Музика и уметностПод друга шапка

Под друга шапка со Семра Самет Алоски – Не постојат пари што ќе ми го купат квалитетот на семејниот живот

Везилка Магазин

Јас не ја гледам чашата дали е полупразна или полуполна, јас чашата ја гледам како да ја наполнам толку колку мене ми е потребно да биде полна или да ја испразнам толку колку што мислам дека е доволно да се испразни.

 

Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.

Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот ѝ го отстапуваме на наша авторка од Австралија. Творечката шапка ќе ја поткрене Семра Самет Алоски – поетеса и писателка.

 

Опиши еден (работен) ден од твојот живот?

Семра: Секој ден ми е работен. Во Австралија сум 29 години и во првите скоро пет години кога не придонесував дома финансиски работев со полна пареа. Како прво, без големи напори во соработка со мојот сакан сопруг работев на креирање и давање живот на две прекрасни деца кои се родија едно подруго со разлика од 14 месеци. Домашните секојдневни работи секогаш биле дел од мојот живот. Сума-сумарум, работниот ден ми беше 24/7 како жена и мајка на две деца. Oва сума-сумарум, го користеше мојот најомилен професор д-р Тодор Тодоров на Економскиот факултет при универзитетот Кирил и Методи и сè уште ми одѕвонува во ушите, како да не ми одѕвонува кога човекот беше гениј, а ние студентите во амфитеатарот неговите предавања на предметот Политички науки ги голтавме како да предаваше шекспировска поезија а не здодевна политика. Спомените набабрени со носталгии да ги оставам настрана, и да ѝ се вратам на сегашноста. Скоро дваесет и пет години сум вработена надвор од дома, со полно работно време, осум часа на ден, пет дена во неделата. Неизбежно е да нагласам дека не останував долго во истата работа во Австралија, работите ги менував како што вели мажот ми, почесто од менување на чорапите. Кога и да ми се понудеше прекувремена работа јас бев прва да одбијам. Во историјата на монетарниот систем се уште нема и не ќе се родат пари што ќе ме залажат да работам прекувремено. Не постојат пари што ќе ми го купат квалитетот на семејниот живот. После овој долг пролог, мислам дека е време да се фокусирам на вашето прашање. Веќе две години моите работни денови се во истата линија со пандемијата. Што ќе одлучи „мајка пандемка“ тоа е закон, зар не? Како и сите останати колеги и колешки веќе две години работам од дома за една голема фирма (не знам дали е дозволена реклама). Впрочем неколку месеци се бевме вратиле во зградата но кога пандемијата пак се разбуди од сонот пред месец дена повторно не избркаа дома. Сега повторно сè се регулира и секој може да одлучи дали сака да работи од дома или да се врати во зградата или да комбинира. Јас секогаш се будам рано и пред да започнам да работам го отворам мојот литературен дуќан, мојот лаптоп и пишувам или макар неколку страни читам било каква литература, само нешто да прочитам очите да си ги исплакнам со моето царство преполно со прекрасни искри на зборови и реченици. Истата рутина ја повторувам од кога ќе завршам со работата, никогаш не легнувам без да напишам мал расказ, есеј, поезија или без да прочитам макар неколку страници од светската класична литература која ја имам во изобилие дома. Ех, во домашните работи конечно ми помага и сопругот, мојот прекрасен мастер шеф. Па зар толку не сум заслужила? Да не бев јас кој ќе му го направеше презимето толку популарно, не е лесно да се има писателка за сопруга, и самиот вели – лудница. Но јас знам како да го расположам кога му е смачно од готвење и средување на кујната да свети после завршената работа. Ке го гушнам и ќе му шепнам, „Не познавам ја никаков НусрЕт салт би (или на нашински „солена пчеличка”) јагне мое, незаменлив си на сите полиња.“ И, се разбира, ќе се насмее и ќе му помине лутината. Ова го пишувам и гласно читам. Се насмевнува и ми вели, „Сигурна си дека ме нарекуваш јагне мое? Уредникот кога ќе ја уредува репортажата дали ќе ти поверува?“

Вистината на убавината и спокојот лежи во перспективата што ја имаме кон животот, во гледната точка на индивидуата.

 

Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?

Семра: Секогаш на подобро. Јас не ја гледам чашата дали е полупразна или полу полна, јас чашата ја гледам како да ја наполнам толку колку мене ми е потребно да биде полна или да ја испразнам толку колку што мислам дека е доволно да се испразни. Колку и да се плука и проколнува пандемијата целиот свет извлече огромна поука за пооптимистички поглед кон светот. Но поубавиот свет ќе се овистини само ако со последните атоми се бориме да ја сочуваме природата. Јас длабоко верувам и се надевам дека таа поука нема да исчезне со исчезнувањето на пандемијата. Му го прочитав гласно и овој пасус на маж ми, вели „што си пишувала, ќе помисли уредникот Владо дека си тешка пијаница.“ За џабе не велам, сè се сведува на аголот од кој ги набљудуваме нештата.

 

Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеи за пишување?

Семра: Зошто е толку тешко да се одговори од каде ми доаѓаат идите за пишување? Го прашувам повторно сопругот Кани како би одговорил тој на ова прашање? Ми вели, „да сум јас писател би одговорил, цртам една точка со црн фломастер на белиот ѕид, седнувам со скрстени нозе пред точката и зевам во неа и бум ми светнува идеја за роман. Младиот старец и езерото?!“ Малку ми е познат насловот ама нејсе, мрморам за себе и продолжувам да пишувам.

Мојот живот го набљудувам како инспирација на космосот и на ѕвездената прашина. Ако космосот се инспирирал да ми го креира животот и сето ова што јас го имам стекнато, тогаш мене ми преостанува да ги бројам благословите и да му се заблагодарам за инспирацијата. Сума-сумарум (неизбежниот ТТ) инспирацијата ја наоѓам секојдневно, доволно е да чујам било каква добра или лоша вест, јас го грабам бележникот и фаќам белешки, резултатот е поезија или поезија во проза. Мислам дека сè се сведува на космосот и неговата смисла. Нели?

 

Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?

 

Семра: Најболно прашање. Навистина не знам што да одговорам? Се плашам дека одговорот за некого ќе звучи политички некоректно за некого премногу либерално, а тоа е последното нешто што би си го дозволила – да ги поделам читателите на линчувачи или навивачи. Крунскиот сведок ми е вселената колку сакам и мечтаам повторно да го видам Балканот на чело со мојата родна грутка Македонија.

 

Следува дел од поезијата на Семра што ја одбравме за Везилка:
(поезија од збирката „Трагање”)

 

K Р И Е Н К А

Мојата соба што гледа кон молкот,
постелата моја бела со напон висок,
моето радио со антена скршена и
изветвени книги мои
со содржини стари…

Каде сум сокриена јас?

Зад вратата ме нема,
а мојот орман
од урнатина разлика нема.
Во мене метеж страшен
како по крвава војна.

Под црвена стерилна кал
старото дрвено душеме
чкрипи
и нервите ми ги тенчи,
одгоре ме гледа
дрвениот резбан таван…

Каде сум сокриена јас?

Јас всушност во ниеден миг
од животот мој
сокриена не бев,
јас само една игра играв,
сокриена во моите спомени детски
игра со молкот збран во душата моја…

Широко го отворив
прозорецот кон светот
и собата
ми се исполни
со пролетна мелодија.

 

М О И Т Е  Б И С Е Р И

Како неочекуван наплив
завивањето на времето крај себе го слушам,
годините таинствено се довлекуваат
и врз светите брегови на мојот живот легнуваат.

Колку бисери имам јас?
Како празно тело
спроти мене се појавува бисер,
од бранот на битисувањето неочекувано зафатен.

Колку бисери имам јас?

На небото очите во сонца ми се претворија
сега сум како запален фенер
и времето распламтено
од искра на една вистина
стапките ми ги следи.

Бисерите, тоа сум јас
с р е ќ н а с у м.

Семра Самет Алоски родена е во Скопје, поранешна Југославија. За време на катастрофалниот земјотрес, како мало дете бидува спасена од најлошото од нејзините родители. По завршувањето на основното образование на македонски јазик во ОУ „Горче Петров“ во Скопје и средното образование на одделот за математика во гимназијата „Кочо Рацин“, следат студиите на Економскиот факултет при универзитетот „Кирил и Методиј“ По дипломирањето се запишува во Центарот за странски јазици во Карпош каде завршува три курсеви по италијански јазик и два курса на германски. Подоцна се вработува во струката, но во потрага по подобар живот го напушта родниот град и заминува за Турција. Не наоѓајќи го она што го барала, се враќа во тогашна Југославија за да го оствари својот сон и желбата од најраното детство – да стане новинар во МРТ.  Желбата ѝ се остварува, но нејзината новинарска и радиодифузна кариера завршува ненадејно кога во 1992 година се збогува со својата сакана земја и заминува за Австралија. Првата поетска книга на турски јазик „Arayış“ (2014) и нејзиниот прв роман на македонски јазик „Австралиска сага“ (2016) се објавени во Македонија од издавачката куќа Алманах од Скопје. Во 2017 година романот „Австралиската сага“ влегува во првите десет книги за наградата Роман на годината во организација на „Утрински весник“ од Скопје. Романот бидува забележан од книжевниот свет и го привлекува вниманието на љубителите на пишаниот збор. Во 2017 година нејзината поетска книга „Arayış” е преведена на македонски јазик, под наслов „Трагање” и е издадена Алманах од Скопје.

Семра моментално работи на нови книги кои ги пишува на англиски со надеж дека ќе бидат објавени во блиска иднина. Последните дваесет и девет години живее во Австралија. Мажена е и има две ќерки.

Везилка Магазин