Денес за вечера или утре за ручек – Василичарскиот мазник ќе биде во центарот на трпезата за многу македонски семејствата низ Македонија и светот како симбол за славењето на доаѓањето на православната Нова Година по Јулианскиот (стар) календар и утрешниот православен Св. Василиј Велики. Трпеза за која се верува дека колку ќе е побогата – толку ќе биде побогата и годината.
Ние велиме – колку поисполнето срце со љубов имате, толку поубав ќе ви биде животот во секој ден од годината! Во чест на Стара Нова Година и Василица и традицијата за мазник/пита со паричка, во прилог ви претставуваме рецепт за Василичарски мазник.
На здравје и нека ви е среќна Стара Нова Година, 2021 може и официјално да започне!
**********************************
Состојки:
- 500 гр брашно
- 250 мл млака вода
- 50 мл масло за јадење + масло за попрскување
- 1 лажица алкохолен оцет
- половина лажиче сол
Фил:
- 400 гр дробено сирење или урда
- 3 лажици павлака или кисело млеко
- 1 јајце
- сол и бибер, по вкус
Подготовка:
Прво, подгответе го филот. Во длабок сад скршете го јајацето и разматете го со вилушка. Додадете го сирењето (дробено или рендано) или урдата и ставете ја павлаката. Павлаката или киселото млеко ќе го направи филот растресит. Измешајте убаво, зачинете по вкус и оставете на страна.
Во длабок сад ставете ги маслото, оцетот и солта. Измешајте и додавајте го брашното, пополека. Замесете меко и нелепливо тесто. Откако ќе замесите тесто, премачкајте го со масло и оставете го да одмори 20 минути, не мора да е на топло, затоа што нема квасец за да нарасне тестото.
По 20 минути, премесете го кратко тестото и од него одвојте 5 помали топчиња. Секое топче премачкајте го со масло и почнете да го тегнете на голема и широка кујнска крпа или чаршаф. – Од средината растегнувајте ја, а потоа внимателно и полека тегнете по краевите. Кога ќе ја растегнете кората со дијаметар од околу 80 сантиметри, попрскајте ја целата со масло и ставете една петина од филот.
Со остар нож пресечете ги подебелите витки од тестото. Со помош на чаршафот завиткајте го мазникот и префрлете го во широко тавче за печење со дијаметар од 35 сантиметри. Ова направете го со останатите 4 парчиња тесто, а не заборавајте и во некоја од витките да ставите париче завиткано во алуминиумска фолија.
Редете ги како полжав во тавчето за печење. Кога ќе ги наредите, попрскајте ги со масло за јадење и ставете го мазникот да се пече во рерна загреана на 200 целзиусови степени околу 30 минути, па потоа намалете на 180 степени и печете дополнителни 15 минути. Ако гледате дека мазникот ви фаќа златно жолта боја побрзо од предвиденото, покријте го со алуминиумска фолија. Тоа сепак зависи од јачината на вашата рерна. – Печениот мазник покријте го со кујнска крпа и оставете го да се подолади 30 минути, пред сервирање.
Многу добар рецепт !