Книжевно творештвоМузика и уметност

Професионалец

Планот беше набрзина да спечалам некоја пара на запад...

Везилка Магазин

Планот беше набрзина да спечалам некоја пара на запад и да отворам бизнис во стариот крај, но завршив со свиткан опаш во мрачно здание од бетон и челик. Самотијата во ќелијата убиваше, имаше подолги периоди кога немаше со кого да се проговори. Меѓутоа попладнево неочекувано добив цимер, некојси Ото Ериксон. На Ото изгледа не му беше многу до зборување, барем поголемиот дел од времето го помина задлабочен во подебел прирачник за есперанто, всушност тоа беше сè што имаше со себе. Зошто си во дупкава, ме праша тој штом најпосле реши да го затвори прирачникот и се истегна на својот кревет. Долга приказна, му реков. Се обложувам дека си невина душа, се насмевна тој. Така некако, а ти? Ото како со задоволство да го очекуваше прашањето. Јас сум класика, рече тој. Mi komencis kiel rabisto, ме разбираш, почнав како оној што се дрзнува да ти влезе во гнездото.

Зар е можно да си сигурен кога гнездото ќе биде без својот posedanto, покажав љубопитност. Ми се допаѓаше што најпосле имам со кого да помуабетам. Ото значајно ги крена густите веѓи и за првпат ме погледна в очи, веројатно го ценеше моето какво-такво познавање на есперантото. Не само што е можно, рече тој, туку јас толку се бев усовршил во тоа што веќе немаше ни потреба да ги читам суптилните знаци што ти помагаат да дознаеш кога гнездото е без стопан; едноставно се насочувам кон целта и влегувам како со години да сум живеел таму – мислам дека сум стекнал моќ да станам nevidabla. Мислиш, невидлив, го препрашав, не бев сигурен дека го разбрав најдобро. Се разбира, невозможно е да се биде физички невидлив, Ото продолжи, повеќе мислев на еден вид незабележливост, слевање со околината, ме разбираш; на пример – влегуваш непоканет во соба во која има повеќе особи но тие не те забележуваат, толку си се извештил што можеш бесшумно да се прикрадеш на чекор од нив и да останеш незабележан. Тоа е пасивна форма, постои и активна – кога не те гледаат како што? Не сакав да го вулгаризирам одговорот и да речам како крадец, затоа се потрудив и реков: kiel rabisto. Точно, климна Ото, во такви ситуации те прашуваат од кај си дошол или кого го бараш; тогаш е најинтересно, имаш целосна слобода на измислување. Со смиреност и умешни зборови можеш секогаш да се извлечеш. Ото тука пак ги крена густите веѓи и додаде: меѓутоа, ме загрижува тоа што забележувам во последно време има моменти кога не само што станувам незабележлив за моите „клиенти“ туку и самиот себеси не можам да се најдам, т.е се изгубувам во работата. Еве на пример, пред извесно време се уфрлив во куќата на еден богат банкар, планирав да го олеснам, нормално; и сè ќе беше фино ако толку не се бев занел во вештината на незабележливост, што целосно се изгубив во процесот и завршив во градината на господинот; беше толку запуштена, ми требаше речиси цела недела да ја потсредам. Зар во меѓувреме не те прашаа кој си, од каде си дојден? Жената на банкарот мислеше изненадување сум приредено од мажот ѝ, рече Ото. Се израдува кога ме виде како се грижам за бавчата; а самиот банкар веројатно не си мислеше ништо. Во секој случај сериозно се задумав кога забележав колку многу сум скршнал од првобитната цел. Ото сега седна на креветот, навистина изгледаше загрижен.

Минатиот месец пак ми се случи вакво самоизгубување и заглавив во една трговска компанија, продолжи тој. Целата ми беше да го очистам местото од одредена сума финансиски средства, но завршив како асистент во маркетинг. Верувал или не, токму тоа се случи, рече Ото. Дури и можев да бирам помеѓу место во канцеларијата за маркетинг или техничка служба. Тамошниот менаџер ме посоветува да останам во маркетинг, се очекувале кадровски промени па наскоро сум можел да очекувам унапредување. Ама што да ти кажувам, за никаде сум – се надевав вакво самоизгубување нема веќе да ми се случи, но не помина време и еве, минатата недела пак заглавување. Последново кај извесна имашлива госпоѓа. Кај неа влегов во подрумот; од таму имав намера да влезам во преостанатиот дел од куќата, поточно во спалната соба каде научив дека е сефот. Значи, преку подрумот тргнав да ја завршам преостанатата работа кога еве ја таа, ја отвора вратата и право на мене. Ѝ реков дека сум некаковси инспектор: испитувам необјаснива појава на подземни води во областа. Кутрата, веднаш ја купи приказната. Ти велам, ако ѝ речев барам мирно катче каде што би можел да вежбам пијано ќе ми поверуваше.

А не те замоли ли да ѝ објасниш како влезе во подрумот?

Ме замоли, но да ѝ го пробам слаткото спремено за зимница. Го пробав и на крајот завршив со преполн стомак, многу ѝ се допаднав на жената. Ваков интересен инспектор не сум видела до сега, ми рече таа пред да ми се фрли в прегратка… Ото тука замолкна.

После неколку долги моменти поминати во нестрпливо исчекување го потпрашав: Нема ли да ми кажеш што бидна потоа?

Таа умре, со сув глас додаде тој.

Ја уби?

Не, водевме страсна љубов.

Па зошто си тогаш тука, невино осуден за убиство?

Не сум осуден, Ото го повиши гласот. Веројатно не му се допадна мојата надојдена љубопитост, затоа решив привремено да го оставам на мира. Бев сигурен дека за време на нашиот престој во ќелијата ќе имаме на претек време за запознавање.

Преостанатиот дел од денот го поминав во читање на библијата, немајќи друга занимација се обидував да научам наизуст некои поинтересни извадоци, така бев заспал. Следното утро кога се разбудив се штрекнав од глетката: креветот на мистериозниот соговорник беше празен. Во првата прилика видно возбуден го прашав чуварот: каде е Ото? Ото Ериксон, му реков кога ме погледна со чудење.

Мислиш на господинот Ото Ериксон, новиот управник на затворот, се насмевна тој.

Не ми е до шегување, му се внесов в лице. Остави го управникот на мира, те прашувам за Ото од оваа ќелија!

Ама што си се разрипал ти изутринава, чуварот ме предупреди да внимавам како се однесувам. Тука нема друг Ото Ериксон освен управникот. Сигурно не очекуваш да те покани на кафе или лекција есперанто. За тебе тој е господин човек, чуварот нагласи отсечно и зачудено ја заниша главата пред претпазливо да ме одмине.

Владо Јаневски
(краток расказ)

Везилка Магазин