Книжевно творештвоМузика и уметност

Смртта не е крај

Везилка Магазин

Смртта не е крај

 

Само окото-месечина
скриено во геометријата
на стравот од смртта
знае каде навистина
се наоѓаме
и колку е судниот час.
Вдолж те гледа тебе,
попреку ме мерка мене.
Студено.
Истовремено.

Ние сме повеќе тука
отколку таму.
Секој во својот ум –
исплашени, мамурни.
Во занесниот апсурд
наречен уште еден нов ден
дуваме и пиеме
врело утринско кафе,
наздравуваме и се гледаме
како никогаш
да не сме се виделе
додека околу нас се шират
секакви приказни,
а во нас се кријат тајни
и фантазии.

Напладне наместо ручек
пред врата се слуша пишаното –
мал неспокој од тивки чекори,
или само здив од премолчени зборови,
во најдобар случај одговор
на непрашани прашања.

Како што си врви денот,
геометријата на стравот од смртта
молчи во сите некажани муабети,
во сите правци и пејсажи.
Ни за добро
ни за лошо кажува.
А окото-месечина трепнува,
можеби за последен пат,
колку да ти даде знак
да ми ѕирнеш во душата –
ако ти недостигам.

Тогаш само поткрени се
напрсти и ѕирни
надвор од реченото
кое понекогаш личи на залез
што посакуваш да го овековечиш
во фотографија.
Таму сум.
На волшебен небесен килим
исткаен од мачешки шепи
летам на овој и на оној свет.
Повеќе сум од болка и
повеќе од пуста надеж
која најтешко умира.

Постојам
иако измислена сум,
и летам на небесниот килим,
сè подалеку и подалеку.
Таму каде што нема крај
ми е крајот.

Текст и илустрации – Владо Јаневски

Везилка Магазин

Напишете коментар