Ми се случуваше да возам 30 минути, а со гужва во сообраќај и повеќе само да стигнам до ИКЕА за да ја купам оваа торта од бадем. Замрзната ја продаваат, таман додека се вратам да ми се одмрзне. Многу вкусна, но мала и скапа. А да не го рачунам возењето…
Ќе ја направам. За сѐ сум таква. Кога ќе наумам јас нешто, нема сила да ме запре. Го најдов рецептот, купив сѐ и ја направив за помалку од 30 минути. Препорака моја е да ја направите од вечер да може убаво да се излади и стегне филот, а корите убаво да упијат. А и малку да постои, да ми се види трудот, вака ќе ја снема за пократко време од што ми требаше да ја направам.
СОСТОЈКИ:
Тесто
- 6 белки
- 120 гр.шеќер
- 180 гр. мелен печен бадем
Фил
- 6 жолчки
- 250мл.слатка павлака
- 100 гр. шеќер( по потреба)
- 180 гр.путер
- 1 ванила
- 100 гр.листови од бадеми
ПОДГОТОВКА:
Белките се матат во цврст снег убаво со миксер со постепено додавање на шеќерот. Се додаваат мелените бадеми (претходно се потпекуваат во рерна 20 мин. со повремено мешање, се ладат и мелат) и со шпатула рачно се меша смесата со белките нежно на една страна. Тестото се дели на 2 дела и се пече во округла модла со обрач бр.26, претходно обложена со хартија за печење на 170 степени 25 минути во претходно загреана рерна. Тестата се оставаат убаво да се изладат.
Се подготвува филот со матење на жолчките. Се загрева на тивко слатката павлака до зовривање, доколку има шеќер не е потребно да се додава дополнително, се додаваат изматените жолчки со постојано мешање до згуснување на кремот. Се остава убаво да се излади. Се мати путерот претходно омекнат на собна температура, се додава ванила и сѐ заедно се меша со изладениот крем. Се тостираат ливчињата (во суво тавче на умерен оган). Тестата се премачкуваат со кремот и се наросуваат со тостираните ливчиња бадем.
**********
Маргарита Радош е адвокат по вокација и страствен вљубеник во готвењето, која веќе 15 години живее и работи во Будимпешта. Таа верува дека најдобар начин да се доближе и запознае народ и неговата култура и традиција, е преку кујната. Заради оваа причина Маргарита си поставила мисија да се доближи до луѓето секаде низ светот, да го доживеат шармот и егзотиката на Балканот, да уживаат во царската монархија, да патуваат со неа и да се чувствуваат како дома секогаш и во секое време кога ќе го посетат нејзиниот блог Margarita Food.