Дизајнот и фотографијата се занаети кои ако заработувате од нив бараат, барем мене ми бараат, да се оддалечам малку од проектот додека го работам. За тоа ми служи готвењето. Таму се бавам со други проблеми….
Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот му го отстапуваме на наш автор од САД. Творечката шапка ќе ја поткрене Сашко Илов – фотограф, графичар и веб-дизајнер.
Опиши еден (работен) ден од твојот живот?
Сашко: Од сношти знам што треба да направам утре. Морам да се организирам. Немам избор. Поточно имам, да не се организирам. Се зависи од роковите на проектите па затоа логично е денот да го организирам по нив. Ако некој е приоритетен тогаш почнувам со него. Му се ближи рокот за изработка. Оф! Дојде еден саат на пладне а јас само мандарина имам изедено. Време е за во кујната. Го обожавам овој дел. Фрижидерот сите зарзавати и мојата маленкост. Заседаваме. Што ќе се готви, е секојдневна, најчеста а сепак возбудлива тема. Сакам тањирот кога ќе се послужи да е полн со разни бои. Масата како подлога за виножито да стане. Кога ќе се сварат зеленчуците, таа, бојата е многу привлечна (јака е) а мирисот песни пее. Ќе застанам овде. Храната е неисцрпна и превозбудлива тема. Готвењето ми служи и за одмор од работата. Дизајнот и фотографијата се занаети кои ако заработувате од нив бараат, барем мене ми бараат, да се оддалечам малку од проектот додека го работам. За тоа ми служи готвењето. Таму се бавам со други проблеми. После ручек му се враќам на проектот кој го работам и како по дефениција, секогаш ама баш секогаш си ги гледам грешките кои пред тоа не сум можел да си ги видам. Касно попладне. Некад пред стемнување доаѓа делот кој е прекрасен. Цец завршила со работа јас сум завршил и сега остатокот на денот е за нас. Пренајубоо.
Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?
Сашко: Некои работи се подобри некои пак обратно. Полоши се. Среќен сум што е чисто овде каде што живеам. Знам дека ова е базично но мене многу ми значи. Да биде чисто. Не мора да е средено, не мора да е се под конец. Но мора да е чисто. Овде каде што сум, во Тампа на Флорида е пречисто и тоа ми смета. Како во болница или музеи да се наоѓате. Кога некоја болница е чиста тоа треба да биде така кога некој музеј е чист се разбира дека тоа мора да биде така. Но не мора градот да биде таков. Основната причините, зошто не мора е -таквото одржување троши ресурси. Важни ресурси за нас. Троши вода. А водата, питката вода на планетава наша има малку. И ние ја трошиме за што? -Дворот да блеска, тоа е претерување и трошење на важни ресурси а не чистота.
Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеи за творење?
Сашко: Секојдневието е мојата муза. Прекрасна муза. Не би ја менувал за било какво богатство. Темите се универзални но начинот на нивна обработка е различен. Тоа е наша човечка специфика. Неброено пати да ја промислуваме, препрочитуваме и представуваме една те иста идеја. Земете било која тема, да речеме најчестата, најобработуваната се нај а сепак сеуште возбудливата, возвишена, вечно таинствената Љубов. Нејзе може да ја сретнете во карпестата уметност во начинот на некои погреби, светите книги па се до овој момент. Ова вечно барање на оптималниот опис на нештата е исто моја прекрасна муза.
Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?
Сашко: Не сум се вратил до сега ниту еднаш. Пред некоја година ме посети желбата за домата ми. Почнав да ја сонувам, допирам, мирисам и сè беше прекрасно. Сè беше чисто, зелено и расцветано. За момент се сепнав, се сетив дека во Македонија не е чисто и сфатив дека мојот прв другар (свеста) ме лаже, ми праве лажна слика за да ми ја направи идејата за дома привлечна. Така неславно заврши мојата прва помисла за дома ми. Со нетрпение го чекам вториот обид.
Следуваат неколку фотографии од богатиот опус на Сашко Илов, што за оваа прилика авторот ги одбра за Везилка:







Нема никој, краток експериментален филм – Тампа Беј Андерграунд филм фест, полуфиналист на Торонто Независен Фестивал, 2021 год..
Сашко Илов – Уметнички директор, фотограф, графичар и веб-дизајнер. Член на IAVA (Меѓународна асоцијација на визуелни уметници – Фиренца, Италија). Роден е во Кавадарци во 1975г. Завршил Филозофија на универзитетот Кирил и Методиј во Скопје. Потоа осум години предавал етика и историја на религија во основно училиште. Имал и свое, приватно училиште, за фотографија и графички дизајн каде пет години ги подучувал заинтересираните од Кавадарци. Во 2015 г. заминува во САД каде продолжува да се занимава со фотографија и графички дизајн.
Награди:
Второ место, Годишна изложба на форографија, Музејот на фотографска уметност на Флорида, Тампа, 2021 г.
Второ место, Годишна изложба на форографија, Музејот на фотографска уметност на Флорида, Тампа, 2020 г.
1-во место, Годишна изложба на форографија, Музејот на фотографска уметност на Флорида, Тампа, 2018 г.
Почесно признание во архитектонската фотографија, Музеј на фотографска уметност на Флорида, Тампа, 2018 г.
Филмски фестивали:
Нема никој, краток експериментален филм – Тампа Беј Андерграунд филм фест, полуфиналист на Торонто Независен Фестивал, 2021год..
Предавања:
Мојата фотографија – Музеј на фотографска уметност на Флорида, Тампа, 2021 г.
Фрагменти од секојдневниот живот (Моја фотографија) – Културен центар Јадро, Македонија, 2021 г.
Мојот графички дизајн и фотографија – Универзитетот Свети Лео, Флорида, 2018 г.
Историја на фотографијата – Лазарополе, Македонија, 2014 г.
Фотографијата наспроти реалноста – Битола, Македонија, 2014 г.
Публикации:
Џоломари – фото книга, 2020 г.
Една бајка, две бои – фото книга, 2017год
Народни орнаменти – Едукативна боенка, 2017г.
Селектирани самостојни изложби:
Се најде себеси, повеќе нема да црта минувачи – Изложба на фотографии, Музеј на фотографска уметност на Флорида, Тампа, 2020 г.
Сино – изложба на фотографии, музеј и галерија на Кавадарци, Македонија, 2005 г.
Прозорци – изложба на фотографии, Градски парк Кавадарци, Македонија, 1997 г.
Селектирани групни изложби:
Годишната изложба – Изложба на фотографии, Музеј на фотографска уметност на Флорида – Тампа, САД, 2021 г.
Годишната изложба – Изложба на фотографии, Музеј на фотографска уметност на Флорида – Тампа, САД, 2020 г.
Менхетен 2020 Меѓународен фото фестивал – изложба на фотографии, Њујорк, САД, 2020 г.
Галерија Агора – изложба на фотографии, Њујорк, САД, 2020 г.
Стоиме посилни / Стоиме заедно – Изложба за дизајн на плакати, Галерија МКЦ, Македонија, 2020 г.
Од рововите – Изложба за дизајн на плакат, Здружение дизајнери на Каталонија, Барселона, Шпанија, 2020 г.
За Турција – Изложба за дизајн на плакат, Универзитетот Болу Абант Изет Бајсал, Турција, 2020 г.
Годишната изложба – Изложба на фотографии, Музеј на фотографска уметност на Флорида – Тампа, САД, 2019 г.
Пријателство – Изложба за дизајн на постер, Јужна Кореја, 2019 г.
Градот Бардејов – Изложба за дизајн на плакат, Словачка, 2019 г.
Уметност во архитектурата – изложба на фотографии, галерија Центар за архитектура и дизајн, Тампа, САД, 2019 г.
Архитектонска фотографија, изложба на фотографии, Музеј на фотографска уметност на Флорида – Тампа, САД, 2018 г.
Годишната изложба – Изложба на фотографии, музеј за фотографска уметност на Флорида – Тампа, САД, 2018 г.
Black Crow Coffee Co – Изложба за дизајн на постер, Санкт Петербург, САД, 2018 г.
Опус – изложба на фотографии, Тампа, САД, 2018 г.
The Studio 620 – Фото изложба, Санкт Петербург, САД, 2018 г.
Being Sentient/Sentient – Allegany Arts – Фото изложба, Камберленд, Мериленд, САД, 2017 г.
Hidden Springs Ale Works – фото изложба, Тампа, САД, 2017г.
Et Cultura – Изложба за дизајн на постер, Санкт Петербург, САД, 2017 г.
Археолошка фотографија – изложба на фотографии, Подгорица, Црна Гора, 2012 г.
Фотомедиа – Фото биенале на изложба, Чифте амам, Скопје, Македонија, 2001 г.
Тука е ликот до неговата веб страница: https://www.sashkoilov.com/
и линкот до неговото студио во САД: https://bluephotonstudio.com/
Припремил: Владо Јаневски