Разно

Право на глас на жените низ вековите – што ни донесе борбата?

Везилка Магазин

Низ децениите, 8 Март во Македонија претставуваше ден за претежно славење на мајката, ден за подарување поклон и цвеќе на учителките и ден за собирање во локални ресторани, како начин за славење на борбата за правата кои денес на големо ги уживаме.

Денеска накратко ќе се одвоиме од овој тип на прослава на денот и ќе се фокусираме на борбата за право на глас на жените во светот во последните 150 години. Право кое денес ни следува автоматски и без борба, но убаво е да се потсетиме како сме стигнале до тука.

Дали знаевте дека жените во Соединетите Американски држави немале право на глас сѐ до 18 август 1920 година, кога 19 амандман, кој вели „правото на глас врз основа на пол не смее да биде одбиено од било која држава во Соединетите Американски држави“ станал дел од американскиот устав?

Протести во Њујорк 1913 година

Борбата за право започнала уште во четириесеттите години на 19 век и биле потребни повеќе од 60 години за жените да можат слободно да влегуваат и гласаат во изборните места.

За жал, овој амандман не важел за црните жени, кои своето право на глас го добиле дури во 1965 година.

Во Германија, денот на жената за прв пат се славел на 8 Март 1914 година, но иронично, жените тогаш сѐ уште немале право на глас. Истото го стекнале скор 5 години подоцна, на 30 ноември 1918 година, само неколку дена по донесувањето на одлуката за право на глас на жените во Обединетото Кралство.

„Црн петок“ на протестите во Лондон – 18 ноември 1910 година

Првата држава во Австралија која во 1894 година им дала право на глас на жените на локални избори е Јужна Австралија, а по неа во 1899 година следела Западна Австралија.

На сојузно ниво, во 1902 година новоформираниот Австралиски парламент со усвојување на измените на уставот на одредена група жени им дал право не само на глас, ами и можност да се кандидираат за пратенички во парламентот. Од оваа група исклучени биле жените со домородно, азиско и африканско потекло, кои дури во 1962 година го добиле ова право.

 

„Жените се секогаш загрижени за работите кои мажите ги забораваат, а мажите за работите кои жените ги паметат“ – Алберт Ајнштајн

 

Жените во Јужна Африка добиле право на глас во 1930 година. Вреди ли да се напоменe дека тоа важело само за жените од Европа и Азија? Да, црните жени правото на глас го добиле во ЗАМИСЛЕТЕ…..1994 година!

Во Бугарија, во 1937 година само омажените жени (а со тоа и вдовиците) добиле право да гласаат, и тоа само на локални избори, додека другите жени биле исклучени. Во 1944 година, сите жени, без разлика на нивниот брачен статус, добиле право на глас. Една година подоцна, во 1945 година, жените од Албанија го добиле ова право.

Први жени пратенички Бразил

Во Индија, жените ова право го добиле во 1947 година, кога државата ја извојувала својата независност од Обединетото Кралство.

На жените во Либан им била потребна 30-годишна борба за конечно во 1952 година (истата година и во Грција) да го добијат правото на глас, но со услов (кој не постоел за мажите) – да имаат основно образование.

Први жени пратенички во Финска 1907 година

За разлика од развиената и демократска Швајцарија, каде на национално ниво жените добиле право на глас во 1971 година, а на локално, во кантонот Appenzell Innerrhoden тоа право го добиле дури во 1991 година и тоа по налог на суд (!!), во Сиера Леоне, една од државите во западниот дел на афричкиот континент, жените имале право на глас уште во 1792 година, кога на тогашните избори секој член од домаќинството имал право на глас, а една третина од нив биле етнички жени Африканки!

На врвот на листата на држави кои најдоцна им дале право на жените да гласаат, се наоѓа Ватикан. Или со други зборови, жените во Ватикан СЀ УШТЕ НЕМААТ ПРАВО НА ГЛАС, затоа што папата се бира од Совет на (мажи) кардинали и тој има апсолутна власт над градот-држава.

Протест за еднаква работа – еднаква плата, Лондон 1968

Каде сме ние? 1945 година, во сите сојузни републики на тогашна Југославија, на жените им се дало правото на глас. Од тогаш, истото се слави во кафани и ресторани, со цвеќе и поклони.

За што се бориме денес?

Везилка Магазин