Кога ќе излезете од Македонија и тоа нема да биде затоа што сте разочарани од ситуацијата, ами заради љубов, се чини дека врската со домот некако потешко се кине. Скулпторот Синиша Новески, родум од Македонски Брод, додека предавал ликовно образование во локалната гимназија, не ни помислувал дека токму во своето родно место ќе ја сретне љубовта на својот живот која ќе го однесе надвор од неговата земја.
За Ребека, која во тоа време била волонтер на Мировниот корпус во Македонија, Синиша вели дека знаел дека ќе ја сретне и ќе се вљуби уште пред тоа да се случи. Од првата средба се нераздвојни, иако физички одредено време живееле на различни континенти. Својата љубов ја крунисаа со раѓањето на ќерката Лена, и веќе една деценија семејно живеат во Белград.

Синиша е прав македонски културен амбасадор во Србија. Тој е член на Управниот одбор на “Македониум” – здружение на Македонците во Белград, член на Управниот одбор на ДЛУМС (Друштво на ликовните уметници Македонци во Србија), уметнички директор на „Денови на македонската култура” во Белград, иницијатор и основач на македонското културно лоби во Србија и бил четири години претседател на Одборот за култура на Националниот совет на Македонците во Србија.
Пред десетина години, склупторот Синиша не ни претпоставуваше дека животот ќе го поминува надвор од својата Македонија. Дали едната љубов (патриотската) ја замени со друга (романтичната) или едноставно дојде моментот кога сфати дека едната не може да постои без другата?
Синиша: Љубовта, во конкретниов случај, ја споив и добив многу добра комбинација која е силна и мој главен двигател за животот и моето ликовно творештво.

Дали некогаш си помислил дека, како учител по ликовна уметност во основното училиште во Македонски Брод, ќе ја сретнеш љубовта на својот живот – Ребека, која беше дел од Мировниот корпус од Америка, токму таму, во Поречијето?
Синиша: Според моето лично животно искуство, најубавите работи доаѓаат спонтано. Пред да ти се случи нешто убаво во животот имаш некое посебно чувство во душата, трепериш и мислиш дека ќе полеташ, ама не знаеш зошто .
Така јас се чувствував и дента кога ја запознав мојата идна сопруга Ребека, која беше дојдена како волонтер на Мировниот Корпус од Америка во Македонски Брод. Јас бев професор по ликовно во гимназијата на М.Брод, а таа волонтер во основното училиште и почнавме спонтано да се дружиме и соработуваме на некои проекти, но најмногу сакавме да шетаме и уживаме во природната убавина на Македонски Брод и Поречието.
Прв пат во животот се почувствував исполнето и мислам дека го најдов најдобриот другар и девојка на светот. Добив божји дар дури од другиот крај на светот. Таа одреден период се врати во Америка, но далечината не нѐ раздвои, ами напротив, уште повеќе нѐ спои. За среќа, најде работа во Белград, по што се зедовме, ја добивме нашата ќерка Лена и еве веќе 10 години сме заедно во Белград сите тројца.
Велат „љубовта заслепува“, но вистината е дека ние сме најсвои точно тогаш, кога без никакви ментални и општествени стеги го живееме сегашниот момент. Колку новопронајдената љубов имаше влијание врз твојата инспирација и уметност?
Синиша: Огромно влијание, откако стапивме во брак јас почнав да работам цел циклус на нови скулптури – парови, во кои најголема инспирације беше нашиот заеднички живот како асоцијација на љубовта, радоста и комплементарната поврзаност на машката и женската фигура, симболично претставени во скулптурата. Поради тоа и мојата прва самостојна изложба „Парови” во Белград беше посветена на мојата љубов кон Ребека.
Што те изненади, како уметник, во Србија, а што како човек?
Синиша: Моето доаѓање во Белград беше моја голема трансформација, и како човек и како уметник. Како човек почнав да прифаќам и градам нови погледи кон себе, но и кон светот, со поголеми хумани вредности и интегритет кои за жал, во македонското опшество и средина, не ни се приоритети и вредности. Како уметник, исто почнав поинаку да размислувам и да ја доживувам уметноста, посебно скулптурата, благодарение на сѐ поголемите можности да контактирам со врвни уметници и посетувам поголем број на културни настани, посебно изложби.
Сѐ што е ново треба да се искористи, да се биде флексибилен и да се примени во уметноста. Јас сум толку среќен што живеам во Белград, град што секојдневно ме оформува и моделира како подобра личност и уметник. Сепак, ми недостига моето Порече и Македонски Брод, посебно сега кога сакам да работам скулптури во стилот на ленд арт, т.е да ја користам природата и природните материјали. Да можам како мало дете да уживам во слободата, чистиот воздух, да си играм со дрвени гранки и камчиња, да се шлакам со земјена кал и да градам огромни скулптури.
Со сопругата Ребека ја добивте ќерката Лена, како надополнување на љубовта. Што значеше за тебе станувањето татко и колку тоа се одрази во твојата уметност и секојдневие?
Синиша: Мислам дека се променив многу откако станав татко. Станав поодговорен, но во исто време и по плашлив и паничар. Премногу сум поврзан со ќерка ми Лена. Јас бев на породувањето на жена ми Ребека и прв ја пречекав Лена во моите раце. Со неа сме родени во ист месец и исти хороскопски знаци – Девица и Коњ во кинескиот хороскоп, слични сме во карактер и имаме посебна метафизичка поврзаност меѓу нас. Единственото нешто по што се разликуваме е што Лена со 6 години подобро зборува англиски од мене, хаха
Поради поголемите обврски на сопругата Ребека, јас сум подолг период со неа и секогаш, каде и да одеше сопругата на службено патување, одевме и ние со Лена. Сега Лена има над 50 летови со авион и има посетено повеќе држави и континенти. Лена зборува и 3 јазика исто така, од коишто најдобро го знае англискиот, но одлично ги владе и македонскиот и српскиот јазик.
Покрај љубовта кон уметноста, во Србија го разви и интересот за културна дипломатија, па од 2014 до 2018 година си претседател на Одборот за култура на Националниот совет на Македонците во Србија со кое ја промовирате македонската култура и традиција во Србија. Какви се реакциите на локалниот народ и на кој проект си најмногу горд во овие години?
Синиша: Моите први контакти и активности беа преку македонските здруженија во Србија, каде се вклучив со голема љубов и ентузијам да помогнам во промовирање на македонската култура и уметност во Србија. Член сум на Управниот одбор на “Македониум” – здружение на Македонците во Белград, член на Управниот одбор на ДЛУМС (Друштво на ликовните уметници Македонци во Србија), уметнички директор на „Денови на македонската култура” во Белград, иницијатор и основач на македонското културно лоби во Србија и секако бев 4 години претседател на Одборот за култура на Националниот совет на Македонците во Србија.
Посебно сум горд на мојот придонес во градењето на културните врски помеѓу Србија и Македонија, особено преку иницирањето и лобирање за основањето на Македонското културно лоби кое брои неколку истакнати македонски уметници кои долг период живеаат во Србија. Тука спаѓа и продолжување на проектите за Културен завод на Македонците во Војводина, отварањето на Македонски културен центар во Белград, дел од тимот за прослава на 70 години преселба на Македонците во Србија со еден мој предлог на изградба на споменик насловен „Мајка Македонија” во Панчево и.т.н.
Во 2019 година, на Денот на независноста на Македонија, во Белград имаше самостојна изложба на тема „Мајка Македонија“ – 70 години од доселувањето на Македонците во Војводина. Сакаше ли со овој проект да го „означиш“, на некој начин, постоењето на Македонците во Србија, симболично токму на денот кога и се разделивме од нив, како ко-федерација?
Синиша: Тој настан беше одржан во многу тежок период кога Македонија го промени името. Јас сакав со мојата изложба, насловена „Мајка Македонија“, во еден вид на културна дипломатија да покажам дека македонскиот идентитет, култура и уметност се трајни вредности и неменливи, но истовремено беше и мој ликовен крик против одлуката за менување на името.
Ние во Србија немаме никаков проблем во докажување на својот национален идентитет, напротив, со сестринска Србија имаме, можам да кажам, најдобри односи и права во целиот свет. Поради таа добра прифатеност на Македонците во Србија јас имав, и сѐ уште имам, идеја Македонија на Србија да ѝ поклони моја скулптура споменик насловен како „Македонија и Србија”, којшто ќе биде поставен во некој парк во Белград и ќе биде добар показател на одличните односи помеѓу Македонија и Србија.
Велиш „македонските мажи се поштедени од домашните обврски“, но во Србија го научи сето она што си пропуштил во дотогашниот живот, што пак, од друга страна, ти ја откри новата љубов – готвењето. Што најмногу готвиш и колку се испреплетуваат македонската и американската кујна во вашиот дом?
Синиша: Покрај многуте обврски во Белград, започнав ново хоби – готвењето, во кое искрено многу уживам. Готвам македонска традиционална храна, но и америчка, мексиканска, италијанска и азиска ориентална храна. Сепак, најмногу доминираат од македонската кујна – тавче гравче, зелник, пинџур, разни салати, а од америчката пен кејкс, шотр кејкс, хамбургери и тостови.
Како остануваш приземјен и позитивен, во време кога скоро сите вести и настани во светот се негативни?
Синиша: Искрено, овој период на пандемија многу лошо влијаеше на мене, и лично и како уметник. Најмногу се сконцентрирав на здравјето и да го заштитам моето семејство. Беше многу тешко за сите нас, но некако успеавме, јас и мојата сопруга сме вакцинирани и се надевам дека сега полесно и побезбедно ќе излеземе од оваа светска кризa.
Како уметник и покрај многуте идеи и инспирации, тешко наоѓав време и сила да работам и творам, креативно бев блокиран, но сепак направив неколку скулптури на тема „Фамилија”, на коишто сум многу горд .
Што претставуваше Македонија за тебе додека беше таму, а што откако физички ја напушти?
Синиша: Мајка Македонија за мене е вечна инспирација. Јас се радувам и чест ми е што сум роден во Македонија. Земја со толку голема историја, уметност и традиција, убава природа, вкусна храна и луѓе со големо срце. Кога ќе помислам на Македонија, мислам на моето безгрижно и среќно детство, на убавите планини. ливади и води. На миризбата на македонскиот зелник и ајвар, на убавата музика и весели Македонци, на убавите цркви и стари камени куќи, на македонските празници и јазикот македонски кој душата ти ја исполнува, кога на македонски велиш Фала ти Господе што се родив во ваква убава земја наречена Македонија.
Истовремено имам татнеж во душата кој ми вели дека овие вредности на мојата земја Македонија мора да ги зачуваме и пренесеме на нашите поколенија и да му ги покажеме на целиот свет. Затоа јас, како уметник, сакам овие вредности на Македонија да ги прикажам и раскажам преку мојата уметност и скултури насекаде низ светот.
Македонија во моментов ми недостига повеќе од било кога, затоа што скоро 2 години поради кризава ги немам видено моите родители, семејство и пријатели. Македонија Вечна.