Денеска убаво се исплакав.
Научив дека кога ќе надојдат такви емоции треба да ги пуштам и да си дозволам да се чувствувам лошо од време на време.
Вистина е дека успешно ја прифатив состојбата на Јоана и ја разбрав поголемата слика во сето ова. Ги признавам сите благослови кои што дојдоа со оваа ситуација. А знам дека успеав во тоа затоа што се чувствувам среќна поголемиот дел од времето. Нема повеќе прашања „Зошто јас, зошто таа, зошто ние?“. Нема повеќе вина и грижа околу иднината, туку живеење во моментот и уживање во истиот.
Сепак, емоционална состојба не е слика во рамка, ја ставаш еднаш и може да остане на некоја полица засекогаш. Не си правам добра услуга ако тврдам дека само треба да прифатам, да работам на себе и да ги препознаам сите прикриени благослови, и никогаш повеќе нема да се чувствувам „за никаде“. Тоа ниту е можно, а ниту е поентата на животот.
Прифаќањето оди во двата правци:
- Од една страна, за да излезете од иницијалниот шок дека вашето дете се соочува со ментални и физички предизвици, првиот чекор е прифаќање на сето тоа онака како што е.
- Од друга страна, секогаш кога ќе дојдат негативни емоции, и нив треба да ги прифатите. Не постои магичен прав што ќе ве држи „на 7мо небо“ засекогаш.
И мора да признаете дека понекогаш кога се чувствувате лошо, тоа прави да ви е некако убаво. Ова не е толку редок парадокс. Ако убаво се исплачете, ја прифатите тагата и не се опирате, ќе ви олесни и ќе се вратите во баланс за брзо време.
Но целава оваа „плачење/чувствување лошо“ ситуација понекогаш ни се чини погрешна, и на крај се чувствуваме уште полошо. Причина за тоа е што не си даваме дозвола да се чувствуваме лошо. Мислиме дека тоа е неуспех, дека не сме доволно силни, доволно добри; види, ниту еден ден не можам да истуркам без плачење. И со слични мисли се удираме по глава, а сето ова нашиот ум го креира, никој друг не го мисли истово за нас, и уште полошо се чувствуваме, а некогаш и огорчено.
Така што, не само што треба да научиме како да бидеме среќни, туку треба да научиме и како да бидеме тажни.
Да ви раскажам зошто плачев денес.
Јоана и јас бевме сами дома и уживавме во цртан филм. Таа си седеше во количката и почна да кашла. Станав да и помогнам и решив да ја инхалирам. Процедурата е да истурам малку течност во инхалаторот и да и го држам пред лицето 4-5 минути додека пареата да и невлезе во бронхиите. Како што го држев тоа и стоев пред неа и‘ ги фатив рачињата и ги ставив на инхалаторот и изгледаше како двете да држиме. За момент помислив дека може да продолжи да држи сама и ги тргнав рацете, а нејзините само се спуштија долу зошто таа нема мускулен тонус.
Тоа беше тригерот. Ja „фатив“ првата мисла пред цунамито (добро де, претерувам, не беше баш толкава бура од емоции), и тоа беше „Па не може ниту да држи…“ и почнав да плачам. И си дозволив да бидам малку во тој самосожалувачки момент затоа што знам дека прво – ете може да се менуваат емоционални состојби, второ – знам дека треба на телото да му дозволам да изреагира соодветно зошто знам дека ќе биде уште полошо ако почнам да си се лутам што сум попуштила. Не можам да се преправам дека сум робот.
И плачев можеби 2-3 минути, се уште држејќи го инхалаторот пред неа и бев свесна дека физички ми олеснува се повеќе. Додека на крај дури и смешно малку ми се виде затоа што, еве ме мене, ја жалам неа што не може да ги користи рацете, и ете ја неа, потполно несвесна што сум јас тажна, си седи целата слатка со дебелите обравчиња и си гледа „Моана“, и потполно смирена си ужива во моментот. На крај дури и се насмеав кога си замислував како ќе и кажам за ова на другарка ми кога ќе се чуеме.
Поентата е, за разлика од порано кога вакви негативни емоции ќе ме однесеа на многу неубави места, сега успеав да се вратам во баланс за многу кратко време. Затоа што уште пред две години донесов одлука дека ќе преземам одговорност за тоа како се чувствувам и дека ќе си дозволам да си ги процесирам чувствата. И нема да им давам отпор на тагата и солзите.
Кога си дозволив емотивна реакција кога ми дојде мислата, многу брзо увидов дека самата си предизвикав страдање со тоа што претпоставив дека и таа е еднакво фрустрирана поради нејзините ограничувања. А Јоана воопшто не беше исфрустрирана. Само си го гледаше цртаниот потполно задоволна.
И сега, повторно се чувствувам среќно и олеснето и ова чувство трае со саати, што е многу подолго од 3 минути плачење. Ја прифаќам и ценам Јоана како што е. И уживам што е покрај мене и си имаме опуштено неделно попладне заедно. И уживам што можам да си ја гушкам и бацувам и да и‘ ја чувствувам енергијата. Ја ценам нејзината волја за живот и тоа што се издигнува над сите здравстбени предизвици во минативе години.
Ја ценам нејзината способност да не се опира на состојбата и да ужива во животот од нејзина перспектива.
Ја сакам и многу сум горда на неа.