Кујна

Рецепт – „Мекици со кисело млеко“

Рецепт на Бетина Кузевски од блогот „Зготвено со љубов“

Извор: Зготвено со љубов
Везилка Магазин

Сoстојки

  • 250 мл млеко
  • 250 мл кисело млеко (или јогурт)
  • 1 јајце
  • 1 свеж квасец
  • 1 пециво
  • 2 лажички сол
  • 1 лажиче шеќер
  • 50 мл зејтин
  • околу 800гр. брашно (евентуално и повеќе)

Подготовка

Тестото најдобро е да го подготвите од вечер бидејќи нараснува повеќе часа во фрижидер. Мерката за брашно е отприлика, во зависност од брашното некогаш ставам и повеќе.

Во длабок сад ставете ги сите состојки освен брашното и измешајте ги со вилушка или жица за матење. Постепено додадете го брашното и замесете средно тесто кое малку ќе лепи на рацете. Една најлонска чиста кеса се намастува со 2-3 лажици зејтин. Се затвора и се гужва низ раце, со цел зејтинот да ги фати внатрешните страни на кесата.

Тестото ставете го во кесата, заврзете ја кесата но, внимавајте да оставите доволно простор во неа за тетстото да може да нарасне, а ќе нарасне поприлично. Ставете ја во длабок сад и потоа во фрижидер. Тестото ќе почни да нараснува и да ја полни кесата. Наредниот ден со намрсени раце се прават топчиња и се редат на послужавник. Секое топче се зема во намрсена рака, се тегни и се става во врел зејтин да се пржи на умерена температура.

Тестото може до три дена да стои во фрижидер. Затоа, правете онолку мекици колку што имате потреба. Остатокот од тесто вратете го во фрижидер и искористете го наредниот ден за да направите тазе мекици.

*********************************

„Зготвено со љубов“ е блог за готвење позади кој стои Бетина Кузевски, Македонка која живее во Германија и која успешно ги комбинира своите две најголеми страсти – готвењето и фотографијата.

 

Везилка Магазин