The English version can be found here.

Триесет музичари од пет земји, творејќи на три јазика, се собраа за проектот „Монастир“ (Битола) на Американката со битолско потекло, Сара Ароести, со цел да создадат музичко дело кое ќе ги испочитува Евреите од Битола.
Создаден на средновековниот еврејски дијалект во изумирање Ладино, албумот Монастир го следи повеќевековното патување на претците на Сара, почнувајќи од нивното протерување од Шпанија со шпанската инквизиција во 15 век, кога и се населиле во Битола, тогашна Отоманска империја, па сѐ до нивното депортирање во концентрациониот логор Треблинка во 1943 година, кога и скоро целосно била уништена еврејската заедница во Битола.

Сара Ароести е една од ретките која сѐ уште го зборува еврејскиот дијалект Ладино и на него, за прв пат до сега, препеа неколку македонски песни, меѓу кои и „Јовано Јованке“, „Битола мој роден крај“ и „Од Битола појдов“.
Албумот „Монастир“ официјално беше издаден на 25 јуни оваа година, а на 17 јули на Широк Сокак во Битола, Сара изведе видео флеш моб на којшто ѝ се приклучија сите присутни. Времето поминато во Битола Сара го искористи и за снимање видео спотови за песните од Монастир албумот, по што своето патување го продолжи во Израел.
Твојот прв контакт со Битола (Монастир) беше остварен рано во твојот живот преку животните приказни на твојот дедо. Тој се преселил во САД за време на Балканските војни и велел дека потекнува од Грција, дека е Турчин и дека зборува шпански. Кои се сефардските луѓе и кога сфати што значи оваа мешавина за твоето семејство?
Сара: Зборот „Сефарад“ е хебрејски збор за Шпанија. Значи, сефардските луѓе се Евреите кои првично дошле од Шпанија пред 1492 година, по што биле протерани и мигрирани низ целиот свет. Иако сум родена во САД, пораснав во гордо семејство на Сефарди, со кулинарски и музички традиции за кои знаев дека потекнуваат од Балканот.
Најважно за мене беше јазикот на ладино (или јудео-шпански), кој е јазикот што го развија Сефардските Евреи додека патуваа од Шпанија до Отоманската империја. Вклучува шпански јазик од 15 век со неколку јазици од Медитеранот и истокот – француски, португалски, италијански, грчки, турски, арапски и хебрејски.
Ладино е она што сѐ уште ги поврзува многу Сефардски Евреи низ целиот свет денес. Самиот јазик е мешавина од многу елементи, слично како и сефардскиот народ. Да, дедо ми е роден во Битола (Монастир), но тој исто така се сметаше себеси за Турчин, Грк и Шпанец, сѐ во едно.

Дипломира опера на хорскиот колеџ Вестминстер и Универзитетот Јеил, но во 1997 година за време на твојот престој во Тел Авив, го пренасочи интересот од операта кон музиката на твоите предци. Што значи за тебе оваа борба за зачувување на наследството?
Сара: Јас пораснав како музичарка која многу сериозно ја проучуваше западната класична музика, но кога имав шанса да пеам во Тел Авив, имав оперски учител кој ја имаше истата сефардска позадина како и јас. Почна да ме учи традиционални ладино песни помеѓу нашите часови и набргу потоа сфатив дека повеќе ја претпочитам таа музика отколку операта!

Во мојата душа многу повеќе се поврзав со музиката Ладино, затоа што е дел од мојата днк, и тоа се покажа кога ја пеев. Знаев и дека многу малку луѓе беа свесни што е Ладино, па ми беше важно да ја пеам музиката за да ја одржува во живот и да им овозможи на што повеќе луѓе да научат за неа. Јазикот е важен дел од светската историја – не само еврејската историја – и би било трагедија да се остави да изумре.
Твојата баба Рашел е една од ретките Евреи од Битола кои ја преживеаја депортацијата во Треблинка во 1943 година и е сѐ уште жива! Нејзината животна приказна е извонредна, носи толку многу болка и жртви … кажи ни повеќе за нејзините рани години во Битола и зошто ја гледаш како твоја секојдневна инспирација.
Сара: Рашел Нахмијас е прва братучетка на дедо ми и една од 2% од еврејското население од Битола што ја преживеа војната. Успеала да се скрие во багажникот на автомобилот на албанскиот конзул и била одведена во Албанија каде муслиманско семејство ја примило за време на војната. Но, остатокот од нејзиното семејство беше однесен во Треблинка и, како и сите други Евреи кои беа одведени таму, ниту еден не преживеа.

Рашел е жива и денес – оваа година ќе наполни 104 години !! Таа е толку голема светлина на овој свет – нејзиниот хумор, грациозност и љубов кон животот беа инспирација за мене. Сѐ уште сум во неверување како една таква трагедија претвори во живот исполнет со љубов и смисла.

Имаш фотографија од дедо ти како мало дете, дотеран, го чека пашата да помине низ улиците во Битола. Оваа фотографија е една од причините за твојата борба за задржување на вашиот ладино јазик и традиција и беше инспирација за песната Ми Монастир, во којашто се слави културниот микс на Битола. Во 2017 година за прв пат го посети овој град….Кои беа првите впечатоци и што научи за историјата на Ароести?
Сара: Како дете во Њу Џерси во САД, секогаш се збунував кога ќе ја видев фотографијата на мојот дедо во ходникот пред вратата од спалната соба. Ја поминував десетици пати секој ден и беше тешко да се замисли детството што го живеел – толку далечно од моето во Њу Џерси. Но, за дваесетте години колку што го познавав него и другите постари во моето семејство, јас не престанав да собирам приказни и слики од нивните детства во Битола.

Многу од тие слики беа повод и поттик за да ја создадам мојата песна, Mi Monastir на мојот нов албум. Го спомнувам фезот што го имам од мојот дедо, заедно со други симболи, како што е мезузата, еврејскиот патоказ на еврејските куќи, што соседот на баба ми Рашел го спаси и сокри кога ѝ го одведоа семејството. Песната е комбинација од многу спомени и текстури од Битола кои ми се всадени уште од дете.
Идејата за проектот Монастир се роди по твојата прва посета на Битола, за време на која ја претстави твојата музика пред македонската публика. Триесет музичари од пет земји кои пеат на три јазика се собраа за да се состави овој албум. Дали ова беше обид да се докаже дека сите ние имаме своја историја, но истовремено сме и меѓусебно поврзани?
Сара: Кога првпат ја посетив во 2017 година, бев изненадена од тоа колку битолчани ја почитуваат еврејската историја иако таму нема веќе останато Евреи! Бев толку обземена, што сакав да им вратам нешто на сите кои работеа за да ја зачуваат историјата на моето семејство и на поголемата заедница Монастир, која некогаш живееше таму.
По еден настап во Битола во 2018 година, видов фотографија од Македонци и Израелци како пеат и играат на покривот на хотелот Епинал, и тоа беше искрата за да го создадам проектот Монастир.
На албумот има 10 песни што ги избрав внимателно на три јазика – македонски, ладино и хебрејски. Сакав и мешавина на гласови – млади, стари, машки и женски. Навистина сакав да има што повеќе звуци, вкусови и емоции, за да биде „слика“ од тоа како изгледаше животот во Битола пред Втората светска војна, кога живееја заедно различни заедници (Евреи, Христијани, Муслимани и сите други).
Навистина, соединувајќи толку различни луѓе (над 30 музичари!) се надевам дека овој албум покажува каква убавина може да се создаде заедно дури и преку нашите уникатни индивидуални приказни.
Албумот Монастир беше објавен на 25 јуни оваа година. Неполн месец подоцна, се врати во градот што те инспирираше. Направи флеш моб на Широк сокак, сними видео спотови и се сретна со локалното население. Како оваа посета беше поразлична од првата, пред четири години?
Сара: Во последните четири години развив многу длабоки, трајни пријателства со битолчани. Во 2017 година бев само посетител, но сега, по многу посети оттогаш, навистина се чувствувам како луѓето да ме знаат. Не сакам само да влезам, да земам што сакам и да заминам. Не, важно ми е да создадам корени и односи со луѓето таму.

Затоа отсекогаш се обидував да вклучам што е можно повеќе локални жители во работата – од музичарите со кои свирам, до студија за снимање, продуцентски куќи и екипите што ги ангажирам.
Се среќавам и со локални институции (музеи и архиви), владини претставници, културни презентери и други личности. Сега, кога одам по улиците, некои луѓе ме препознаваат, што е неописиво одлично чувство. Го сакам градот и сакам луѓето да знаат колку сум сериозна во врска со мојот однос со него.

За првпат ја преведе „Јовано Јованке“ на хебрејски. Зошто токму оваа македонска песна?
Сара: Постои голема група на луѓе од Монастир кои живеат во Израел, и знаев кога го започнав мојот проект дека сакам да снимам некои од постарите кои имаат неверојатни спомени за песни од нивното детство.
Запознав еден човек кој ми раскажа дека Јовано, Јованке била омилената песна на неговата мајка кога живеела во Монастир. Всушност, таа толку многу ја сакала што зборовите од песната биле последните што ги кажала гласно пред да почине. Таа ја испеала песната на својата смртна постела! Бев многу погодена од ова и фактот дека тоа беше сакана песна од сите тогаш, и не-Евреи и Евреи.
Но, исто така знаев дека верзии се снимани по стотици пати! Ако требаше да ја вклучам оваа приказна, таа ќе требаше да биде претставена на поинаков начин. Значи, го снимивме човекот што ни ја раскажува приказната за неговата мајка, на хебрејски, и се испреплетени со хебрејскиот превод на песната. Тоа е трогателно прекрасен додаток на снимката.
„Во ова време на глобализација, сите ние се стремиме да се вратиме кон своите корени“ – интернетот е една од причините зошто глобализацијата е во полн ек, и парадоксално, е и нашата единствена алатка за поврзување, додека ја учиме и зачувуваме ата историја. Каде се чувствувате најмногу „дома“?
Сара: Ова е тешко прашање! За мене, „дома“ е местото каде што е моето семејство. Сега сум омажена и со моите деца живееме во САД. Но, моите корени се од Монастир и тоа го чувствувам длабоко секој пат кога сум во Битола. Додека шетам низ старите еврејски населби, ја чувствувам историјата во моите коски.

Со пеењето на песните и одржувањето на приказните во живот се приближувам до моите предци, чувствувајќи се вкоренето во самото чувство за „дом“, без разлика каде живеам физички денес.