Музика и уметностПод друга шапка

Под друга шапка со Светлана Босилкова Далевска – Направи нешто убаво од мене!

Везилка Магазин

Пишувајќи поезија или расказ, скоро секој ден, во суштина, ја доловувам креативната визија во мојот психо-физички опстој. Јазикот во кој сум родена за мене е „зрното од кое сум изр’тена, порасната и сторена клас“.

 

Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.

Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот ѝ го отстапуваме на наша авторка од Германија. Творечката шапка ќе ја поткрене Светлана Босилкова Далевска – прозаистка и поетеса.

 

Опиши еден (работен) ден од твојот живот?

Светлана: Јас не припаѓам веќе во групата на луѓе “во работен однос”. Па бидејќи сум и “ноќна птица”, денот го започнувам малку покасно од раната зора. Кога станувам од постела, прво, со чај го поздравувам сонцето на балконот од станот. Свесно пристапувам кон денот како кон подарок, како да е еден лист хартија, како еден инструмент за свирење. Па мислам и самиот ден е радознал што во него ќе запишам, зацртам, која мелодија ќе ја засвирам. И го слушам како ми вели- „Направи нешто убаво од мене! Нешто за што си надарена! Само не ме оставај несвесен, неизживеан и неизљубен“. Знам, не е тоа шега, дека денешниот ден е само денес. Низ миговите читам книги, вести одвреме-навреме пратам, за да знам дали е мирен светот, потоа пишувам, гледам филмови, готвам јадење… и пред заоѓање на сонцето, час и половина, пешачам покрај Дунав. Правам избор на песни за подготовка на уште една збирка со поезија и една книга со раскази. Ете така живеам во и со денот.

 

Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?

Светлана: Средината се менува постојано. Растат децата, стануваат млади и му даваат печат на нивното време. Сè повеќе од нив излегуваат од традицијата на заедницата и се решаваат за друг живот- не се држат цврсто за сигурност во животот. Тоа би значело менување на начелата за опстојба. Со партнерот најчесто, без брачни обврски живеат заедно. Германскиот систем опстојува врз добра законска основа, здравството е на „здрави нозе“, а една солидна заработка обезбедува и стил на живеење по свој мерак… Познато е дека во оваа земја работат и голем број странци и поради неминовноста од взаемни социјални сретнувања со мештаните и тие со нив, менталитетот во средината добива на колоритност во културата. Сè повеќе избледува поимот постоење на маса-луѓе, што се движат по истабана патека. Сè повеќе се среќаваат индивидуи… И жално, ама погласно се слуша сигналот на осамени души, како вид на жртви на општествената трка во професионалното време и простор, кариера, престиж… па цехот се плаќа со осаменост и разноразни душевни проблеми. Голем прилог на таквиот модел на живеење дава и развојот на техниката, низ кој, особено младата популација го влече, скоро целосно, своето битисување.

 

Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеи за пишување?

Светлана: Пишувајќи поезија или расказ, скоро секој ден, во суштина, ја доловувам креативната визија во мојот психо-физички опстој. Јазикот во кој сум родена за мене е „зрното од кое сум изр’тена, порасната и сторена клас“. Па затоа, најдобрите ментално-поетски конструкции ги создавам на мајчиниот јазик во мигови во кои живеам, ликови кои ги сретнувам, од разноразни состојби, во кои ќе се најдам, внатрешни чувства што пулсираат со моето срце и разум, за постапките на човекот, неговите емотивни превривања во средината… Во сето тоа, инвентивно ме допира сèопфатната вистина, дека на овој свет, ние, луѓето сме дојдени љубов да шириме и љубовта да ја доживуваме. А во секојдневието наместо среќните луѓе, „нормалните“ пливаат подобро во создадените прилики.

Имам завршено студиум за познавање на германски јазик на Хамбуршката академија за студирање на далечина. Јас добро го владеам јазикот и пишувам и на германски јазик, но исповедно, тоа го правам многу ретко. Во странските јазици близок за креативно создавање го вбројувам и српскиот. А во некои литературни групи на фб постирам и на англиски.

Мојата поезија, првично ја промовирам на фб страницата, а потоа ги публикувам песните во книги. Во конципирањето на поетската било наративна, рефлексивна лирско-мисловна содржина не дозволувам моите чувства да ги надвладеат аргументите на уметничкото во поезијата. Читателите што ги имам, не се некоја голема бројка но тие се верни во прочитот и емотивни поддржувачи на мојата поезија. И во минатото сум пишувала во напливи стихови, проза како литературни форми, потоа новинарски прилози во весници, на радио, списанија… Тука, би го осветлила податокот: Сепак од 2018, благородната страст кон литературното пишување ја внесов во моите книги: Романот „Лавица на жица“ (2019), кој беше особено добро примен кај читателите, збирка со поезија „Мисловна вртелешка“ (2020), втора збирка со поезија „Просторот зад мојата насмевка“ (2021). За вредноста на творештвото ми зборуваат истотака наградите на конкурси, мои записи во антологии, збирки, списанија,телевизија…

Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?

Светлана: Откако сум без обврски кон моето семејство, имам можност да гостувам често во Македонија. Сопругот почина и го погребав во родното место кај Велес, а синот животно добро опстојува во Регензбург-Баварија/Германија. Во овој прекрасен старовековен универзитетски град, живеам веќе 27 години. Јас и во двата дома сум со статус-гостин. На било кој јазик, на кој пишувам, пишувам подеднакво и во Велес/РС Македонија и во Регензбург/Баварија. На таков начин успевам и во двете средини да си обезбедам плодни услови, да го откривам мојот дар за уметнички исповед на чувствата, мојата духовност, мојата душа. Иако ја преминав границата од половина век, животот го сфаќам како жизнорадосен чин. Секој ден го славам како единствен за радост, онака, како што детето во мене, љубовта го допира. Ете, за мене е еднакво вредно, дали „подарокот“ го гоштевам во Македонија, чиј државен припадник сум или тоа е Баварија/Германија, за која земја имам доживотна дозвола за соживот со останатите.
Притоа престрого ми доаѓа, било какво одлучување за потполно повлекување во Македонија или до крај на мојот горлив факел, останување во Германија.

 

Следуваат три песни од збирката поезија „Просторот зад мојата насмевка“ што ги одбравме за Везилка:

ВОЗРОДУВАЊЕ

Брза мисла, бедна смисла
закорени млади коренчиња,
низ времиња да длабат и шират,
ги порасна во млади стебленца.
Покајание…
стара патека не промени.
***
Чувството на божји грев
не ти дари сила,
а висиш над ледено море
чекајќи последен чамец
да те земе.
Знај…
ти мразулец веќе си сторен.
***
Силно стремиш пат поугоре
ново скалило да искачиш,
по земја забораваш да чекориш.
Прашувам…
ако паднеш, како ли,
јаднику, ти ќе станеш?
***
Зол потсмев е вистински порив.
Да го видиш семожниот лик
во чисто руво,
изгради бедем на севишна цел.
Насмевни се…
честа и љубовта те прават вреден.
***
Во Библијата веруваш
како во детска сказна,
блажена душа се суши
во голема дупка, а празна.
Запомни…
божјата слава сите чемери ги руши.

 

ПОСАКУВАЊА И СОНИШТА

Песната на нашата љубов
со душата мечтае
привид да дели
Инспирирана од порив на живост-
магија на копнежливост
восхитува во плима од емоции
во рима на кревка верба
и сребрена прашина на носталгија
Меч во крилјата
рана е разделбата.
На хартија не талкам по душа
Најискрено битие
љубовта ја повикува,
растерува соништа
во дружба на стрмни и тешки патишта
тајни во срцето да разберам.
Вљубени до бескрај
гори оган на цветни зборови
негодува утринска рутина-
ореол над нестварна сцена.
Благослов
Желба
Среќа се дели на две
Р’бет не постои,
постојат само
посакувања и соништа.

 

ЛИЧНА ПРИКАЗНА

Јас заврзав лична приказна
во гордиев јазол,
да не развие во душата раскол.
Ја потиснав во темнината,
да не загризе мачен непребол
во бразда од неизорана нива,
да ја сокријам од виделината
од отровите на околината
да ја сторам неранлива.
Да ја закопам?
Ако дрвената шупелка засвири,
миризба на козина од цара Тројана
ветерот ќе рашири низ етерот.
Ниту сакав како птица во кафез
да робува,
роб затворен ќе се измори,
нема да занеми.
Најдов излез од дилемата;
со нов приод кон јазикот,
да ја обезличам во раниот развој.
Во спој на зборовни сличности,
да засечам во дијалектиката,
така обезличена
да ја поедностави вистината на лексиката.
Обезличена или друга повторувана
лага илјадапати кажана,
лична мисла празна,
живее во мојата приказна.
Низ леќите гледам реалност
на недопишана историја.
Во суверената природа на гледишта
стварните видувања гласно ми проговорија.

 

 

Светлана Босилкова Далевска е прозаистка и поетеса. Родена е 1954 г. во Велес, каде го завршува основното и средно образование. Продолжува на високи школи во Белград, Скопје, Лондон, Регензбург и Хамбург. По стручна подготовка таа е професорка по македонски јазик и литература на народите од бившите југословенски републики. Животот ја води на друга патека, слична по стручност. Себе си се наоѓа во новинарската, библиотекарската и преведувачката дејност во Македонија, а во Баварија работи на воспитувачка и преведувачка социјална проблематика со деца-школници на дојденици. 1994. ѝ донесува животен премин од Исток кон Запад. Влегува во брачен однос. Започнува да пишува роман но домашните задачи се зголемуваат. Пишувањето го остава и му се посветува на семејството. Во еден долг отсечок од животниот од не пишува ништо. Кон крајот на 2018. го завршува романот „Лавица на жица“ и во 2019. го публикува во Македонија. Потоа следат двете збирки со поезија „Мисловна вртелешка“ (2020) и „Просторот зад мојата насмевка“ (2021). Книгите со песни и романот добиваат награди, се запишуваат во антологии, во списанија од култура, се читаат на поетски и друг вид на собири. Во оваа година авторката подготвува уште една поетска книга за печатење.

Везилка Магазин