„Добар ден на сите, јас сум Месут Есмер“. По цела една година пауза, туристичкиот водич од Турција се претстави пред групата од десетина новинари од различни земји во светот дојдени во Истанбул.
Лицето му е покриено со маска, но дождливиот ден не го сокри миксот од возбуда и страв во неговите очи. Прв пат за време на пандемија ќе работи со странци.
„ Цела година не прифаќав никаков ангажман. Не поради критичната ситуација во Турција, туку поради луѓето кои се уште патуваат надвор од своите земји. Убеден сум дека луѓето во мојата земја се одговорни, носат маски и се придржуваат до правилата, особено во големите градови како што е Истанбул“, вели Месут „ Оваа тура ја прифатив бидејќи со групата ќе одиме во Едрене. Се чувствувам многу побезбедно во помало место. Имам чувство дека целосно држам под контрола се` и безбеден сум!“
Пандемската година донесе штета врз турскиот туризам. Изгубија 75% од туристите. Од големата земја ниту во кризната година некои не се откажаа, особено посетителите од Арапските земји. Државата одлучи после медицинските лица, следни на список за вакцини да бидат туристичките работници, бидејќи само на тој начин ќе му ветат на светот безбеден туризам. Одговорни се и нема да отстапат од планот! Сигурни се дека 2021 ќе биде година на здрави и задоволни туристи кои ќе ги пречекаат и испратат.
Во кусата прошетка низ центарот на Истанбул Месут држи куси говори, групата и не е група бидејќи секој од луѓето стои сам, подалеку еден од друг. Тешко е да се разберете и слушнете се преку маска, но туристичкиот водич дава сѐ од себе да го направи и ова патување „нормално“.
Автобусот е пред хотелот. Голем, а само за десетина луѓе. Но сите се чувствуваат безбедно, сами на седиште и далеку еден од друг.
Месут зборува на микрофон. Со маска е. Така патуваат и останатите. По неколку часа, огромната Сулејманова џамија почна да се гледа. Тоа е знак дека сме влегле во Едрене. Месут го зема микрофонот:
„Добредојдовте во Едрене, вториот главен град на Османлиската империја!“
Туристите со задоволство ги кренаа погледите. Месут возбуден не престана да раскажува.
„Историјата на овој град ќе ве врати дури во античко време, Адријан, Римскиот Цар!
Овде ќе ја видите огромната џамија на Селим, најубавата во Турција;
Бејазит Кулије, здравствена установа од XV век, пристојни чаршии, шетање низ архитектонски богатите улици во Едрене и сместување во некои многуте нови хотели во градот! Овие се доволно добри причини да го откриете градот“, продолжува Месут.
Микрофонот го спушти само накратко, зашто му текна дека не смее да заборави:
„Не треба да заборавиме на фестивалот во борење со масло – уште еден фестивал кој на почетокот на пролетта се слави многу шарено. Во 660 години постоење, само еднаш бил одложен – лани, поради пандемијата со Ковид-19“.
Додека автобусот го бара идеалното место за паркинг и конечно да ги видиме сите убавини на градот за кои Месут нѐ подготви, тој даде важна информација за Едрене:
„Со сигурност Едрене е многу важен дел од турската историја. Но, има еден проблем за промовирање на градот, а тоа е неговата локација. Не е директно на класичните рути за разгледување. Едрене може да се промовира заедно со Бурса и Истанбул, другиот главен град на Османлиите, а можеби и со античкиот град Троја и Галиполи, бојното поле од Првата Светска војна“, завршува Месут.
На маските сите заборавивме, тие се на лицата како да е тоа нормално. Следува интересното разгледување на Едрене! Се надевам преку фотографиите ќе уживате и вие!
Автор на текстот и фотографиите: Катерина Топалова, Везилка Магазин