Кога станува збор за Емил и Снежана Попорданоски, не можам, а да не помислам на единство. Еден, една, во едно. Но, не на начин на каков поголемиот процент од луѓето би замислиле…повеќе како сплотеност на две индивидуални енергии кои се пронашле во овој живот и со тоа ја исполниле можеби една од најважните причини поради која сме дошле во овој конкретен живот – спојување со својата сродна душа. Средба, која не само што ќе те натера да се промениш, пораснеш, изместиш од основата и преиспиташ сѐ што до тогаш си знаел, ами ќе те однесе на нивоа незамисливи за човековиот разум. Таму, само и единствено, делува и живее срцето.
Попорданоски се и двајцата дел од медицинската фела, Емил како доктор по општа медицина со своја пракса во Мелбурн, а Снежана како доктор психијатар, основач на организацијата за личен развој „AnotherWay Life Education“. И двајцата публикувани автори – Емил добитник на наградата „Стојан Христов“ за најдобра збирка поезија од иселеник на последните Струшки вечери на поезијата, а Снежана на книги од областа на личниот развој.
За прв пат во Везилка решивме да имаме заедничко интервју со двајца сопружници. Не затоа што сметаме дека немаат своја индивидуалност, туку баш напротив, затоа што нивното Јас е најјако во заедничкото им Ние. Посебна чест ни е што Емил и Снежана се согласија одделно да ги пишуваат своите одговори и што сега, за прв пат, ќе ги споиме во една целина, што ќе ни даде една ретка можност да прочитаме и на лице место споредиме размислувања на две личности кои, верувајте, имаат многу што да кажат за сите оние кои сакаат да слушнат.
Можеме да кажеме дека никој не знае кога љубовта ќе го „удри“. Колку вашата случајна средба ви го преврти светот наопаку и дали првото чувство беше збунувачко за вашата свест?
Снежана: Вистинската љубов доаѓа кога најмалку ја очекувате. Јас и Емил се запознавме сосема случајно, како завршени доктори по медицина на еден тридневен професионален семинар во Прилеп. Нашата средба беше сосема случајна и неочекувана и, иако Емил беше тој кој ги иницираше средбите со мене, морам да признаам дека уште во првите мигови јас почувствував неопислива магнетна привлечност кон него…И колку повеќе се запознававме и разговаравме на различни теми од животот, јас имав чувство како да се знаеме цел живот…
Тоа е она чувство кога знаете дека конечно сте ја запознале својата втора половина, својата сродна душа, со која можете да се разберете и без зборови. Иако тоа беше случајна средба, од сегашна перспектива верувам дека таа средба била режирана од Бога и се случила токму тогаш кога и двајцата сме биле подготвени да ја искусиме вистинската љубов.
Емил: Точно е дека не може да знаете кога љубовта ќе ве „удри“, тоа е непредвидливо. Никој не планира такво нешто иако повеќето од нас, се разбира, толку желно се надеваме и копнееме да ни се случи. И навистина , јас љубовта ја доживеав како удар ама нежен, суптилен а длабок. Некако знаете дека љубов ве обзела од глава до петици, би рекол од клетка до клетка, па проструила до сите клетки. Многу е силно тоа чувство, незапирливо и бескомпромисно.
Во таа состојба единствена која може да се збуни е нашата моментална свест, поточно нивото на развиеност на свеста во тоа време. Свесниот ум може да негира, да се опира, да мери и премерува, да се нагодува и да компромизира, но сепак срцето ја знае најголемата тајна. А таа тајна е постојана и непроменлива.
Инаку, случајноста на нашата средба е само навидум случајна. Ако „ случајностите“ за многумина се само манифестација на оригиналниот „мастер план“ за нас, тогаш објаснувањето на механизмот по кој овие случајни средби во стварност не се случајни, треба да се побара во повисоките спиритуални сфери. Тие сфери за, среќа, ни се достапни на сите нас.
Ако размислуваме на ниво на свесност, верувам премногу програмирани предрасуди и верувања ќе испливаат на површина. Треба ли да се исклучиме од свесноста за да љубиме на едно основно, исконско ниво кое доаѓа директно од нашето постоење – нашето срце?
Снежана: Ова е многу важно прашање. Вистината е дека секој од нас има одредени верувања или гледишта во однос на љубовта, кои најчесто се стекнати од другите луѓе. Во суштина, љубовта се учи во домот преку нашата интеракција со родителите и другите значајни личности во животот.Но, тие верувања се само резултат на туѓите искуства или верувања за љубовта.
За да доживееме вистинска романтична љубов, најпрво мора свесно да се ослободиме од сите верувања кои сме ги стекнале во врска со љубовта од другите. Тоа може да се постигне со работа на својот личен развој, со што ќе успееме да ја осознаеме суштината на нашето битие, нашето вистинско јас, кое е исткаено од чиста љубов. Само тогаш ќе можеме длабоко да се поврземе со друго човечко суштество и да ја споделиме нашата внатрешна убавина и комплетност со личноста која сме ја одбрале да ја љубиме со целото свое срце.
Емил: Баш убаво прашање. Нашиот ум е преполнет со најразлични верувања кои сме почнале да ги акумулираме уште од првиот ден на нашето раѓање. Мозокот, а со тоа и свесноста на новороденото бебе, сеуште се недоволно развиени. Тоа ги прави идеален бел канвас на кој бои почнуваат да ставаат кој како ќе стигне. Родителите, бабите и дедовците, членовите на фамилијата, подоцна учителите, улицата, другарите, општеството, религијата и кој уште не…
Доколку овие верувања не се преиспитаат, поголемиот дел од нив подоцна се јавуваат како причински елементи на едно продолжено и мачно страдање на индивидуата во потрагата по себеспознавањето.
Ова страдање е посебно изразено при потрагата на нашата идеална љубов затоа што нашата свест, заситена од безбројните ограничувачки верувања и предрасуди, многу често може и да ја пропушти вистинската љубов заслепена од гласниот и прекорен глас на умот. Знаејќи го ова од прва рака, сакам да истакнам дека без разлика на сите наши претходни негативни искуства, вклучително и во љубовта, единственото место каде љубовта престојува е срцето, а не умот.
Во 2014 година од Македонија се преселивте во Австралија. Верувам тоа беше еден вид тест на заедништвото. Кој беше иницијаторот и кој најчесто го подигнуваше духот во критичните моменти?
Снежана: Идејата беше моја, но одлуката беше заедничка. Тоа беше навистина храбра одлука, бидејќи требаше да ја напуштиме нашата сигурна работа како доктори по медицина во Скопје, нашите драги роднини и пријатели и да заминеме во непознатото, каде што не знаевме што нѐ чека. А патот воопшто не беше лесен. Се соочивме со големи и непредвидливи предизвици на тој пат, кои секојпат успешно ги пребродувавме. Најважно од сѐ, научивме важни животни лекции кои ни помогнаа да станеме посилни и поцврсти и да продолжиме да веруваме во чудотворната моќ на љубовта, која секогаш ни го покажуваше вистинскиот правец.
Во најтешките моменти од животот, кога требаше да се носат важни одлуки, јас секогаш ја имав поддршката на Емил. Неговата огромна љубов и верба во мене, ми помогнаа да ги пребродам сите, наизглед несовладливи, пречки и целосно да се реализирам себеси како сопруга, мајка и професионалка во полето на мојата пасија –психологијата.

Емил: За една врска ( било која врска ) успешно да функционира, потребни се многу елементи. Врската се гради и надополнува со секое едно искуство, без разлика дали било пријатно или непријатно. Врската е симбиоза на две личности и карактери кои или се слични или се различни. Успешноста на таа симбиоза зависи од тоа колку енергија се троши на ефемерни прашања и колку енергија се заштедува кога партнерите се разбираат.
Идејата да се преселиме во Австралија беше на Снеже, но одлуката да заминеме беше заедничка. Се сеќавам дека и двајцата таа одлука ја донесовме брзо, едноставно „кликна“ во нашата тогашна ситуација. Немавме дилема ниту еден момент, но се разбира дека патот што го одевме воопшто не беше послан само со ружи – напротив, имаше многу трње и троскот! Само оние души, кои се осмелиле да ја напуштат родната земја, знаат што значи да почнуваш од нула во туѓа држава, во која никој ниту те знае, ниту те признава. Твојот претходен живот е тотално неважен.
Е во такви моменти скоро е невозможно да не те опфати тага, депресија и разочарување. Кој сум јас? Зошто сум тука? Дали вреди оваа жртва ? Тоа се прашања тешки како животот, а за многумина одговорите нема да дојдат доколку не се свртиме кон себе, кон нашите внатрешни стравови и истите не ги конфронтираме. Снеже прва се соочи со себе, најмногу заради тоа што во првите години на нашиот живот во Австралија целосно се посвети на подигнувањето на нашите деца, а јас морав и да работам и да учам во исто време.
И тогаш, но и денес, Снеже е таа што секогаш ги изнајдува тие клучни одговори на животните прашања преку својата мудрост и инстинкт. И признавам, јас одбрав да бидам следбеник!
Господине Емил, вие сте доктор по општа медицина, а госпоѓо Снежана, вие доктор на науки од областа на психологијата. Вашиот пристап кон човековото севкупно здравје е холистички. На кој дел сметате дека луѓето посветуваат најмалку внимание?
Снежана: Како што пишувам во мојата најнова книга за личен развој, „Да се живее поинаку: Патување кон саморализацијата“, секој од нас е составен од три дела: тело, ум и душа. Доколку секојдневно ги негуваме овие три дела од нашето битие, ќе постигнеме хармонија на физичко, ментално и духовно ниво. Клучот за одржување на добро здравје и благосостојба лежи во урамнотеженоста на сите три дела од нашето битие, а не само на поттикнувањето на еден од нив.
Во денешно доба, во трката по пари или други материјални добра, мнозинството од луѓето најчесто го занемаруваат духовниот аспект од својот живот. Јас лично сметам дека животот треба да се разбере како едно духовно патување. Затоа, многу е важно постојано да се стремиме да се исполниме себеси со љубов и секојдневно да ја изразуваме својата креативност.
Доколку одбереме да чекориме по духовниот пат, ќе ја искусиме смиреноста, радоста и љубовта кои се поврзани со сознанието дека сме едно со сите живи суштества на планетава. Со тоа, ќе станеме свесни за она што навистина сме, како и за суштината на нашето постоење. Единствено така, ќе ја пронајдеме смислата на нашиот живот и ќе живееме еден вистински значаен и исполнет живот.
Емил: Во денешно време, скоро и да нема некој кој не зборува или промовира „холистички“ начин на живеење. Почнувајќи од скоро безобразните тврдења на разноразни надрилекари и исцелители кои третираат сè и сешто, па сè до најизградените спиритуални лидери на денешниот свет, холистичкиот начин на живот сè повеќе се одомаќува. И тоа е добро! Мораме еднаш засекогаш да разбереме дека нашето тело, ум и душа се едно цело! Ниту еден дел од тоа цело не може да опстане без другите две за да биде физички, ментално и спиритуално здраво.
И додека низ столетијата пронаоѓањето на физичките причини за болестите на човештвото беше неверојатно успешно, препознавањето на менталните причини ( колективно да ги наречеме „стрес“ ) и поготово спиритуалните причини ( колективно да ги ставиме под “неверување“ ) за човековото страдање ( болест, немаштија, смрт итн. ) е на самиот почеток. Оттука, во врска со вашето прашање, ние луѓето најмалку посветуваме внимание на нашата игнорантност, на нашето незнаење маскирано зад нашата егоцентричност која мисли дека сè знае и сè разбира.
Луѓето ги игнорираат физичките и менталните знаци за болест, но најмногу ја игнорираат нивната спиритуална празнина. Како резултат, а ова поготово се однесува на тн. развиен свет, луѓето не само што се оддалечуваат од другите, туку се оддалечуваат и од себе си. Чувството на изолираност и осаменост, губењето на смислата на живеење, немањето мотивација и цел во животот, чувството на една болна празнина внатре во себе која никако да се пополни – се едни од најчестите симптоми со кои луѓе од сите континенти и вери ни се обраќаат за помош.
„Во прегратките на љубовта“ – збирката поезија наградена на овогодинешните Струшки вечери на поезијата, е своевидна ода на вашата љубов, господине Емил, кон сопругата Снежана. Во нашето неодамнешно интервју за националното СБС радио на Австралија рековте дека вие сте само медиум преку кого овие зборови добиваат форма. Дали е госпоѓата Снежана првата која ги слуша/чита овие песни и госпоѓо Снежана, што значи за една жена љубовта кон неа преку зборови да е засекогаш заробена во вечноста?
Емил: Ха, ха – jас долги години се надевав дека Снеже ќе биде и единствениот читател на моите песни! Ни на сон сонував дека ќе ги објавам, па дури и дека ќе бидат наградени. Знаете, поезијата е крајно интимна работа – преку стиховите на поетот вие ѕиркате во душата на човекот. На некому може да му се допадне што има таму, некој друг ќе си замине.
Она што како искуство можам да го пренесам е дека создавањето на секое дело, па и на поезијата, се случува под водство на една друга сила која е надвор од нас, а ние само ја манифестираме со нашите алатки. Од каде инаку доаѓаат тие песни, тие напливи од емоции преточени баш во тој редослед на букви и зборови ?
Снежана: Љубовта е основната движечка сила која му дава вистинска смисла на животот.Само онаа личност која има љубов во себе, може да ја дава и прима безусловно и постојано. Јас сум навистина среќна што ја пронајдов својата сродна душа, со која сме едно во нашиот мисловен и духовен свет. Но, за да живее љубовта, таа треба постојано да се негува, да се искажува и да се покажува. На пример, Емил секое утро ме буди со утринско кафе кое го подготвува и ми го принесува со многу љубов, а честопати знае и да ме изненади со прекрасна љубовна песна која штотуку ја напишал –со која ми ја разгалува душата.
Емил ја овековечи нашата љубов во неговите извонредни љубовни песни коишто се преточија во уникатна стихозбирка, чијашто порака е дека постои вистинска љубов – онаа искрена и чиста љубов, која ако секојдневно се споделува со вистинската личност, станува сѐ посилна и подлабока. И само тогаш, животот има вистинска смисла.
Продолжува….