ИнтервјуаНие низ светот

Роден сум во Кочани, жител сум на светот

Интервју со студентот по фармација, Кристијан Топалов

Везилка Магазин

„За да го видиш светот не ти требаат многу пари, само желба и отворен ум.“

Ова е теза на 22 годишниот студент по фармација, Кристијан Топалов. На листата посетени држави има повеќе отколку што брои години. Роден е во Кочани, но „искинал“ многу чифта чевли низ светските метрополи. Љубов му е хемијата, идна професија фармацијата, желба-да го прошета светот. Меѓу две сесии купува билет за да види ново место. Немирен е и неуморен. Вели дека ја користи секоја шанса за да си ја почасти душата со нова дестинација.

Десетките во индекс му ја олеснуваат работата. Моментално живее и студира во Љубљана, но не уште долго.

Приватна архива

Велат, светот е на младите, а нивниот дух е неуморен. Во оваа реченица целосно те пронаоѓам тебе. Моментално си во Словенија каде што студираш на фармацевтскиот факултет. Како го направи изборот и дали остануваш таму?

 

– Амбицијата и желбата за осознавање и продлабочување на својот личен и професионален живот е мојата движечка сила. Целта која си ја имам поставено и конкретните планови кои ги имам зацртано ме донесоа до тоа што сум и каде сум.

Во моментот ги довршувам моите магистерски студии на Факултетот за фармација во Љубљана, каде во меѓувреме работам на себе си за да се здобијам со вештини и разни искуства кои ќе ми помогнат во остварување на целта. Но секако сето тоа ќе ми овозможи чувство на задоволство и уживање во процесот и патот е долг и  возбудлив, но сепак тоа за мене е многу важно можеби и поважно од самата крајна цел.  Бидејќи сум во процес на запознавање на оваа околина и нејзините можности, се уште е рано за заклучоци дали би останал, иако се гледам себе во друга држава.

Кристијан Топалов – Приватна архива

Колку се ценети нашите студенти во другите земји?

 

– Мое лично размислување е дека сме ценети. Трудот што го вложуваме, мотивацијата што ја имаме и замислата да си докажеме дека себеси дека вредеме и дека можеме, се пресудните карактеристики со кои се истакнуваме во новите општества. А сите знаеме дека различностите привлекуваат внимание на луѓето во околината, кои ги забележуваат позитивните атрибути во нас и вреднуваат и во исто време истакнуваат.

Кристијан Топалов – Приватна архива

Како активен и успешен студент постојано патуваш. Кое е местото кое те воодушевило, а кое место тотално те разочарало?

 

– Моите досегашни патувања биле од различен карактер низ многу држави низ Европа. Секое место било свое и на посебен начин ме има маѓепсано или променето како личност.

Почнувајки од големите бродови кои пловат во Босфорот- кои се дел од градскиот сообраќај во огромниот Истанбул, преку големата еколошка свест во Гетеборг со седумте различни корипи за отпадоци во хостелот, па се до уникатниот и луксузен стил во Монако. Од бизнис темпото на живеење во Франкфурт, до смирениот и хармонизиран стил низ старите сокаци во Призрен, па и спортскиот дух на повозрасниот народ низ зелената Словенија.

Кристијан Топалов – Приватна архива

За разочарувања, не би можел да се сетам, бидејќи сум научен дека сите функционираме различно и не можат да се вклопат во мојата слика на перфектност. Но можам да кажам дека големо разочарување за мене е кога ќе слушнам различни стеротипи и дискриминации за различни места од луѓе кои не ги посетиле лично.

 

За да патуваш-треба многу пари, такво е генералното мислење. Дали навистина се потребни многу пари за еден студент да патува низ светот?

 

– Се согласувам со луѓето кои велат, доколку посакаш нешто- секогаш постои можност да го добиеш. Можностите во денешно време се огромни и само чекаат на нас да бидат искористени. Доволно е само да искрено да посакуваш, до мера каде нема да имаш изговори кои ќе те оттуѓуваат од замислата и само така ќе ја најдеш можноста.

Кристијан Топалов – Приватна архива

Постојат различни фондови кои даваат стипендии, безброј програми и организации кои овозможуваат исполнувајќи ги своите замисли или унапредувајќи ги своите таленти, а истовремено и да патуваш.

 

Кое место ти е неостварена желба?

 

Дубаи. Местото кое ме асоцира дека нешто мало, заборавено од народот и лудите планови можат да вредат многу за светот, доколку се има доволно знаење, замисла и се искористуваат твоите капацитети заедно со поддршката од вистинските луѓе. Туристички град на плажа, исполнет со архитектонски предизвици и безброј иновативни активности и атракции за забава и секако дозата на културата од блискиот Исток, се работите кои ја дополнуваат причината зошто сакам да го посетам.

Кристијан Топалов – Приватна архива

 

Крие ли Кочани твое тајно место? Каде се навраќаш постојано?

 

– Душевен мир, спокој и среќа се зборовите кои го опишуваат моето родно место Кочани, секој момент кога сум таму. Сплотеноста на семејството, роднините и пријателите се една од главните причини, но и безбројните моменти и спомени кои ги имам доживеано на тоа тло. Брана Градче е местото на кое би се навраќал, бидејќи ми овозможува многу, иако недалеку од градот.

Релаксирање од напорното секојдневие, возење на мојот велосипед, дружење и навраќање на она основното, дека сме дел и припаѓаме на природата.

Кристијан Топалов – Приватна архива

 

Фармацијата е твојата професионална определба. Имаш ли идеја каде би останал да живееш?

 

– Моментално би сакал тоа да биде Швајцарија , во некој од поголемите индустриски центри каде би се надоградувал себеси. Но сепак би сакал да ги видам и истражам другите континенти, како Азија и Северна Америка, за да би знаел кое би било најдобар избор за мене и мојата иднина.

Кристијан Топалов – Приватна архива

 

 

 

Везилка Магазин