Минатата недела го постиравме првиот дел од интервјуто со Емил и Снежана Попорданоски, брачен пар од Мелбурн, кои се согласија, за прв пат во Везилка, да имаат заедничко интервју и да ги одговараат прашањата одделно.
Попорданоски се и двајцата дел од медицинската фела, Емил како доктор по општа медицина со своја пракса во Мелбурн, а Снежана како доктор по медицина и психолошки советник, основач на организацијата за личен развој „AnotherWay Life Education“. И двајцата публикувани автори – Емил добитник на наградата „Стојан Христов“ за најдобра збирка поезија од иселеник на последните Струшки вечери на поезијата, а Снежана на книги од областа на личниот развој.
Животот на нашите соговорници е доказ за фасцинантната сила на вистинската љубов и единство, нешта што не познаваат простор, време и свесност, и што, без разлика на пречките и општествените програмирања, секогаш го наоѓаат својот пат до основата – срцето.
„Љубовниците не се сретнуваат конечно и некаде. Тие се еден во друг постојано и секаде.“ Руми
Преку AnotherWay Life Education, вашата организација за личен развој, пробувате да им помогнете на луѓето кои се заглавени во вртлогот на негативните мисли. Ако мислата продуцира емоција, а емоцијата состојба на ум што привлекува реалност, може ли да кажеме дека реалноста сами си ја привлекуваме и создаваме преку своите мисли и намери и колку е лесно да се истренира мозокот да се фокусира на она што ќе му предизвикува само убави чувства, а со тоа и настани?
Снежана: Вистината е дека секој од нас ги креира своите животни искуства. Според законот на природата, нашите зборови, постапки и дела секогаш нам ќе ни се вратат. Ако ги обвинуваме другите за она што ни се случува во животот, тоа само ќе ни предизвика чувство на лутина или огорченост. Тие негативни чувства ќе нѐ исполнат со негативна енергија, која неминовно ќе привлече негативни искуства во нашиот живот.
Од друга страна, доколку имаме претежно позитивни мисли и шириме љубов наоколу, нашите позитивни вибрации ќе привлечат позитивни искуства во нашиот живот. Затоа, не треба да ги обвинуваме другите луѓе или предизвиците со кои се соочуваме во животот, за тоа како ние се чувствуваме одвнатре. Треба да разбереме дека вистинската причина за нашето страдање е нашата реакција кон тие настани.
Во мојата прва книга за личен развој „Да се живее поинаку: Патување кон внатрешниот мир, неизмерната радост и вистинската слобода“, имам детално опишано неколку практични, научно засновани техники како да се постигне смирена состојба на умот и да се биде во контакт со изворот на неизмерна радост која постојано извира однатре. Со редовно практикување на овие техники кои се навистина едноставни, секој од нас може да се поврзе длабоко со себеси, да научи како да се справи со своите животни предизвици на мирен и спокоен начин и целосно да ужива во животот.
Сите оние кои се заинтересирани за својот личен и духовен развој, може да ја посетат веб страната на нашата организација за личен развој AnotherWay Life Education каде ќе може да ги набават нашите книги, како и други едукативни материјали, кои ќе им помогнат да ги пронајдат внатрешниот мир и радоста во животот.
Емил: Работејќи неколку години во нашата организација за личен развој AnotherWay Life Education како главен консултант, имав неброени искуства да се запознам со делата на многубројни спиритуални лидери од стариот и новиот свет, но и со непосредни искуства од нашите клиенти преку индивидуални и групни сесии. За мене нема дилема дека секоја овоземска манифестација, секоја реалност што умот може да ја препознае како искуство претходно била мисла во облик на енергија. Примери има многу – и пред Исус и после Исус.
Универзумот ( или ако сакате Господ, законот на природата, креаторот итн ) секогаш и без грешка доставува резултати базирани на нашите доминантни мисли во одреден период. Тука спаѓаат мисли кои содржат љубов, радост, надеж, верба, но и страв, љубомора, завист и очај. Исто така, имајте во предвид дека нашиот ум може да генерира илјадници мисли, но за жал овие мисли претежно се повторувачки и негативни. Какви резултати очекувате од такви мисли?
Се разбира дека постојат начини и методи како нашиот ум прво да се забави, да се научи да биде присутен во моментот, а после и да се насочи кон посакуваните мисли и резултати. Точно ова и го споделуваме со нашите клиенти а Снеже прекрасно јасно го опишува во нејзините книги „Да се живее поинаку “ ( книга 1 и 2 ) што можат да се набават на македонски и англиски на нашата веб страна.
Се чини дека во денешно време егото е едно од најчувствителните точки на човековото постоење. Луѓето се идентификуваат со она што го создале од материјален аспект, со дипломите, позициите и моќта која привидно ја имаат во одреден период. Со оглед на фактот дека сѐ е релативно и никој и ништо не е вечно, сметате ли дека егото ни прави повеќе лошо отколку добро, и како тоа се одразува кога е во прашање љубовта?
Снежана: Во суштина, егото е лажна претстава за себеси која сме ја формирале во раното детство, како резултат на нашето несвесно поистоветување со умот. Егото е во постојана потрага по материјалните нешта во животот, но откако ќе ги добие истите, никогаш нема да биде задоволно со она што го има и ќе бара уште повеќе. Причината за тоа е што егото бара постојано да има контрола врз сѐ и сешто, сака да поседува сѐ повеќе и повеќе, верувајќи дека на тој начин ќе стане помоќно. Егото не може вистински да сака, бидејќи во суштина се плаши целосно да ѝ се предаде на љубовта.
За да се ослободиме од сопственото его, треба да се преселиме од нашиот ум во нашето срце, од каде постојано извира љубовта. Тогаш, наместо да ги осудуваме другите, ќе научиме да ги перцепираме луѓето и светот околу нас низ призмата на љубовта. Секој од нас може да се ослободи од своето его, доколку сака да живее живот исполнет со љубов, радост и хармонија. Само така ќе создадеме еден поубав и посреќен свет за сите, бидејќи среќата е неминовна последица на љубовта.
Емил: За егото може да се зборува надолго и нашироко, тоа е една огромна тема. Еве да ги информираме вашите читатели дека нашата организација, преку нашите онлајн едукативни семинари два пати во месецот, во текот на целата 2021 година се занимаваше само со егото!
За мене егото е една збирка на многубројни погрешни верувања, перцепција за тоа кои сме и што сме, оформена уште во раното детство, и која најчесто е лажирана! Општо е усвоено дека егото во раната фаза од животот ни служи за да се диференцираме од другите, да се издвоиме како индивидуи и заради тоа се смета дека е дел од нашиот одбранбен систем. Но, тој систем треба и мора да еволуира во тек на нашето физичко, емоционално и спиритуално зреење. Тоа значи дека ние неминовно мора да се свртиме кон себе, да ги пронајдеме тие ограничувачки верувања кои ни сметаат, да ги ставиме на маса и да одлучиме дали и понатаму ќе не водат во животот.
Но, тука има многу азно! Не секој ќе може или ќе сака да ги стори тоа. Дали тоа ќе се случи или не, целосно зависи од индивидуата која или ќе ја продолжи еволуцијата или ќе ја запре, односно ќе ја регресира. А бидејќи љубовта е основната движечка сила на еволуцијата на човечката свест, тогаш ни е сосема јасно како егоизмот се наметнува како најголемиот непријател на патот на нашиот личен, но и колективен развој.
Се чини дека сѐ е розево кога е убаво, но што се случува кога работите не одат по „наше“? Како ги решавате секојдневните недоразбирања и мислите ли дека луѓето денес вистински го слушаат човекот кој стои спроти нив?
Снежана: Доколку секојдневно работиме на својот личен развој, постепено ќе научиме да ги прифаќаме и поволните и неповолните ситуации во животот и да разбереме дека потсвесно, ние сме ги привлекле истите. Јас и Емил научивме да им се радуваме на предизвиците во животот, знаејќи дека тие ни носат важни лекции кои треба да ги научиме.
Според мене, тајната на успехот на нашата прекрасна долгогодишна врска е во тоа што и двајцата свесно одбравме да чекориме по духовниот пат. Секојдневно посветуваме време за нашиот личен и духовен развој, што ни овозможи да станеме подобри личности, а истовремено ја продлабочи нашата симбиоза. Во нашата врска не постојат недоразбирања. Многу ретко може да имаме различни мислења, но секојпат сме успевале заедно да дојдеме до најдоброто решение за нас на мирен и спокоен начин.
Емил: Нашата организација „ Да се живее поинаку“ го нуди точно тоа – како да ги смениме старите матрици кои не ни служат повеќе со нови и поинакви матрици. На пример, уште на почетокот на нашите клиенти или членови на групата им укажуваме дека ние немаме активна контрола врз ситуациите во животот, ниту пак врз емоциите поврзани со таа ситуација.
Се случуваат, како што некои велат, убави или неубави работи. Но, тоа убави – неубави се само атрибути што човекот вештачки ги создал за да го брани дуализмот. Во стварност, работите што ни се случуваат во животот, за мене барем, се само лекции од кои можеме нешто да научиме. Ако нешто се случи и мене не ми се допаѓа, вистинските прашања се – како сум се довел во оваа ситуација и што можам да направам да ја променам? На таков начин, не само што не се обидуваме да ја префрлиме вината на некој друг, туку, зачудувачки, си ја враќаме моќта да со нов избор ситуацијата ја промениме во наша корист.
Се разбира, за тоа е потребна повисока свесност, голема работа врз себе и врз себеспознавањето.
Постоеше ли воопшто некогаш опција дека вие двајца, како две индивидуи, нема да завршите заедно во овој живот?
Снежана: Руми прекрасно напишал: „Љубовниците не се сретнуваат конечно и некаде. Тие се еден во друг постојано и секаде.“Јас лично сметам дека еден од најскапоцените дарови и благослови во животот е да ја пронајдете својата сродна душа и да го поминете животот со таа личност.
Кога го запознав Емил, уште во првите мигови почувствував силна привлечност, но и длабока и искрена поврзаност помеѓу нас двајцата. Мојата душа се рефлектираше во длабочината на неговите прекрасни, кроткоумни очи. После првите месец дена, длабоко во срцето, знаев дека тој е вистинскиот за мене! Но, како и секоја вистинска љубов, така и нашата љубовна врска се соочи со огромни предизвици, кои навидум изгледаа како несовладливи пречки.
Но, верувајте дека љубовта има чудотворна моќ! Кога љубовта е вистинска, таа е толку силна и моќна, што ви дава огромна сила да ги надминете сите препреки во животот. Откако успешно ги совладавме сите тие премрежија, притоа учејќи важни животни лекции, можам само едно да кажам – доколку љубовта е обострано силна, искрена и чиста, ќе трае вечно!
Емил: Да, постоеше. Велат дека секоја голема љубов се соочува со големи искушенија. Колку е поголема љубовта – толку се поголеми искушенијата! Ние сме сведоци на оваа вистина, но тоа е можеби материјал за нов разговор или за нова книга!