Музика и уметностПод друга шапка

Под друга шапка со Соња Таировска Ѓурчак – Најбогатата душа е таа исполнета со радост, тоа што имаш тоа и подаруваш

Везилка Магазин

Животот е најубавата, најголемата и најдолгата приказна која постојано се тркала и завршува како сон на перницата на љубовта.

Продолжуваме со циклусот „Под друга шапка“, претставување на наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што со секој напис ќе ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што ќе претставуваме наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Ги повикуваме авторите од Македонија кои живеат надвор од земјата да нè контактираат за да ги претставиме и ѕирнеме и под нивната „шапка“.

Во очекување на вашите творечки „шапки“ овојпат просторот ѝ го отстапуваме на наша авторка од Германија. Творечката шапка ќе ја поткрене поетесата Соња Таировска Ѓурчак.

 

Опиши еден (работен) ден од твојот живот?

Соња: Пензионерските денови ги поминувам исполнето. Утрото ми започнува со утринска молитва и кафе, потоа продолжувам со многубројни задачи и обврски. Во вечерните часови со голема благодарност го завршувам денот и им се препуштам на сонот и творечката мисла.

 

Дали животот во твојата средина се менува на подобро или полошо и зошто?

Соња: Животот е најубавата, најголемата и најдолгата приказна која постојано се тркала и завршува како сон на перницата на љубовта.

Животот во мојата средина се менува најчесто на подобро, лично тоа го сакам и во мојот живот. Најдоброто можам самата да си го подарам и да го направам. Сакам сè што е добро и им го посакувам на луѓето да ги опкружува најдоброто и да ги чини среќни. Најбогатата душа е таа исполнета со радост, тоа што имаш тоа и подаруваш. Лоши или неубави работи се ретки, само минувачи во мојот животен пат и немаат место во живот.

 

Како се инспирираш, како ти доаѓаат идеи за пишување?

Соња: Творечката мисла секојдневно ме води и ја запишувам мислата родена во моментот. Реалноста не е само она што го гледам туку и тоа што го чуствувам, замислувам, мислам и верувам. Убавото се раѓа во светлината на денот и таа светлина патува исткаена во зборот и јазикот. Секоја творба носи порака со која сакам на читателот да му подарам радост и таа радост да ја делиме како и светлината во животот.

 

Дали мислиш некогаш да се вратиш во Македонија (да/не) и зошто?

Соња: Љубовта за Македонија е голема, таа големина секогаш расне и цвета, верувам дека останува вечно да живее и расне кај секој Македонец. И колу да сме оддвоени од неа, изворите нејзини се секогаш чисти со кои ги наводнуваме нашите животни полина.

 

Следува дел од поезијата на Соња што ја одбравме за Везилка:

 

ОСАМЕНО НЕБО

Далеку остана сонот кој го сонував,
во постелата, во камената куќа.

Далеку се излеваат гласовите
на сите пролетни птици,
далеку се ливадите кој ги претрчував
и ме галеше мирисот на цветовите.

Далеку се сите спомени
кој никнуваат во пролет
пред погледот на светлината
и се губи во бурата на еден живот.

Далеку се стравовите по темните улици
кој како пред свеќа чекорат
во стрпливоста на ноќта.

Дождот ги мие очите на осамената болка,
а времето ги бриши солзите
кои се разлеваат по патот на осаменото небо.

 

СТОМНА

Те наполнив од изворите на вечноста,
сега капка по капка те кријам
од грмотевицата што ја испраќа ноќта.
Те покривам со пелените кој ги пери
со солзи мојата мајка, ги суши на плотот
кој молчи пред стравот на заборавеноста.
Ги собирам растурените лисја на старата цреша
кој ги вее двојниот студен ветар по дворот.
Писмото го чувам во дамарите на земјата
која вљубените ја одминуваа.
Стомна закитена со цветовите на вечноста
и живее во олтарот на животот,
по корењето на стариот даб
кој се протега во висината на спомените
по должината на векот и ја чува стомната.

Соња Таировска Ѓурчак – родена на 1954 во Јасеново – Извор, Велес. Со творештво почнала да се занимава уште во школските денови. Сега живее во Германија и продолжува да твори. За неа важи правилото кое и самата го применува: „љубов со љубов само се мери и со ништо не можи да се смени“

Објавени дела:

Солза и љубов, 2013, поезија
Живот, среќа, љубов, 2013, афоризми
Поетска плетенка, 2015, поезија
Поетски белег, 2016, поезија
Глас на времето, 2017, поезија
Во животинското царство, 2017, детски расказ.
Под шамија туѓа, 2018, поезија
Светлината на зборот, 2020, поезија со германски превод
Книгата „Светлината на зборот“ ѝ ја донесе првата награда на Дата Песнопој – Битола книжевни меридијани.

Везилка Магазин