ИнтервјуаНие низ светот

Рената Горговска: „Сакам Стефани да верува дека Универзумот ќе ѝ даде се` што ќе посака и дека мора да е благодарна за тоа“

Интервју со Рената Горговска од Лондон

На Темза, на снимањето на спотот на Alessandro Chiko
Везилка Магазин

Животот на Рената Горговска е како излезен од филмска лента – преселба на млади години во Лондон, пронаоѓање љубов, несреќа со мотор во која ја губи меморијата, почеток од нула, трансформација, станување мајка, развод, лично духовно ослободување.

Денес, оваа млада жена го ужива животот како што таа одлучила и замислила. Нејзината ќерка Стефани живее помеѓу времето поминато на училиште и на сцена под рефлектори, танцува, глуми и учествува на натпревари за убавина, додека нејзината најдобра другарка – мајка ѝ, ја следи во чекор и ја учи на јога, медитација и благодарност за се` што животот им принесува пред нивните нозе.

Во интервјуто за Везилка нашата соговорничка се отвори доволно за да ни ја долови големата слика на тоа што значи да си Рената во нејзината животна претстава, а останатите детали ги остави за следната година, кога ќе излезе од печат нејзината автобиографија.

 

Рената по несреќата, во нејзината омилена боја – приватна архива

 

Пред 22 години патот те одведе од Берово во Лондон. Што те натера да го напуштиш својот дом и што очекуваше да добиеш со новата авантура?

 

Лондон ми беше сон уште како дете и од секогаш сакав да започнам нов живот на тој остров, но за подетално што ме натера да заминам во градот, ќе оставам да прочитате во книгата што планирам да ја издадам на крајот на следната година и која ќе биде дел од мојата автобиографија. Специјално ќе ви испратам една копија до Австралија.

Градов го обожавам најмногу затоа што има можности да постигнеш се` што ке посакаш. Лондон е еден од најскапите градови во светот и ако сакаш да си дозволиш се`, одреден период од животот ќе мора да работиш дупли смени, но на крајот се исплати. Неработниците тука не остануваат.

 

Во кафана во Лондон, пред несреќата – приватна архива

 

Во Лондон го сретна и својот (сега веќе бивши) сопруг. Како можеше да се најде љубов тогаш, во таа декада и на тој остров и што научи од своето брачно искуство?

 

Јас и татко ѝ на Стефани станавме многу добри другари и така се роди и љубовта. Во Лондон е многу тешко да најдеш човек на кого можеш да му веруваш, а јас во него видов вистински пријател. Тие 10 години научив премногу, но најмногу сфатив дека како што минува времето – сите ние се менуваме и ако со парнерот не се менувате во иста насока, тогаш се губи близината.

 

Ќерката Стефани се роди 2 години по вашата средба. Што значеше станувањето мајка за тебе, како жена без поддршка од најблиските?

 

Далечината не ја спречи мојата најмила мајкичка да биде покрај мене скоро 1 година уште пред да се роди Стефани. Имав многу тешка бременост и бескрајно сум ѝ благодарна за целата поддршка што ми ја пружи во најтешките моменти.

 

Рената со Стефани низ годините – приватна архива

 

Пред 18 години ти се случи сообраќајна несреќа со мотор, во која ја изгуби меморијата, со што ти се намали и знаењето на македонскиот јазик. Како се пронајде повторно себеси и дали се врати целосно на она што беше пред несреќата?

 

Кога пред 18 години се разбудив – не се сеќавав на ништо. Ја изгубив целата меморија и првата година беше многу напорна. Се градев самата себе како што ми беше убаво. Одлучив да го живеам секој момент најдобро што можам за себе. Почнав да вежбам јога за да ми помогне во напредокот на движењата и така се запознав со медитацијата.

 

Медитација на Козјак – приватна архива

 

Како што почна да ми се враќа меморијата, така почнаа многу тешки моменти, зашто ги преживував траумите од детството, но со помош на медитирањето, сега веќе бев сосема различна личност, па се` помалце ме допираше минатото. Убавите моменти со најдобрите детски другарки сакав да ги запомнам, додека тешките моменти ги почувствував и ги пуштив да поминат низ мене.

Кога би имала моќ на одлучување, би го променила целиот образовен систем од градинка па до универзитет и би вовела предмет по самозапознавање и задолжителна секојдневна медитација во сите школи.

 

Рената со Стефани – приватна архива

 

Што научи за време на својата трансформација?

 

Никогаш не се откажувајте од соновите. Ќе ви се исполни се` што неизмерно ќе го посакате, треба само да верувате во тоа. Многу работи во животот ги земаме за „дадени“ се` до оној момент кога ќе ги снема.

Откако се разбудив од кома и почнав да го кројам животот, сите замисли ги остварив. На пример: да сум способна да вежбам и трчам пак. Да можам да јадам, да зборувам и читам течно сама. Да работам во банка, да работам во болница, да студирам детска психологија, да купам местенце што ќе го викам мое катче, да го посетам најубавиот остров Хаваи, да прошетам секаде кадешто ќе посакам….

 

На првото застанување на штикли по несреќата – приватна архива

 

Никој и ништо не може да ви го земе тоа што го посакувате, само може да ви го даде кога верувате во себе. Се` што животот ни фрла пред нас е со цел да ја сфатиме суштината на нашиот дух. Духот умира ако не го надградуваме и одмараме секојдневно. За пронаоѓањето на самата себе најмногу ми помогнаа YouTube видеата на Abraham Hicks, Louise Hay и Counseling.

Нашата култура од мали нозе не` учи да ќутиме и да не ги споделуваме своите мисли и емоции. Ми требаа години работа на себе за да почнам да се прифаќам таква каква што сум и самоуверено да кажувам се` што мислам.

Со мојата трансформација изгубив многу пријатели и роднини и на почетокот ми беше тешко да го прифатам тоа, но како што поминуваа годините и се` повеке се осознавав себеси, сфатив дека таквите луѓе не ми се ни потребни во животот, зошто со нивното различно размислување, само ќе ме влечеа надолу и ќе тонев уште повеќе.

 

Рената годинава, на својот 42 роденден – приватна архива

 

Во моментов сум опкружена со луѓе што вистински ме сакаат. Не се многу, но доволни ми се за смеа, тага и дружба, со големо разбирање и најважно – без осудување. Морам да ги спомнам двете души Соња Богевска ( која иако е веке 14 години во Нов Зеаланд, технологијата ни овозможува често да се разговараме и споделуваме) и Ана Анушка, кои беа покрај мене секој пат кога ќе го удрев дното и се мачев да се разберам.

Сето она што го научив додека се барав себе си, сега ѝ го пренесувам на Стефани и она е веќе успешна на сите полиња. Сега е време да ги напишам своите желби и сонови за наредните 20 години.

 

Стефани кога започна со фотосесии – приватна архива

 

Стефани течно го зборува македонскиот јазик и пред светот секогаш се претставува како Македонка родена во Лондон. Колку ти беше важно да ѝ го всадиш и негуваш тоа чувство на коренита припадност?

 

Кога новородената Јас одлучи да ја гледа нашата Македонија како убавата родна земја што ми пружа радост и доживотни пријатели, сакав и Стефани така да ја доживее. И ги раскажував само убавите моменти од бебе и тоа само на македонски јазик. Ми беше многу важно таа да биде горда што е од толку малечка, но убава земја. Многу пати ми има кажано дека кога ќе биде возрасна, одморите ќе ги поминува во Македонија.

 

Во Versus Kosa салонот во Лондон, сопственост на Драги Поповски од Струмица – приватна архива

 

Од најмала возраст ја воведе во светот на медитациите и јогата, додека паралелно, уште од 4 годишна возраст, посетуваше часови по танцување и драма. Зошто мислеше дека е важно Стефани да е приземјена и свесна за себе и околината од толку мали нозе?

 

Затоа што само така може да има постојан мир во душата и да постигнува се` што ќе посака во нејзиниот живот. Мора да верува дека се` што ќе посака од дното на душата, Универзумот ке ѝ го даде и дека мора да биде благодарна за тоа.

 

Стефани медитира пред ревија – приватна архива

 

Покрај танцувањето и актерството, Стефани влезе и во светот на модата. Како се случи тоа?

 

Во 2017 аплицирав на натпревар за млади манекенки, на кој требаше да рекламираат облека за танци и онлајн и во испринтан каталог. Од 1560 пријавени кандидати, Стефани беше одбрана во десетте најдобри и во 2018 година ја рекламираше облеката за танци на www.xcitedancedesigns.co.uk . Тоа беше едно преубаво искуство за доживување за нејзините 7 години.

Кога наполни 8, таа веќе добиваше место секаде кадешто аплицирав . Со дизајнот на Korn Taylor гостуваше на Европа ТВ во Милано. Во Рим беше на неговата ревија и го претставуваше со 3 различни фустани.

 

Miss fashion week junior USA – приватна архива

 

Со Adrianna Ostrowska, Be Unique Be You и Love Collection by Emily and Anna веќе трет пат се појавува на Лондон Fashion Week. House of Icons ѝ даде шанса да биде многу блиску до најдобрата дизајнерка во 2019 Adrianna Ostrowska.

Во 2019 победи и на регионалниот натпревар на Miss Fashion Week во Лондон, па на ниво на UK и во USA и се стекна со титулата Miss Fashion Week International Junior. Тоа ѝ беше едно од најубавите искуства во нејзиниот мал живот. Стефани веќе има и глумено во неколку кратки филмови и сега само што заврши со снимањето на последниот Behind The Crash, каде што ја има една од главните улоги.

 

Miss fashion week junior USA – приватна архива

 

Нејзиниот Инстаграм е @missfashionweekukjuniorstefani.

 

Дали понекогаш имаш страв, или можеби внатрешен немир, за целото експонирање на Стефани од мала возраст, имајќи во предвид што се случува насекаде, а посебно во светот на модата?

 

Во светот на модата е многу тешко да останеш присебен, затоа што се` постојано се случува во последен момент, но јас имам огромна доверба дека таа може да се снајде во секој незгоден момент. Заради тоа и заради фактот дека секогаш ѝ го кажувам ова, таа има голема верба во себе.

 

Стефани со своите трофеи и награди во емисија на Канал 5 – приватна архива

 

Стефани во моментов е претставник на Mental Health School, и под мотото “Stop Bullying and Believe in Yourself“ сака да биде претставник и инфлуенсер, за да допре до своите врсници со теми екстремно важни за сите во денешницата. Дали таа била некогаш жртва на врсничко насилство?

 

Стефани, за среќа, не била жртва на врсничко насилство, но лани примети дека една нејзина другарка беше психички напаѓана и навредувана, по што ме седна и на многу смирен начин ми објасни дека ќе побара да зборува со директорката.

Тука се замешав и јас, за мене тоа беше моментот кога одлучив да ја подготвам за справување со секакви неочекувани ситуации, по што посака да биде претставник за ментално здравје. Во меѓувреме започна да чита и да се едуцира на оваа тема и веќе знае многу за менталните болести.

 

Стефани на снимање – приватна архива

 

Што значи за тебе мајчинството и секојдневието, сега кога сте сами ти и Стефани, и колку наоѓаш време за себе и своите желби?

 

Најубавото нешто што можеше да ми се случи во животот е да станам мајка. Ме исполнува на секаков можен начин. Ме направи да сум толку трпелива, никогаш не можев да замислам дека ќе го достигнам тоа чувство на трпение. Време за мене и моите желби нема многу хахаха ама од време на време си земам по неколку дена слободни од се`, за целосна релаксација и опуштање на духот.

Во Alicante, Шпанија, на јога retreat

 

 

Што значи за тебе Македонија, Берово, родниот дом?

 

Смојмирово е местото каде што одам да ја потсетам мајка ми. Местото како место не ми недостига многу, но од Македонија, освен мајка ми, најмногу ми недостасуваат сонцето, бурекот од Син галеб и ќебапите од Мрс во Берово.

 

Четири генерации на жени – Рената со Стерфани и мајка ѝ и баба ѝ
Везилка Магазин