Претставуваме

Претставуваме: Самоглас – прва платформа за пласирање на аудио книги на македонски јазик

Везилка Магазин

 

Мобилната апликација на Самоглас е достапна на: Андроид и Епл 

 

Дали сакате да читате книги на македонски, но единственото слободно време ви е она кое го поминувате во кола додека се возите од едно до друго место? Или пред спиење, но очите ви се уморни од денот? Или можеби сакате децата да го слушаат, разбираат и негуваат македонскиот јазик, а да не мора да одат на курсеви?

Самоглас е прва платформа за пласирање на аудио книги на македонски јазик, позади која стои тимот на ФЛУКТУС – група на дипломирани актери, кои веруваат дека без силна културна сцена, која може да изврши влијание врз формалните и неформалните образовни процеси, нема да постои никаква можност за младина која ќе го оствари својот полн потенцијал.

 

 

Проектот на кој работеле последните три години е „Самоглас“ –  првата платформа за пласирање на аудио книги на македонски јазик, креирана со желба за промоција на културолошкиот и едукативниот раст во и надвор од државата. Платформата претставува веб и мобилна апликација за пристап до аудио библиотека, која е нов модел за претставување на литературни содржини на македонски јазик.

 

 

Во процесот на создавање на Самоглас дошле до сознанија дека аудио книгите се од директна корист за слепите и слабовидни лица, како и лицата со дислексија, но дека носат и дополнителни придобивки, како: подобрување на говорот, подобрување на концентрацијата и памтењето, можност паралелно да се работи и на други активности, зголемување на читачката навика, подобрување на менталното здравје итн.

Самоглас е отворена и достапна за корисниците од јануари 2020, а до сега имаат:

  • 9.000 регистрирани корисници
  • 61 објавени книги на платформата
  • база од над 38 гласови на актери

 

 

Во меѓувреме, ги прашавме дечките од Флуктус – Ангела Стојановска, Васко Костовски и Христијан Поп-Симонов, кога, како и зошто го започнаа Самоглас:

 

КОГА?

 

– Оформувањето на идејата почна да се одвива пред околу 2 (веќе 3) години. Во 2015 сите тројца дипломиравме Актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје, никој од нас не посегна по барање работа во театарските институции – одлучивме дека сакаме да си ја пробаме среќата работејќи сопствени мултимедијални проекти.

 

 

Некаде во 2018, стигнавме до идејата за аудио книги, тргајќи од тоа дека потребните вештини за изработка на истите веќе ги имавме стекнато, а имавме и пристап до соодветна опрема – па почнавме повеќе да се задлабочуваме во темата со анализи, истражувања и анкети за утврдување на состојбата со македонски аудио книги. – вели Христијан.

 

КАКО?

 

– Откако навлеговме во тематиката „аудио книги и што сè подразбира тоа“, сфативме дека за правилно реализирање на нашата замисла ќе треба да се изработи место каде што аудиокнигите би постоеле, кое ќе биде лесно достапно за сите. Влеговме во потрага по некој кој би можел да ги реализира нашите потреби – и во пресрет ни излезе Мартин Тасевски, човекот кој стои (или седи 🙂 ) позади финалната форма на веб страната, а сега веќе и мобилната апликација, на Самоглас.

 

 

Никој од нас не е гуру на социјалните медиуми, иако Кико прави одлични работи со дизајнот на дел од кориците, но знаевме дека ни треба некој многу поискусен кој ќе ни помогне во претставување на Самоглас пред слушателите.

Петар Антевски (во многу скоро време дипломиран продуцент на ФДУ), во тој период работеше на прекрасна кампања за МТФ „Војдан Чернодрински“, ја видовме и знаевме дека Петар е човекот. За среќа луѓево несебично влегоа во приказната заедно со нас и Самоглас прерасна во зрела и исполнета иницијатива која ќе продолжи и следната година – вели Ангела.

 

ЗОШТО?

 

– Кога истражувавме за аудио книги во почетокот на реализацијата, бевме изненадени кога сфативме колку голем број на придобивка постојат од слушање на истите. Првенствено, тие се од огромна помош за луѓето со визуелни потешкотии, лицата со дислексија и за сите кои се оневозможени поинаку да ги читаат напишаните дела. Ја подобруваат концентрацијата и памтењето и можат да се слушаат во секое време, дури и кога работиш на други активности.

 

 

Ваквите сознанија ни дадоа поттик и потврда дека подвигот кој сме решиле да го направиме е вреден и дека ќе им биде од корист на многу луѓе, а дополнително ќе послужи како начин за дигитализација на македонскиот јазик и заштита на културното наследство – вели Васко.

Везилка Магазин