Катерина Дејкоска е дипломиран музички педагог, која по завршувањето на студиите на Факултетот за музичка уметност во Скопје, заминала на постдипломски студии на Емерсон колеџот во Бостон. На овој колеџ и докторирала, а докторскиот проект бил документарниот филм „СОВЛАДУВАЊЕ” или “OVERCOMING”, со тематика Трауматска мозочна повреда или популарно наречена Повреда на главата.
Од Бостон се вратила во 2017 година кога решила дека е време повторно да се спои со своето семејство, уживајќи во убавините на родната Битола и недопрената преспанска природа. Знаејќи дека со развојот на технологијата далечината денес е пократка од било кога, независно од блиските пријателски врски кои ги создала со луѓе од целиот свет, Катерина одлучила да создаде уточиште во кое го пронашла својот мир, место во кое создава и учи и во кое денот не може да ѝ помине без нејзините органски јаболка и мед.

На прашањето што е нејзин скриен талент, Катерина ни одговори „Упорност. Упорноста ми е скриено оружје, не знам да се откажам од ништо што го правам. Тоа беше забележано и од едниот од менторите, професор на Емерсон Колеџот во Бостон. И видливи се резултатите од таа моја упорност. Сите мои достигнувања и ги должам на мојата упорност на која ме научи татко ми уште од мали нозе. Заедно со работа, упорноста дава позитивни резултати. Во музичката педагогија важи максимата: “Талентот е 99%, но без 1% работа нема резултати.”
Колку учесници има во документарниот филм “СОВЛАДУВАЊЕ”?
– Во документарниот филм “СОВЛАДУВАЊЕ “ има 5 учесници со различни степени на Трауматски мозочни повреди, од лесна до сериозна. Во истиот зборува и Мерилин Спивак од најголемата Рехабилитациона болница во САД, Сполдинг Рехабилитационата Болница којашто во 1981год го формирала Здружението за Мозочни Повреди на САД, како и др. Џозеф Џиасино исто така од Сполдинг Рехабилитационата Болница и редовен професор на Универзитетот Харвард кој образложува со медицински факти за Трауматски Мозочни Повреди.
Поради тоа што мозокот закрепнува многу долго време, треба години и години, дури и децении за да е забележливо закрепнувањето и оние со Трауматска Мозочна Повреда губат надеж дека закрепнувањето ќе се случи. Затоа документарниот е конципиран така да покаже позитивност кај учесниците со Трауматска Мозочна Повреда се со цел да влее надеж и ја зајакне самодовербата.

Во документарниот филм “СОВЛАДУВАЊЕ” еден од учесниците со Трауматска Мозочна Повреда Стив Макник препорачува “Прави го она што те исполнува. Ќе ти ја зајакне самодовербата и во соочувањето со други работи”.
Од каде е идејата за документарниот филм?
– Отсекогаш сум била заинтригирана за како мозокот резултира во различни однесувања, одлуки, но и што би се случило кога мозокот би бил повреден.
Бостон е медицински центар на САД со најмногу болници и рехабилитациони центри, а плус на тоа, татко ми е доктор и со медицината како лаик сум поврзана целиот свој живот. Така да, природно се наметна идејата за темата да биде медицинска.

Која е пораката на документарниот филм “СОВЛАДУВАЊЕ”?
– Трауматска мозочна повреда може да се случи на секого, во секое време, што во оваа ситуација со пандемијата од Ковид-19 исто така се рефлектира. Нема развиена свесност за Трауматска мозочна повреда и документарниот филм “СОВЛАДУВАЊЕ” е еден вид допринос кон развојот на таа свесност.
Во документарниот велам “Треба ОДЛУЧНОСТ за да се бара решение, УПОРНОСТ за да се најде решение и ТРПЕНИЕ сѐ додека решението не биде најдено.”
Еден од учесниците во документарниот филм – Џефри Фернандини, прикажан е во рехабилитација како едвај крева тег од 2 килограми, но тој е одлучен да закрепне и вели “Сакав да бидам силен пак”. Почнува со пливање, затоа што пливањето ги активира сите мускули, па оди во теретана, за на крајот од документарниот да биде прикажан како освојува прво место на Специјалните Олимписки игри во Масачусетс, кревајќи тегови од 117 килограми.
Каде сѐ е прикажан документарниот филм до сега?
Документарниот филм „СОВЛАДУВАЊЕ” во март 2017 се прикажа на Интернационалниот Конгрес за мозочни повреди во Њу Орлеанс, потоа на Универзитетот Харвард, пред медицински персонал во Сполдинг Рехабилитационата Болница кадешто и редовно се прикажува заедно со 31-то кратко видео од серијата кратки документарни.
„СОВЛАДУВАЊЕ” се прикажа и во Браинтри Рехабилитационата Болница, Рехабилитационата Комисија на Масачусетс, Емерсон Колеџот, Универзитетот Бостон, а и редовно се прикажува во Брукс Рехабилитационата Болница во Џексонвил, Флорида и повторно на Интернационалниот Конгрес за Мозочни Повреди, овојпат во Торонто во 2019 год.
31-то кратко видео се преведени на француски, шпански, италијански, германски, полски и се разбира на македонски, сѐ со цел со прикажувањето на документарниот филм, по сите меридијани на светот, да се допринесе во развојот на свесноста за Трауматска Мозочна Повреда.
Ти благодариме Катерина за твоето несебично залагање на оваа тема и ти посакуваме многу среќа со твоите проекти!
Промотивното видео за документарниот филм „Совладување“: