Читајќи низ постови на Фејсбук, налетав на еден напис за изненадно запросување организирано од иден младоженец, на којшто повеќето коментари беа дека сѐ е лажно и наместено, заради што е и направена таква фотосесија.
Еден коментар, одмерен и издржан, без напади и осудувања, се издвои од сите. Во него девојката објаснуваше како во нејзината секојдневна работа има вакви запросувања многу често и понуди линк до својот профил за сите кои сакаат да се уверат во тоа.

Линкот ми откри дека Слаѓана Карвунис е наша фотографка од Копенхаген, која љубовта на својот живот ја запознала на островот Скијатос, кога како студентка шетала за време на летниот распуст. Од тогаш животот ѝ добил поинаков тек, и иако завршила на Педагошкиот факултет во Скопје, заедно со својот сопруг ја следеле својата заедничка страст и започнале свој фотографски бизнис во Данска.
Нивните фотографии секојдневно добиваат поддршка од колеги и други лица од оваа сфера, но најголемата потврда за нивниот квалитет дошла од општината Копенхаген која одлучила да ги искористи нивните свадбени фотографии за кампања на 200 билборди низ градот.

За Слаѓана љубовта кон уметноста не завршува тука, напротив, се чини како креативноста допрва да излегува од неа, па по откривањето на нејзината љубов кон цртањето, нејзин последен проект се курсеви за професионална шминка.

Таа е и патувачки свадбен фотограф, што значи дека заедно со идниот брачен пар патува на секакви дестинации низ светот, изработувајќи ги нивните свадбени фотосесии на места кои нејзините клиенти ги одбираат за овековечување на својот најубав момент.
За време на студиите на Педагошкиот факултет во Скопје, со другарка реши да го поминеш летниот распустт на грчкиот остров Скијатос, како еден вид на летно уживање со свои заработени пари. Мислеше ли дека тој невин чекор ќе биде животно-менувачки за тебе?
Слаѓана: Честопати одлуките во младоста се базираат на потребата за време исполнето со забава и независност, па можам да кажам дека воопшто не размислував на животни промени во тој момент.

После моето прво одење на островот Скијатос се вратив повторно на студиите, додека следното лето, кога со уште една другарка повторно го посетив островот, го запознав мојот сопруг. Така што слободно можам да кажам дека секоја ситуација во животот може да донесе животни промени, без разлика дали сме подготвени за тоа или не.
Како започна со фотографија, уметност која на некој начин те поврза со твојот сопруг? (Од претходните прашања)
Слаѓана: Интересот за фотографијата го имав уште одамна, но вистински со фотографирање започнав за време на летните одмори на островот Скијатос, каде што го запознав и мојот сопруг кој го делеше истиот интерес со мене. Решивме да отвориме фирма за фотографирање на свадбени настани и за почеток успеавме да фотографираме неколку свадби на островот, но исто така, брзо успеавме да договоривме фотографирање во салони за венчаници во Солун.

Сѐ започна толку брзо. Како да не бевме свесни дека се впуштаме во професија која ќе ни отвори можности за креативна, професионална и финансиска реализација. Во 2011 година, заедно со сопругот отидовме во Данска за да го продолжиме нашето работење во земјата во која тој живееше со години.
Чувствуваше ли страв пред носење на одлуката за преселба и како знаеше дека тој е тој за кого вреди да се преселиш во друга држава?
Слаѓана: Воопшто не се плашам од промени и верувам на своите одлуки, па така и одлуката за преселба не ме исплаши воопшто. Кога срцето и умот се на иста страна, не постои простор за грешка. Едноставно знаев.

Македонија, Данска – различни во менталитет, начин на живот, клима. Што беше најлесно, а што најтешко, да се прифати во новата средина?
Слаѓана: Дефинитивно најтешко се навикнав на климата и темните зимски месеци, додека нешто на коешто најлесно се навикнав беше начинот на живот во Данска. Лесно е да се прилагодиш на земја во која има балансираност помеѓу професионалниот и приватниот живот, во земја во која никој не се „фали” дека има повеќе од другиот и каде сите се чувствуваат доволно вредни.

Или како што стои во една позната новела од 1930: ”Не се однесувајте како да сте подобри, попаметни или побогати од било кој”.
Мајчинството е една од најголемите промени во животот на една жена. Што значеше да се биде мајка на туѓ терен, далеку од своите најблиски?
Слаѓана: Да се биде мајка во Данска значи да се започне една нова перспектива на гледање на мајчинството уште во бременоста, а тоа значи дека не е проблем да се вози велосипед до крајот на бременоста и не е страшно долку не правиш ехо на плодот кога ќе посакаш, затоа што на тој начин го штитиш плодот. Ми беше навистина невообичаено кога го слушаа срцето на бебето во утробата со апаратура позната од минатиот век, само поради тоа што сметаат дека ехото е штетно и се прави само кога е неопходно.

Навистина ми требаше време за да ги прифатам советите на медицинскиот персонал овде, затоа што беа навистина многу поразлични од тоа што го знаеме во Македонија и тоа што мајка ми ме советуваше телефонски. На пример, ми беше невообичаено дека новороденчето не треба да се бања секојдневно, туку да се пребришува со влажна крпа.
Од перспектива на тоа дали успеав да се снајдам сама без помош од најблиските, можам да кажам дека нема поубаво чувство од тоа едно младо семејство да научи да се справува со ситуацијата во која се наоѓа. Медицинскиот персонал за контакт ми беше постојана поддршка за советите кои ми беа потребни, а моите најблиски за да ја споделам среќата со секојдневни фотографии и видеа.

Има ли нешто без што не може да ти помине секој ден? Нешто што ти ја храни душата, што те приземјува или можеби те воздигнува?
Слаѓана: Секојдневната комуникација со луѓето кои ми значат е број еден на листата без кое не може да се помине денот, затоа што мислењето и поддршката од најблиските ми е многу важна.
Сакам да возам велосипед, па го користам тоа во секоја дадена можност. Моето приватно и професионално секојдневие е прилично динамично, денот го започнувам со семејството и како секојдневна физичка рутина го користам семејниот велосипед за да ги однесам моите деца во градинка и училиште.

Дефинитивно и пазарењето здрава храна е нешто без кое не можам да го поминам денот. Внимавам и уживам во здравата исхрана, па затоа одењето во маркет го гледам како инспирација, а не како потреба од која зависиме.
Поради тоа што честопати сум дел од свадбени настани, нешто што сакам, или на еден начин „морам“, е да бидам прикладно облечена секој ден. Затоа слободно можам да кажам дека си дозволувам да потрошам екстра време и финансии за облека која ќе ме направи да се чувствувам прикладно и удобно на свадбена церемонија или фотографирање по улиците на Копенхаген кога времето знае да биде непредвидливо и модата треба да биде во склад на потребите (ха ха).
Твоја специјалност е свадбената фотографија. Дали ја одбра истата затоа што е попрофитаабилна од другите типови на фотографија или имаше нешто друго што те повлече во таа насока?
Слаѓана: Со тек на време, како резултат на веќе создадени рутини во секоја професија одредени работи се филтрираат, па така беше и во мојот случај. Во изминатите 10 години работа, освен свадбени фотографии, испробав повеќе видови фотографија.


Сум работела на модни, едукативни и бизнис настани, како и фотосесии за семејства, бебиња, модели, пејачи, Linkedin-фотографии итн., но свадбите најмногу се совпаѓаат со мојот карактер. Сакам да бидам дел од среќата, емоциите и убавите моменти на луѓето.

Неодамна го откри цртањето, како уште еден начин на изразување на својата креативност, а истото реши да го преточиш во едукација за професионална шминка. Од твое лично искуство – дали жените во Данска посветуваат повеќе време на својот физички или ментален изглед и дали можеби има промена во тие трендови?
Слаѓана: Жените во Данска негуваат едноставен и природен изглед. Здрав изглед на своето тело, како и целосно прифаќање на самите себеси им е доволно за да се чувствуваат убави во секој можен поглед, но како и секаде во светот и тука на свечен чин си дозволуваат да бидат убави и средени во стилот на црвениот тепих.

Каде сѐ низ светот те однесе твојата фотографија и каде радо би се вратила да живееш?
Слаѓана: Мојата приватна фотографија ме носи низ целиот свет, додека професионалните фотографии сега засега само во Европа. Париз е една од моите најомилени дестинации во кои сум имала професионален ангажман, а најмногу жалам што не ја прифатив понудата за фотографирање на свадба во Кенија на Диани плажата.

Кој ти е омилен дел од работата и имаш ли интересни случки?
Слаѓана: Честопати кога ќе помислиме на свадбена фотографија прво што ни доаѓа на памет се фотографии од свадбени церемонии во матично и црква, но и прослави во ресторан…
Меѓутоа мојот омилен дел се всушност фотосесиите со паровите …Тоа е прво кога помислувам на свадбени фотографии и уживам додека ги договарам детаљите за истите.

Кога станува збор за интересни и несекојдневни случки за време на фотографирање можам да кажам дека секој ден е авантура, но како една од поинтересните и несекојдневни ситуации би го издвоила фотографирањето на венчавка во хеликоптер. Парот со кој имав договорено фотографирање се венчаше во хеликоптер кој го надлетуваше едно од моите омилени дестинации за фотографирање, место заштитено од Унеско и се вика Stevens Klint.
Церемонијата заврши со слетување на хелихоптерот и пречек на звуци од виолина и цвеќиња. Преубав настан за паметење.
Си фотографирала ли запросување каде едниот партнер не знаел за планот, и имало ли некогаш НЕ како одговор?
Слаѓана: Да, сум имала повеќе фотографирања на изненадни запросувања. Таквите фотографии секогаш се планираат со едниот партнер и исчекувањето е навистина големо, за среќа секогаш завршувале со среќен крај.

Понекогаш договорот е да бидам на договорената локација без да бидам приметена од партнерот што не е запознаен со ситуацијата, додека во друга ситуација сум повикана на планирана фотосесија од двајцата партнери, а било планирано изненадно запросување од страна на едниот партнер.

Која ти е омилена потврда за квалитетот на твојата работа?
Слаѓана: Секојдневна потврда за успехот на мојата работа добивам од моите клиенти кои навистина знаат да ми го разубават секојдневието со убав збор или убава порака. Исто така, неколку пати со моите свадбени фотографии излегувам во англискиот онлајн магазин www.youandyourwedding.com , како и магазинот Weddings & Honeymoon.

Меѓутоа кога станува збор за валидација која навистина ми значи во мојата професија би ја издвоила одлуката на Општина Копенхаген да ги користи моите свадбени фотографии како рекламен материјал на околу 200 билборди во градот Копенхаген. Чувството да поминуваш покрај своите фотографии на билбордите во градот не се објаснува со зборови, може само да се доживее.

Голамa чест и сатисфакција за вложениот труд во мојата професија се и фотографиите кои ги работам за познати личности. Со големо задоволство можам да издвојам имиња кои се познати на данската уметничка и бизнис сцена. Од елитните личности со кои сум работела можам да го издвојам и Реме (Remee Sigvardt Jackman), познат композитор, продуцент и судија на Х-Фактор во Данска, како и поранешната претставничка за Евровизија во Данска Солуна Самај (Soluna Samay), за која, после само две години престој во Данска, бев повикана направам фотографии за нејзиниот нов албум во тоа време.

Во редот на познати личности со кои сум соработувала во Данска можам да ги спомнам Јани и Карстен (Janni & Karsten Ree), односно првата сезона од нивното познато шоу.
Во овој дел би ги сместила и сите локални пејачи, модели и познати менаџери во Данска.
Слаѓана можете да ја следите на нејзиниот професионален Инстаграм профил.