Инспирацијата за моето творештво секогаш е разнолика, но доминатно е фигуративна скулптура инспирирана од секојдневниот семен живот, фамилијата, мистиката, поезијата, историјата…
Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.
Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот му го отстапуваме на наш автор од Србија. Творечката шапка ќе ја поткрене Синиша Новески – академски скулптор, педагог и промотор.
Опиши еден (работен) ден од твојот живот?
Синиша: Секој ден во Белград е поинаков од деновите поминати додека живеев во Македонија. Денот ми почнува со спремање на ќерка ми Лена за во градинка. Порано одевме со автобус или трамвај. Сега, во корона кризава, до градинката одиме пешки низ многу убав дел на Стариот Белград покрај стари улици, убава атхитектура, мали паркови и Ботаничка градина. Ако сме успани за будење секогаш пееме песни или се тркаме трчајќи за да се расониме и денот да ни почне со убаво и лесно. После тоа со сопругата Ребека имаме ритуал да одиме во едно кафуле на кафе и доручек. Поради обврските, тоа ни е најрелаксиран дел од денот за дружење и правење на планови за денот и животот.
После тоа секој си почнува со обврските. Сопругата оди на работа, јас во моето ателје кое е сместено во Стариот и убав дел на Белград. Таму почнувам или довршувам некои скулптури, слушам добра музика и читам некоја книга. Се радувам кога ќе ми дојде и некој гостин во ателјето да се напиеме кафе и разговараме за уметноста. Пред да ја земам ќерка ми Лена од градинка одам во некоја од старите белградски кафани да ручам. Вечерта сме сите заедно и спремаме вечера. Се играме со ќерката, а исто сакам сите заедно да погледаме некој убав филм или цртан. Кога имам некои културни настани и активности тогаш одам сам или со семјеството на изложба, театар или балет.
Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?
Синиша: После 10 години живење во Белград, Р.Србија, можам да кажам дека животот секако ми се промени. Белград е инспиративен град за уметник, овозможува многу прилики за професионален и личен развој. На ликовен план многу научив и ја развив мојата скулптура, поради можноста да одам на многу изложби, посета на ателјеа на познати ументници, собирање на искуства во повеке музеји и галерии. Поради контакти со многу дипломати се заинтересирав и за културната дипломатија која допринесува за подобро претставување на културно уметничките вредности на една држава. Дружбата и активностите со Македонците во Србија допринесоа за развивање на поголем ентузијазам и љубов кон Македонија и истовремено помогнаа да не ја заборавам својата земја. Полошиот дел за мене е урбаниот простор и стресното живење во еден голем град како што е Белград – како голем убав град кој те освојува, но истовремено те дроби. Ми недостига мирот, спокојот и природата што ја имаат моите Македонски Брод и Порече.
Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеи за скулптурите?
Синиша: Инспирацијата за моето творештво секогаш е разнолика, но доминатно е фигуративна скулптура инспирирана од секојдневниот семен живот, фамилијата, мистиката, поезијата, историјата и културното наследство на Балканот и Македонија, но секогаш со интернационални и модерни вредности.
Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?
Синиша: Македонија секогаш ми недостига, ја носам во моето срце и душа каде и да одам. Јас сум од оние луѓе кои се културобранители и промотори на Македонија. Тоа го правам од љубов и почит каде и да одам, за тоа не ми треба никаква награда или привелеги, јас тоа го носам во мојата ДНК. Во овие неколку години шетајќи по светот собрав многу искуство кое сакам да го пренесам и да ѝ на помогнам мојата земја во овие тешки времиња. Ако постои прилика и можност, со полно срце и радост би се вратил во Македонија и би го понудил моето знаење, искуство и ентузијазам за нејзина подобра иднина.
Следуваат неколку скулптури од богатиот опус на Синиша, што за оваа прилика ги одбравме за Везилка:



Синиша Новески (роден на 6. септември 1978 година) е академски скулптор и искусен педагог од Македонија, кој живее и работи во Белград од 2011. година. Повеќе од 20 негови скулптури се изложени на јавни места во Србија, Македонија, Бугарија и САД. Има изложувано на 16 самостојни и повеќе од 30 групни изложби. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија како и на Здружението на ликовни уметници од Македонија во Србија. Има учествувано во над десет ликовни колонии и симпозиуми и има освоено бројни награди за сопствени уметнички дела, како и за делата на неговите ученици.
По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2002 година, како најдобар студент во неговата класа, Новески работеше следните две години како асистент кај еминентни скулптори во Македонија: Томе Серафимовски, Драган Попоски-Дада, Рубенс Корубин и Никола Смилков. Во овој период, тој исто така придонесе за создавање на десетина од најпознатите дела во земјата, вклучително и мозаикот на Корубин „Македонија“ (Пелинце) како и „Милтон Манаки“ (Битола) и „Скопје ’63“ (Скопје) од Томе Серафимовски. Во 2003 година, Новески стана најмладиот уметник да има чест да изложува во Македонската академија на науките и уметностите. Титулата професор по ликовна уметност ја стекна во 2004 година, а од 2007 до 2011 година предавал ликовна уметност во средното училиште „Свети Наум Охридски“ во Македонски Брод. Магистерските студии ги завршил на Катедрата за скулптура на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2011 година.
По пристигнувањето во Белград, Новески работел како професор по ликовна уметност во Меѓународното училиште „Бејза“ (2013-2014), потоа како надворешен соработник за култура во Амбасадата на Македонија (2014-2018), претседател на управниот одбор на македонската Национален совет за култура (2015-2019), Уметнички директор на Деновите на македонската култура во Белград (2013 година – натаму), член на Управниот одбор на Друштвото на ликовните уметници на Македонија во Србија (2014 година – натаму) и културен соработник на фондацијата „Нушиќ“(2014 година – натаму).