РепортажиСвет

Сан Франциско – светската луда железница

Репортажа на Катерина Топалова

Везилка Магазин

Патувањата се најдобрата инвестиција. Секое место има посебен жар, но од сите, само едно останува врежано во спомените како најмагично.

Ова е репортажа за најлудото место во светот. Со првото стапнување на негово тло, те вози како низ луда железница. Спој од брзина и височина, сплет на бои и класни слоеви. Понуда на се што може и не може да се замисли.

Во Сан Франциско, доволно е само да се вклучи камера, без никаков план, сценарио или монтажа, од секој агол, излегува филм. Не е чудно што претставува инспирација за големи режисерски имиња. Вториот град по густина на жители во САД е најнеамеричкото место кое се вгнездило на овој континент.

Сан Франциско е четвртиот најголем град во Калифорнија и четиринаесетиот најголем во САД. Во 1776, Шпанците биле првите Европејци што го населиле Сан Франциско. Тие основале мисија и ја нарекле според Францис од Асиси. По започнувањето на златната треска во 1848, градот започнал период на брз развој.

фото: Катерина Топалова

По катастрофалниот земјотрес и пожар во 1906, Сан Франциско бил брзо реконструиран и денес е еден од најпрепознатливите градови во светот.

Познат е по маглата, стрмните ридови, мешавината на викторијанска и модерна архитектура и по локацијата на полуостров заокружен со Тихиот Океан и Заливот на Сан Франциско. Меѓу најпрочуените делови на градот се вклучуваат мостот на Златната Капија, Алкатраз, кабелските автомобили, пирамидата на Трансамерика и кинеската четврт.

фото: Катерина Топалова

Историскиот центар на Сан Франциско се протега од северно-источниот квадрант на градот се` до улицата Маркет на југ. Тука се наоѓаат Финансиската Четврт и Јунион Плоштадот којшто претставува туристички, хотелиерски и шопинг центар на градот.

Кабелските автомобили се атрактивни за туристите но и за жителите во овој град. Ретро стилот е доживување уште пред да се качите во возилото, а самата моќ да се вози на стрмните улици е еднакво на чувството кога се возите на луда железница. Истите кабелски автомобили се користат за спуштање кон Рибарскиот Мол кој во минатото бил користен за прикотвување на рибарските бродови а денес претставува голема туристичка атракција и центар на збиднување.

фото: Катерина Топалова

Во истиот квадрант се наоѓаат и Рускиот Рид со светски-познатата крива улица Ломбард, Северната Плажа која е Сан Франциско верзија на Мала Италија, и Телеграф Ридот каде што се наоѓа Коит Кулата изградена во спомен на пожарникарите на Сан Франциско. Во близина се наоѓа и светски познатата Кинеска Четврт која била формирана уште во 1860-тите. Тендерлојн е населба која што многумина ја сметаат за една од населбите со највисока стапка на криминал.

Хејт-Ешбури сѐ уште има боемски карактер.

Кастро е центар на хомосексуалниот живот во градот и е препороден откако епидемијата на СИДА се стави под контрола.

фото: Катерина Топалова

Океанската Плажа се наоѓа на страната на Тихиот Океан, додека Плажата Бејкер се наоѓа на живописна локација веднаш на запад од Мостот на Златната Капија. И двете плажи не се соодветни за пливање бидејќи водата е студена а струите можат да бидат смртоносни.

Најголемиот и најпознат парк е Паркот на Златната Капија кој се простира од географскиот центар на градот, па се до океанот. Пред да постане парк, истата област се состоела од малку трева и многу песок. Денес, паркот е посаден со илјадници дрва и растенија донесени од други краишта. Во паркот се наоѓаат и атракции како Стакларникот за Цвеќиња, Јапонската Чајна Градина и Ботаничката Градина.

Президио, бивша воена база, и Криси Полето се дел од Националната Рекреативна Област на Златната Капија. Во истата област припаѓаат и островот Алкатраз и други оближни регионални паркови. Паркот Буена Виста е најстариот парк во градот и бил оформен уште во 1867 година. Мерсед Езерото е слатководно езеро кое е опкружено со парк.

фото: Катерина Топалова

 

Везилка Магазин