Зад аголот приказнаРепортажи

Позади аголот приказна | Во рурална Кина – Мушан: Јужно од облаците

Везилка Магазин

 

Урбаното го заменуваме со руралното, исконското, воплотувајќи се со минатото и вдишувајќи го истиот воздух што го дишеле илјадници генарации кинески земјоделци, занаетчии, сточари и мудреци. Мојот пат го продолжувам во срцето на провинцијата Јунан, меѓу жителите на народот Ји, јужно од облаците – 2000 метри надморска височина и рурална идила. Велат дека во ваквите места се родиле првите искри на животот. Мојата дестинација е гратчето Лонг Пенг и околните села.

Овие фотографии ги направив попатно патувајќи кон Мушан, идилично село, десетина километри оддалечено од гратчето Лонг Пенг. Очигледно е, секоја педа од земјата е рационално искористена. Градинарството предничи пред овоштарството, се разбира, височината на којашто се наоѓаме го дозволува тоа.

Обичниот кинески земјоделец половина од својот работен ден секојдневно го поминува на поле. Работливоста е таа којашто ги краси жителите на народот Ји. И сето тоа е нормално, зашто за да се преживее и да се прехрани семејството си бара труд  и напорна работа.

Главната капија на влезот на Мушан се исправи пред мене. Ме пречекаа љубопитните очи на првите селани. Некои од нив го преспаа денот, други пак уживаа во вкусот на тутунот, групно павкајќи бонг. И во сето ова мора да има некаков јин и јанг – чистиот планински воздух заменет со црнилото на белите дробови. И, се разбира, во животот нема правила, па затоа предничат исклучоците. Старите велат, за мрзеливоста нема лек.

Рурална или земјоделска Кина зафаќа речиси половина од целокупната територија на државата. Нешто повеќе од 45 проценти од кинеската земја е обработлива површина. Животниот стандард на населението е различен. Контрастите град-село се видливи и драстични. Животот во градот е многу полесен и поедноставен и не бара голем физички труд за преживување, за разлика од животот на село.

Како и секаде во светот, миграцијата град-село е реалност, па така и во Кина. Во последните 35 години, 500 милиони жители од селата мигрирале во градовите. Меѓутоа, и покрај тоа, кинеското село и производството сè уште не се загрозени. Во јужна Кина руралните области брзо се развиваат, а во некои делови достигнуваат и до степен на урбани економии.

Уште од време на Републиката па до ден-денес, кинеското земјоделство и производство се менувало, се разбира, секогаш во чекор со општествените и политичките збиднувања во земјата. Од големи земјопоседници, колективизации и национализации до културни револуции, различни реформи кои обичниот Кинез можеби и не ги разбирал во целост, но морал да се приспособи на нив, со цел да биде корисен за своето семејство и за државата. Кинезите велат работата на поле не е едноставна работа. Оној кој одгледува градина, одгледува среќа.

Кина несомнено е земја на контрасти. Уникатна е по мешавината од урбаното во руралното. И токму затоа се решив да фрлам око на земјоделска Кина со цел да го искусам животот на село. Предизвик е во овие височини да бидете дел од заедница, која како енклава живее со генерации, негува сопствен јазичен дијалект, обичаи, традиција и култура. Животот на село не дека е нешто далечно за нас, туку едноставно во 21 век подзаборавивме да го практикуваме.

За источните култури се смета дека не е сиромав оној што нема богатство, туку сиромаси се оние кои не инвестираат во развојот на својот дух. А селаните во Мушан ме привлекоа со својата вредност, трудољубивост, љубопитност. Ме натераа едноставно да сфатиме дека земјата е извор на животот и нејзиното одгледување е важно колку и човечкиот живот.

Една кинеска поговорка вели: „пред 20 години и денес е најдоброто време да засадите дрво. Ако не сте го направиле тоа пред 20 години, потрудете се да го направите деновиве. Помогнете ù на природата за таа да ни помогне на нам.

Во овој летен дождлив ден заборавив на асфалтот и решив да прошетам низ село. Првиот знак што го сретнав на оваа бандера ми го привлече вниманието. Струјата сепак е скапоцена работа и оние што ќе пробаат да ја злоупотребат, нека размислат еднаш и уште еднаш дали да го направат тоа. Цртеж изваден од стрип како предупредување. Сепак, и во оваа страшна опомена има по нешто уметничко.

Ова е Мушан. Однадвор ме пречека со своите калливи куќи и тутунарници. Место каде што се раѓа и завршува животот. Кратка прошетка низ селото. Време да се искуси кинеска мудрост. Гледате и си припомнувате од неа, „ако сакате целата година да ви биде бериќетна, посејте ориз. Ако сакате десетгодишен напредок, посадете дрјва. Но ако сакате 100-годишен просперитет, направете дом и одгледајте деца. Стотици мажи можат да направат камп, но само на жената ѝ е дозволено да направи дом. На она што не можете да го избегнете, посакајте му добредојде.“

 

Продолжува…

ГАЛЕРИЈА

 

Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Диме може да го следите на Фејсбук и Инстаграм

Везилка Магазин