Brioche е за мене еден од најубавите зборови на француски јазик. Се изговара Бриош што значи сладок леб. И не само што звучи убаво, доволно ми е да го гледам и мирисам,а за со кафе…
Бриош всушност е врста на леб, се прави со путер, јајца и шеќер и вообичаено е во форма на земичка. Зборот „бриош“ за прв пат се употребува во 1404 година во Франција, а во 18 век достигнува најмногу слава поради огромната употреба на путерот. Се сервира за појадок, со чаша млеко или чај. Може и да се намачка со домашен џем од кајсии или сливи. Цела куќа ми мириса на убавина..
СОСТОЈКИ:
- 300мл. млако млеко
- 10 гр. сув квасец
- 1 јајце
- 2 жолчки
- 5 лажици шеќер
- 1 ванилин шеќер
- 100 гр. путер на собна температура
- Малце сол
- Рендана кора од лимон
- Околу 700 гр. брашно
ПОДГОТОВКА:
Квасецот стасува во млекото, се додаваат останатите состојки и се замесува убаво тесто. Јас користам миксер за месење. Се вади тестото и уште малку се меси, да стане мазно и се става во здела предходно намачкана со путер и самото тесто се мачка со путер. Овој путер е дополнително од оној во рецептот. Се покрива тестото со прозирна фолија и остава да стаса 1 час на топло.Јас тестото го расукав во правоаголник, го намачкав со домашен џем од сливи и го завиткав како ролат. Стасува уште 20 минути. Го печев во правоаголна модла предходно намастена со путер на 180 степени 30-40 минути.
**********
Маргарита Радош е адвокат по вокација и страствен вљубеник во готвењето, која веќе 15 години живее и работи во Будимпешта. Таа верува дека најдобар начин да се доближе и запознае народ и неговата култура и традиција, е преку кујната. Заради оваа причина Маргарита си поставила мисија да се доближи до луѓето секаде низ светот, да го доживеат шармот и егзотиката на Балканот, да уживаат во царската монархија, да патуваат со неа и да се чувствуваат како дома секогаш и во секое време кога ќе го посетат нејзиниот блог Margarita Food.