник или да прославуваме во црква по повод некој православен празник. Со надеж сум да се видам и со младите деца Македончиња и како и секогаш да им подарам по некоја моја нова книга. Така е кај секој еден автор, а така е и кај мене, спонтано, само од себе, преку слободата на живеење се наметнува работниот ден…
ДАЛИ ЖИВОТОТ ВО ТВОЈАТА СРЕДИНА СЕ МЕНУВА НА ПОДОБРО ИЛИ ПОЛОШО И ЗОШТО?
Саво: Што се однесува до мојата средина во Келн и во Германија, состојбите се менуваат, „еволуираат“ кон добри, но, за жал и кон лоши работи. Келн не е тој град од пред 50 години кога за првпат дојдов на гости кај моите братучеди. Но, откако пред некоја година се пензионирав, мојот начин на живеењето се промени на подобро. Пред сѐ, со месеци бев во татковината, која ја имав „времено“ напуштено после земјотресот 1963 година и живеев по разни земји по светот. Во меѓувреме некои од моите планови ми се исполнија, имено, јубилејно ја објавив збирката поезија „Со цвеќето по светот“, 150-та збирка, од моето обемно поетско и прозно творештво.
Пензионерскиот живот сега го поминувам релаксирано. За сѐ наоѓам време, особено за моето семејство, за моите внуци. Нови работи? Како за секој автор така и за мене, тоа е книжевниот живот кој го живеам и во овие години што успешно творам. Мојот двоен книжевен статус, македонски и германски, не ми претставува никаква бариера – како дводомен автор пишувам на македонски и на германски јазик, та затоа подеднакво сум познат и признат во двете средини.
КАКО СЕ ИНСПИРИРАШ, КАКО ТИ ДОАЃААТ ИДЕИ ЗА ПИШУВАЊЕ?
Саво: Моите песни и прозни ракописи ги пишувам на најразличен начин. Некои збирки сум ги пишувал за неколку дена. На пример, збирката поезија за деца „Со Ботуше во Париз“ја напишав повеќе во движење за време на еден краток престој во Париз. А поемата за деца „Еврорека“ ја напишав во автобус на пат од Келн до Скопје, за 32 часа патување. Не смеам да ја заборавам и монографијата „Под добра вода“, за моето родно село Ботуше, која ја имам пишувано неколку децении. Во неколку прилики дури и се откажував, ме обземаше разочарување. Разочаран бев што селото се испразни, луѓето се отселија. Но љубовта кон родниот крај и татковината била појака од разочарувањето. Монографијата ја напишав и ја објавив, како и монографијата „Сѐ од љубов за Порече и Поречани“. Копнежите и носталгиите ми биле некаков вид преносни мостови кон родниот крај и татковината. Така настана и книгата „На Македонија со љубов“, десет збирки поезија за млади во еден том.
Патувањата по светот ги чувствував како творечки предизвик. Патувањата за поетот се слобода, гледани со љубопитното поетско око. Слободата на патувањата ми беше рамна на слободата на песните кои во мене се раѓаа, инспирирани не само од природата туку и од добронамерните луѓе со кои дружев и соработував.
Такво е моето творечко постоење, со интимното битие на песната, кое се отсликува во мојот обемен творечки опус. Поезијата со ништо на светот, по никоја цена, не би ја заменил. Насекаде каде што сум бил по светот имав поводи да пишувам стихови: во Австралија, Америка, Канада, Индија, Кина, Тибет, Африка, по цела Европа, во секој град во Македонија и во секое село по целото роднокрајско Порече.
Тематски претежно сум преокупиран со родољубивата тема, патешествијата, историјата на Македонија и други теми. Темите како да ме следеле низ животот. Не сум си наметнувал теми. Сум патувал по светот и сум пишувал.
ДАЛИ МИСЛИШ НЕКОГАШ ДА СЕ ВРАТИШ ВО МАКЕДОНИЈА (ДА/НЕ) И ЗОШТО?
Саво: Во моментов, чекам да се надмине изолацијата од пандемијата, која ги наруши повеќето аспекти на живеењето и спремен сум во првата прилика да заминам во мојата тактовина. Откако се пензионирав, во мислите сè повеќе сум таму. Овде, во Келн и подалеку, дружам со моите колеги писатели. Во татковината е подруго чувството на живеење, овдека сè уште сум со стаус на Gastarbeiter – гостин работник. Откако се пензионирав повеќе не сум работник туку само гостин во Келн. Кога сум во Македонија, поминувам извесно време во Скопје. Но, Скопје за мене не е што и Македонски Брод, каде што се чувствувам како домородец, во секое село по Порече сум како дома и во родното Ботуше. Речиси во секое село по Порече имам по некој од мојата широко разгранета лоза: пет браќа на татко ми и пет сестри на мајка ми. Ова допринесува да се чувствувам како дома во моето исконско Порече. Моите чувства за Скопје сè уште имаат сенка од страотното минато, кога настрадав на денот на земјотресот во 1963 година. Во секој случај, планирам наскоро да се вратам засекогаш во Македонија, каде што сум целосно со мислите и чувстата. Тогаш и физички ќе бидам во прегратката на татковината.
Следува дел од поезијата на Саво што ја одбравме за Везилка:
ВЕЧЕН ЖИВОТ
Книжевноста е мојата втора татковина
штом насекаде по светот
се чувствувам како во свој дом
Поезијата е мојот роден крај
во кој се раѓаат моите песни
Песните се мојот идендитет
кои го носат
моето име и презиме
Стиховите се моите магични будилници
кои ме будат
во утрото на мојата нова песна
под поетското небо на родниот крај
во вечниот живот
на мојата втора татковина.
МЕСТО ЕДНА БИОГРАФИЈА
Кој сум?
Тајната е во кумот и матичарот –
тие со исто мастило и перо
ме запишале
во матичната книга на родени
и ме предале
на наречниците и судбината
според кои изгреала
мојата ѕвезда на животот.
Од каде сум?
Одговорот е во Ботуше –
тоа ќе ви ја каже
адресата на моето постоење
и идентитет.
Таму
во една точка
според некое непишано правило
ми се соединуваат
сите страни на светот.
Каде живеам?
Прашајте го Келн –
тој ќе ви објасни
дека речиси 50 години
сум негов жител –
и како според божја волја
вечноста
со него ме збратимила.
А доколку
светот го запрашате
тој најдобро ќе ви каже
како го мајсторисувам животот
според желбите
кои ми се издолжуваа
до најдалечните меридијани
на планетава Земја
па затоа
целиот свет го признавам
за татковина
на сите мои спомени и песни.
А литературата?
Нејзе
името и презимето
за секогаш ѝ ги препишав.
Преку неа
насекаде ќе се дознае
за Ботуше и Келн
и за целиот свет
до каде јас сум ги запишал
родендените на моите песни
како нивен кум и матичар.
Саво Костадиновски e мaкeдонско-германски поет, раскажувач, патописец, писател за деца и возрасни и препејувач. Роден е на 30 мај 1950 год. во село Горно Ботуше, Македонски Брод, Maкeдонија. По катастрофалниот земјотрес во 1963 год. во Скопје, заминува да живее надвор од Македонија. Во 1971 се доселува во Германија. Вишо техничко училиште завршил во Келн каде што од 1973 год. постојано живее. Како дводомен автор пишува поезија и проза за деца и за возрасни на македонски и на германски јазик. Член е на Друштвото на писателите на Македонија (од 1989), на Сојузот на писателите на Германија (од 1993) и на Сојузот на новинарите и на преведувачите на Македонија (од 1995).
За неговите книжевни дела е наградуван и преведуван на српски, хрватски, германски и на романски јазик. Добитник е на наградата „Иселеничкка грамота“ на Матицата на иселениците на Република Македонија, доделена во рамките на Струшките вечери на поезијата во 1993 година и на „Почесно Признание“ (2018) од Синдикатот, во рамките на Сојузот на германските писатели, по повод 25-годишното членство и соработка. Од Агенцијата за Иселеништво на Македонија, оваа година добива благодарница за промоција на македонската култура и јазик во иселеништво преку пишаниот збор. Негови творби се објавувани во списанијата за деца и возрасни во Македонија. Застапуван е во лексикони, избори и антологии во Македонија и во Германија.