Триесет музичари од пет земји, творејќи на три јазика, се собраа за проектот „Монастир“ на Американката со битолско потекло, Сара Ароести, со цел да создадат музички дела со коишто ќе ги испочитуваат Евреите од Битола. Сара дипломирала оперско пеење на универзитетите Вестминстер и Јеил и од 1997 година, откако летото го поминала во Израелскиот институт за вокална уметност во Тел Авив, почнала сѐ повеќе да го инкорпорира своето сефардиско потекло (Евреи од Пиринејскиот полуостров) во својата музика.
Создадено на средновековниот еврејски дијалект во изумирање Ладино, албумот Монастир го следи повеќевековното патување на претците на Сара, почнувајќи од нивното протерување од Шпанија со шпанската инквизиција во 15 век, по што се населиле во Битола, тогашна Отоманска империја, па сѐ до нивното депортирање во концентрациониот логор Треблинка во 1943 година, кога и скоро целосно била уништена еврејската заедница во Битола.

Единствената преживеана од семејството во Битола била Рашел Нахмиас, прва братучетка на дедото на Сара. Во својот дневник таа запишала дека, откако нејзиниот татко бил однесен на принудна работа во логор во Бугарија, а нејзиниот 12-годишен брат планирал да им се придружи на партизаните, нејзината мајка ѝ наложила да оди кај албанскиот конзул, кој им ја окупирал куќата, но со кого одржувале пријателски односи, за да побара помош.
Тој ѝ се доверил дека му стигнала телеграма со дојава дека следниот ден младите Евреи од Битола ќе бидат депортирани, па со негова помош, во багажникот на автомобилот, истата вечер успеала да пребега во Албанија и под лажното име Мими Хусеин живеела таму до завршување на војната, по што се преселила во Америка. Следниот ден сите стари, млади и деца Евреи, меѓу кои и семејството нејзино, биле собрани и депортирани во концентрациониот логор Треблинка. Рашел е жива и денес има 103 години!

Сара Ароести е една од ретките која сѐ уште го зборува еврејскиот дијалект Ладино и на којшто, за прв пат до сега, ја препеа „Јовано Јованке“, а неколку други, меѓу кои „Битола мој роден крај“ и „Од Битола појдов“, ги изведува на македонски јазик.
Албумот „Монастир“ официјално беше издаден на 25 јуни оваа година, а денеска (17 јули), во 12 часот пред Равена на Широк Сокак во Битола, Сара ќе изведи видео флеш моб на којшто ќе може да ѝ се приклучат сите присутни.
Интервјуто со Сара за Везилка ќе биде објавено во текот на наредните недели.