Станува порано за да ги слушне пред да легнат, легнува подоцна за да им посака добро утро. 71 годишната Марија Талевска од Штип живее во две временски зони. Половина од нејзиното семејство, постариот син живее во Австралија, помладиот-во Штип. За секој родител важно е неговите деца да се здрави и среќни, но допирот не е ист ако мора да биде на екран.

Желбата на синот Панде, да замине во Австралија, ја знаело целото семејство. Сепак, Марија вели дека ја памети секоја емоција која ја доживеала кога дошол денот да замине.
„Иако беше пред точно 21 година, го памтам моментот како да беше вчера, кога во месец февруари 1999 година, синот доби писмо од австралиската амбасада од Белград, со потврден одговор, после речиси три години од аплицирањето за иселеничка виза. Во тој момент кога синот соопшти дека ќе не напушти и ќе живее во Астралија во борба за подобар живот, се чуствував како еден дел од мене ќе отиде далеку. Беше жално и болно, не само за мене, туку и за целото семејство“, се сеќава Талевска.

Три години по заминувањето поштарот и бил најголемата среќа. Писмото од Мелбурн и по некој телефонски повик биле незамислива радост. Напредокот на технологијата за ова семејство значело и повторно цврсто поврзување.
„Првите три години преку писма и преку телефон. Го чекавме секое писмо и повик со нетрпение. Потоа кога интернетот беше подостапен во Македонија, купивме и компјутер, па така сега можеме и да се видиме. Ова малку ја ублажи тагата“, вели Марија.
Сега комуницираат секој ден. Панде има семејство, сопруга и две машки деца, а Марија и нејзиниот сопруг Благој со радост гледаат пред камера како растат нивните внуци. Тие ги известуваат за нивниот живот во Мелбурн, бабата и дедото за случувањата во стариот крај.

„Децата ни прават пат“, вели Марија која за да си го види семејството два пати ја посетила Австралија.

„Прв пат заминав кога се роди првиот внук, Благоја и тогаш бев сама, останав една година. Вториот пат заминавме заедно со мојот сопруг и останавме таму 6 месеци. Австралија е далечна, но прекрасна земја. Средена, организирана во секој поглед. Ме воодушевија чистите улици ,средените паркови исполнети со детски игралишта. Големите и полни маркети, а и возбудата да ги видиш во живо коалата и кенгурите и другиот животински свет специфичен за Австралија.“
Но за неа дома е на друго место. Кога е таму вели и недостасува другиот син, градот, соседите, секојдневието во Македонија.
Марија вели дека секоја мајка наоѓа начин да си го собере семејството на едно место, дури и ако е тоа со километри далеку.
„Родендените ги прославуваме онлајн, кога физички не сме заедно. За некои сум била таму, а за некои тие ќе дојдат овде“, со радост раскажува Марија.

За неа единственото место кое ја расплакува од среќа и од тага се аеродромите.
„Тие се најтешки, како што велат кога доаѓаат ги пречекуваме бескрајно среќни и весели, а се испраќаме нажалени, со желба за поскоро видување“.
Како 71 годишна мудра жена, свесна е дека родителите не ги раѓаат децата за да бидат нивна своина, туку да ги научат како да пловат низ животот, да бидат самостојни и среќни. Марија Талевска копнее само по едно:
„Посакувам да се живи, здрави и среќни! Ако е така и јас сум среќна со нив!“завршува Талевска.

Панде Талевски: Секогаш кога заминувам од Македонија, оставам по еден дел од себе
„Зошто Австралија? Судбина!“ Нема многу мудрување Панде кога зборува за својата животна одлука. Вели дека се започнало во 1995 година кога неговиот вујко од Австралија дошол да ги посети. Таа година Панде дипломирал на Технолошко Металуршкиот факултет во Скопје и се сеќава дека во тој период било многу тешко да се најде работа по својата струка.
„Низ разговор вујко ми ми рече дека ако не најдам работа, тој може да ми помогне да појдам во Австралија и да се снајдам. После кратко време ми испрати формулар за виза и така започна се. Го пополнив формуларот и аплицирав за виза. По две години добив работа во АРМ, а процедурата за иселување беше во тек. Кога изгубив надеж, во 1999 година добив писмо од амбасадата во Белград дека визата е одобрена и дека во рок од два месеца морам да влезам во Австралија, во спротивно се ќе се поништи.“
Одлуката била тешка. Иако неговото семејство го поддржало, сепак, можела да се забележи тагата во очите на неговата мајка Марија. На крајот со тешко срце одлучил дека треба да ја прифати одлуката која се случува еднаш во животот. Од АРМ заминал во март 1999 година, пред бомбардирањето на Србија.
„Какви беа чувствата? Измешани! Тага зашто се разделувам од најблиските со кои сум живеел 29 години, но во исто време соочувајќи се со нов предизвик-почеток и желба за подобар живот во една многу далечна но преубава земја“, вели Панде.
Денес работи во Фармацевстка компанија во Мелбурн. Има сопруга и две деца. Во 20 години, вкупно пет пати се вратил во Македонија да го посети своето семејство.
„Секогаш кога доаѓаме сме среќни и возбудени, со полно радост дека ќе се видиме и ќе поминеме време со најблиските, дека ќе се вратиме со многу спомени кои засекогаш ќе останат во нас. Но враќањето назад е болно!Секогаш кога заминувам-по еден дел од мене оставам во мојот Штип. Се би дал само да можам да ги прескокнам тие моменти, таа мачнина во душата!“
Двете деца и сопругата уживаат во секоја посета на Штип, вели Панде. Ја сакаат едноставноста со која функционира тој мал град, се е достапно, секаде се стигнува брзо и без автомобил. Се фасцинираат што застанувам речиси со секого на улица, со сите се знаеме, за нив тоа е чудно.
„Се разбира, најмногу се радуваат на баба и дедо. Помалиот син не може да се изнајаде пржени компири. Најубави се кога ќе ги направи баба“ завршува Панде.