Интервјуа

Розалија Секулоска: „Помагаме за успешна вивисекција на душата“

Интервју со Розалија Секулоска, м-р по развојна психологија, дел од тимот на разговор.мк

Везилка Магазин

Коронавирусот ја забрза дигитализацијата во глобални рамки и многу од индустриите за кои се веруваше дека мора да функционираат традиционално, очи во очи, почнаа масовно да ги користат дигиталните алатки и го трансформираа своето работење.

Психолошкото советување и грижата за менталното здравје се гранки за кои се веруваше дека не може да се дигитализираат. Сепак, неколку компании ја искористија моменталната криза и покажаа дека и овој концепт може да се трансформира и дигитализира.

Користењето на технологија за подобрување на индивидуалното здравје, или познато како “телемедицина” е едно од достигувањата кои носат промени во здравствената индустрија.

Разговор.мк е првата македонска онлајн платформа преку која можете анонимно да разговарате со професионални психолози. Со помош на нивната андроид мобилна апликација добивате едноставен, брз и анонимен пристап до професионални терапевти и советувачи.

Една од тимот, м-р по развојна психологија и советник психотерапевт Розалија Секулоска, зборува за Везилка.

 

Турбулентните времиња и особено периодот на пандемијата ја отворија Пандорината кутија на менталното здравје. Како никогаш до сега се зборува за него. Како успешно се прави вивисекција на душата?

 

Менталното здравје е многу важно за оптимално човеково функционирање. Сосема очекувано е како што минуваме низ животните развојни фази да имаме соодветни развојни задачи кои бараат од нас да ги надминеме. Со нивното надминување ментално, односно психолошки растеме. Понекогаш се случуваат неочекувани стресови, трауми, загуби на личен план кои можат да не поколебаат, разнишаат, а понекогаш и скршат.

Сведоци сме дека понекогаш неочекувано се случуваат промени кои на глобално ниво влијаат на човековото ментално здравје или народски кажано на душата. Како што телото трпи, така и душата трпи, односно страда и се поболува.

Кога страда, особено хронично, подолго време, а човекот едноставно нема капацитети, не може или не знае како да се справи со глобалните промени, оптималното функционирање се намалува и се случува болест на душата. Е тогаш вистинското место каде се лекува душата е кај психотерапевтот. Кога душата пати и е болна, се` околу пати и трпи.

 

Потрагата по себе не` тера некогаш да се оддалечиме од она што сме, што мислиме дека сме и што сакаме да бидеме. Колку луѓето бараат помош за да си ја најдат сопствената сенка на патот по кој се движат?

 

Точно. Многумина од нас можеме да избегаме свесно или несвесно, намерно или ненамерно од себе си и да бидеме нешто што не сме. Но знаете што, апсурдот е во тоа што можеме да бидеме и тоа што не сме, бидејќи тоа е во нашата сенка, која е темна и е скриената страна од нас и од другите, во несвесното е.

Кога тоа ќе се случи, ако не успееме самите да се вратиме во она што сме биле, бидејќи тоа очигледно се покажало како нефункционално, туку да станеме сосема нова автентична личност која дејствува тука и сега на вистински автентичен начин, тогаш значи дека сме пораснале во психолошко-ментална смисла на зборот.

Луѓето многу ретко бараат стручна помош кај психолог или психотерапевт. Ова е навистина тажно, бидејќи токму оваа фела е таа која учела да работи со човековата душа. Да му овозможи на човекот сам да дојде до она што за него е вистина, решение и добар избор. Психотерапевтот не е пријател, ниту родител кој кара и воспитува. Тој го води човекот низ сите можни одговори за да самиот го избере оној кој е најдобриот за него.

 

„Кој нема да полуди, тој не е нормален!“ Ова е една иронична мисла која веројатно ја дефинира планината која секој од нас ја носи во ова време. Колку е тешко да се бара решение за туѓите проблеми, имајќи предвид дека и вие сте само луѓе, и вие имате свои проблеми?

 

Границата меѓу здравото и болното, односно лудилото и генијалноста е тенка, но сепак постои граница.

Најискрено да ви кажам, јас ја сакам мојата работа. Мене нозете не ми се враќаат назад кога работам со клиент. Психотерапевтската работа ме исполнува, ме прави среќна, а најдобар фид бек за успешноста е фасцијалната експресија на клиентот кога ќе го надмине проблемот за кој дошол.

Гостување на ТВ Алфа – приватна архива

Точно е дека сите имаме проблеми. Впрочем ако ги немаме, животот би бил монотон и банален. Ништо или многу малку би влегувало и излегувало од него. Проблемите се развојни задачи кои се надминуваат. Понекогаш самостојно, но понекогаш со стручна помош.

Јас кога работам не размислувам на моите проблеми бидејќи во спротивно може да се случи контратрансфер и трансфер, што е непосакувано во психотерапевтскиот процес, па затоа на почеток, во првата сеанса, го набљудувам и го слушам клиентот без да го класифицирам или ставам во некоја категорија. Мошне тешко, а можеби и чудно за читателите, но јас не поставувам хипотези, бидејќи тие можат да ме однесат во друга насока. Слушам, собирам, рефлектирам, за да бидам сигурна дали сум разбрала што ми е кажано.

Откако процесот на асимилација и кристализација ќе заврши, создаваме договор на што ќе работиме и започнуваме со интересно патешествие за двете страни. Е тоа патешествие е чудно, интересно, на периоди тешко, но е прекрасно.

 

Разговор.мк, Анонимно онлајн советување! Дали на овој начин ја премостуваат стигмата луѓето кои сакаат помош и во исто време сакаат да се сокријат од светот?

 

Разговор.мк е најнова апликација во нашата земја која брзо се шири. Со други зборови кажано, тоа е платформа која се инсталира на мобилен или компјутер и е достапна за секого на кого му е потребен психотерапевт. На платформата сме неколку врвни и стручни психотерапевти секој во одредена област.

 

Клиентот избира психотерапевт, закажува дата, час и плаќа симболична сума. Сеансите се одвиваат преку допишување или аудио, преку звук. Се разбира дека се` е анономно, разговорите се бришат и се` е заштитено, исто како и идентитетот на клиентот, меѓу другото.

Токму на овој начин се обидуваме да допреме до луѓето кои не скааат да одат во ординација, кои не сакааат да бидат видени или немааат време, па можат да не` најдат онлајн и така да работиме. Едноставно кажано, веќе нема изговори ако некој сака да работи на менталното здравје. Тука сме, на Разговор.мк, по ниски цени.

Токму сега по повод на Светскиот ден на менталното здравје, оваа недела сите психотерапевти на платформата работиме по симболична сума од 350 ден. Сега дури и цената не е причина да се побара психотерапевт.

 

Има ли пет магични совети за зачувување на здравиот разум и чувството на задоволство во сопственото тело?

 

Од една страна тоа е здравиот живот кој би било убаво да влезе во секојдневието како стил на живот. Тоа е живот со здрава храна, здрав и квалитетен сон, спорт, релаксација во природа, спортска активност, забава и чести систематски проверки.

Од друга страна е избирање на свој матичен психотерапевт. Стручно лице кое ќе ве води низ виорот на животот, кој најобјективно и искрено ќе ве сослуша и ќе ве насочи кон решението.

 

 

Преку планини и мориња, дали новата ера донесе можност во ист ден да им се доближите и на луѓето во Аљаска и на оние во Зимбабве? Дали онлајн светот ве доближи или губењето на верба во доброто генерално во светот ви ја отежна врската со оние на кои им е потребна помош?

 

Да, новата ера на технологија во овој аспект ја олеснија достапноста до психотерапевт на секого, во било кој дел од земјината топка. Меѓусебната врска и контакт клиент-психотерапевт е олеснета. Големиот избор за тоа дали ќе биде преку пишан збор, преку аудио сесија (звук) или преку личен контакт понудија палета на избор.

Како што не постои еден и единствен рецепт кој би бил универзален за секој клиент, така не постои само еден универзален начин за решавање на проблемите и зачувување на менталното здравје. Потребно е само да се побара помош на вистинското место за да се даде, а тоа може да се случи само ако човештвото што побрзо се освести дека најголемата инвестиција е инвестицијата во менталното здравје.

 

 

Везилка Магазин