Во 2013 година сопругот добива работа во Виена како софтвер инженер, и се решавате да ја прифатите и да го промените целиот свој, дотогаш на вас познат, живот во Скопје. Што ве натера на овој чекор?
Промената дојде случајно, иако долго време во нас тлееше општо незадоволство од животот во Македонија. Лошиот квалитет на воздухот, постојаното загадување, стресот, несигурноста за иднината, општиот хаос во општеството и системот ни ја всадија таа идеја дека можеби е подобро среќата да си ја побараме надвор од Македонија.
Голем дел од пријателите/колегите од факултет беа заминати во Европа или Америка, па кога сопругот ја доби понудата за работа во Виена, одлучивме дека дошло време и дека ова е прекрасна можност да живееме во еден од најубавите градови во светот. Виена нуди многу висок квалитет на живот, впрочем со години е на врвот на листата на најдобри градови за живеење во светот. Метропола со прекрасна архитектура и многу историја, а сепак град со многу зеленило и можности за спорт и рекреација, паркови на секој чекор, зелени појаси, прекрасниот Дунав. Навистина беше шанса што не смееше да се пропушти.

Ти остана неколку месеци во Скопје, и замина во 2014та година. Дали остана затоа што се чувствуваше посигурно за пораѓај во „позната“ средина или причините беа други?
Повеке фактори беа во прашање. Во Виена немавме никој, а јас не го зборував ни германскиот јазик. Во Скопје ја имав поддршката од најблиските, а и се` уште бев во работен однос, имавме обврски кои требаше да се средат, па така се поделивме – јас средував она што беше за средување во Скопје, а сопругот полека спремаше терен за нашата преселба во Виена. Решивме да си ги земеме и 2те мачиња со нас, па морав од Скопје да ја организирам и нивната преселба (вакцини, чипови, пасоши, мегународни сертификати).

Кога ќерката беше бебе од само 40 дена, ги спакува своите и нејзините куфери, и замина во новиот живот во Виена, за да се соедините со сопругот. Што значеше за тебе како мајка овој чекор?
Раѓањето на ќеркичката беше тотален пресврт во нашиот живот, што по некоја случајност се поклопи и со промената на местото на живеење. Од се` она што ни беше познато, се најдовме во нова средина и со нови улоги – мама и тато. Предизвици имаше многу и промената воопшто не беше лесна. Првата година во Виена ми беше најтешката година во животот. Не го зборував јазикот, немав пријатели, бев постојано сама со бебето дома бидејќи сопругот често патуваше – се чувствував едноставно исклучена од светот.

Како мајка, ми беше посебно тешко бидејќи во новата средина се` беше ново, непознато – не знаев како и каде треба да одам на лекар, како и колку често се прават контроли, каде можам да купам одредени работи кои ми се потребни за бебето и слични работи. Благодарение на две Македонки со чии партнери сопругот се познаваше од Македонија, а живееја во Виена, и кои ми помогнаа со почетни информации, дознав како функционира системот, општеството итн. и почнав полека да се снаоѓам.
Сите знаеме колкава помош добиваме околу децата и домот кога сме во Македонија, а тие што сме надвор знаеме и каков е животот тука каде што сме, но реално, не секој ги перцепира препреките и „проблемите“ на ист начин. Колку ти фалеше некој свој до тебе во тој првичен период?
Многу. Мајка ми и свекрва ми не` посетуваа често, па тоа малку ја ублажуваше носталгијата. Ама во принцип е тешко и само оној кој е сам во странство може да разбере како е кога мораш буквално се` да испланираш, во секој момент и секаде да го носиш детето со себе и на тој начин да си го организираш животот за се` да функционира.

Најпрост пример – Во Македонија сите продавници се отворени до 22 часот навечер. Навикната на тој начин на живот кога дојдов во Виена се шокирав! Супермаркетите работеа само до 18 часот, аптеките до 12! Педијатрите и докторите работат само по неколку часа во денот. За да живееш нормално и да функционира се`, треба навистина добро да си информиран и многу добро да планираш. Во меѓувреме некои работи се променија, но и ние се прилагодивме.
Што ти беше најтешко да правиш или прифатиш кога се најде во туѓа држава?
Најтешко ми беше да најдам пријатели и да се навикнам на поинаквото темпо и начин на живот. Така се роди всушност и идејата за фејсбук групата „Интернационалки“. Имав многу прашања на кои одговорите лежеа во размена на искуствата. Сакав и да запознаам пријатели, но тешко одеше бидејќи не познавав многу луге во градот. Кога ние дојдовме во Виена, бевме многу малку Македонци. Во меѓувреме, во овие 6 години, можам да кажам дека бројот драстично се зголеми.

Втората тешкотија со која се соочив беше да најдам работа. Морав најпрво да го научам јазикот. Почнав буквално од 0, немав никакви предзнаења од германски јазик. Со многу труд успеав да го совладам јазикот до C1 ниво во рок од само 1 година.
За да бидам поконкурентна на пазарот на трудот и да најдам работа каква јас посакувам, се одлучив да си го надоградам образованието, па истовремено се запишав на неколку специјални школувања и успешно ги завршив. (Payroll Specialist, SAP Human Capital Management). Се сертифицирав и за Експерт по Австриско трудово право и како еден од најдобрите студенти во класата, бев лично препорачана од директорката на институтот во неколку од најголемите австриски компании. Првиот ден по завршувањето на школувањето, почнав да работам во водечка австриска компанија за производство на електрична енергија во одделот за човечки ресурси.
Колку си задоволна од здравствениот и школскиот систем во Австрија?
Здравствениот систем е добар, задоволна сум. Здравството е бесплатно за сите и не се плаќа ништо. Беше тешко на почетокот додека сфатиме како функционира, бидејки е многу различно од она на што сме навикнати во Македонија. Проблематично е работното време на лекарите, бидејќи работат само по неколку часа на денот. Но најсовремените медицински апарати и испитувања стојат на располагање, а болниците им се супер средени и опремени.

За школскиот систем не можам многу да кажам, бидејки ќеркичката тргнува во септември во училиште. Системот тука е малку покомплициран од македонскиот, бидејќи децата веке во 4 одделение се определуваат што сакаат понатаму, а навистина има многу можности кои им стојат на располагање. Она што е многу важно е дека школскиот систем произведува кадри за секоја потреба и секој може да најде работа по завршувањето на образованието. Во Виена малку потешко се наоѓа добро училиште, но не е невозможно.
Долги години си во секторот на човечки ресурси. Колкава е разликата меѓу Македонија и Австрија, во однос на права на работници?
Нажалост, разликата е огромна. Да почнеме од она дека во Австрија годишно работниците добиваат 14 плати (а не 12). Социјалното партнерство е високо развиено, има многу колективни договори, многу институции кои ги штитат правата на работниците , а трудот се цени. Работниците можат да живеат убав и пристоен живот бидејки се добро платени.
Даноците се високи, но скалести па има некоја праведност во распределбата. Мајките се одлично заштитени, породилното отсуство може да трае до 2 години, а вид на надомест за грижа на децата добиваат и мајките кои не работат и тоа може да трае до 3 години. За време и по завршувањето на породилното отсуство мајката е заштитена од отказ, а има можност да работи со скратено работно време се додека детето наполни 7 години. Татковците добиваат 1 месец платено отсуство по рагањето на бебето (Papamonat) и често ја користат можноста за породилно отсуство ии да работат со скратено работно време .

Дали, освен семејството и пријателите, ви фали нешто друго од Македонија, и дали е вистина дека луѓето на север се поладни од нас Македонците?
Ми фали храната, да седнам во Дебар маало во кафана на мезе со друштво хахах. Иако сега веке се помалку, бидејки и овде имаме прекрасен круг на пријатели со кои често се дружиме . Има и македонски ресторан кој е многу посетен и нуди одлична храна.
Во однос на Австријците мој впечаток е дека се малку порезервирани и потешко прифаќаат нови луге, но кога подобро ќе ги запознаеш се добри пријатели. На работа во мојот тим сум единствен странец, но ме прифатија со раширени раце и сум презадоволна од колегите и нивниот однос спрема мене.

Австријците се директни и тоа е нешто во нивната култура што ми се допаѓа. Во состојба се се` да ти кажат во лице, иако можеби тоа не сакаш да го слушнеш. Инаку се културни и многу љубезни. Она што е интересно, и по малку невообичаено, е дека се познати по формалноста, титулите (магистер, доктор, правник, инженер итн) тука многу значат и се истакнуваат дури и во секојдневни ситуации. Виенчаните се посебни, бидејќи се познати по коментарите во секоја ситуација и никому не остануваат должни (некои велат дека се намќорести хаха)
Дали враќање во Скопје ви е опција во било кој момент?
Искрено, не. Се навикнавме на животот овде, оформивме дом, среќни сме и исполнети. Скопје е градот во кој сме родени, не` врзуваат убави моменти и спомени, но таму повеке не се пронаогаме, барем не во сегашните прилики и услови. Доколку нешто се промени во иднина, можеби. Никогаш не вели никогаш.
