Сонце, папрат и кенгур

Сонце, Папрат и Кенгур: Во сеќавање на мојата Маори мајка, Елса Мери Ристовски

Насликан портрет на мајка ми
Везилка Магазин

The English version can be found here.

 

Од сите мои животни спомени што ги напишав досега, овој беше најтешкиот за пишување. Мојата драга покојна мајка Елса Мери Ристовски беше едно ѓаволски добро човечко суштество, која ја инспирираше секоја личност околу себе. Љубезноста и добрината зрачеа од неа секојдневно. И најважно од сѐ, таа беше лојална сопруга и најдобрата мајка што некогаш можев да ја посакам.

Кога смртната казна за терминален рак ја погоди на 28 години, таа го фати за рогови и го одвлече во десетгодишна битка, која траеше до 39. И иако можеби не е со нас денес, ќе видите зошто таа е мојот херој и ме научи на многу од она што го знам денес.

 

Јас и мајка ми, кога бев помал

 

Мајка ми имаше многу скромен почеток во Нов Зеланд и секогаш тој период го нарекуваше „едноставен живот“. Имаше наједноставни работи, силни спомени со братучедите во прекрасните бујни вирови и зеленило на Манавату, работа на фарма и чисто уживање во детството и младоста.

Таа порасна во 1980-тите и раните 1990-ти, кога се случи тешка економска криза, принудувајќи многу Новозеланѓани да мигрираат преку Тасманското Море во Австралија. Мајка го направи тој чекор до мистериозниот град Мелбурн на само 17-годишна возраст, каде нејзината тетка ја чекаше да започне со работа во познатото казино Краун во Мелбурн.

Независноста и храброста беа во вените на мајка ми уште од мали нозе и иако таа изјавила дека ако Австралија е премногу напорна, секогаш ќе може да се врати дома, во реалноста никогаш не го стори тоа.

 

Мајка ми како дете

 

Првите куќи во кои живееше во предградијата на Мелбурн најчесто ги делеше со сограѓани, неодамнешни мигранти Маори. Тука започна и смешната приказна за тоа како мама се „закачи“ на лудата религија во Викторија наречена АФЛ. Ако живеете во овој град, тогаш знаете дека е злосторство да немате фудбалски тим за којшто ќе навивате.

Таа прво навиваше за Свети Килда, бидејќи живееше во областа веднаш до гробиштата Свети Килда. Кога се пресели во Бранзвик, се префрли за Карлтон, бидејќи тогаш беше во областа на моќниот Блуз. На крај, откако на работа се запозна со татко ми Сашо, стана страствен навивач на сино-белата боја на Кенгурите од Северен Мелбурн.

 

Мајка ми како тодлер

 

Она што се случило помеѓу мајка ми и татко ми било љубов на прв поглед . Фактот дека се венчаа и ме имаа мене во рок од 2 години откако се запознаа, е апсолутно зачудувачки и неверојатно во исто време. Луѓето мислеа дека нема да успеат како пар, бидејќи сѐ се одвивало премногу брзо и само „будалите брзаат“. Но, како што вели и песната на Елвис Присли, they couldn’t help falling in love either.

 

Мајка ми во младоста

 

Растејќи ме, мајка ми успеа да ги избалансира своите две страни – најгрижлива со тигар мајка. Таа ставаше точна количина путер од кикирики на моите лепчиња, но и фрлаше дрвена лажица со страшна прецизност кога бев непослушен.

Како растев и навлегував во мојата адолесценција, станував уште поблизок со мајка ми, бидејќи водевме длабоки разговори за многу аспекти од животот и таа беше таа што ме учеше за поголема доверба во мојот социјален живот.

 

Со коктели на одмор на островот Хамилтон, 2018 година

 

Беше многу тешко да се гледа како мајка ми се бори со ракот. Прославувавме кога скенирањата беа стабилни. Тагувавме кога нејзиниот онколог д-р Шер ги подготвуваше следните важни планови за лечење на најновиот појавен тумор. Но, она по што луѓето се сеќаваат на мама беше нејзиниот став. Таа секогаш велеше дека има луѓе на кои им е полошо од на неа што ѝ е, на кои им недостасуваат екстремитети или не можат да гледаат и слушаат. Таа секогаш велеше дека што и да ни фрла животот, ние мора да научиме да живееме со него.

А што се однесува до листата за работи кои треба да се направат пред смрт, не ни беше дозволено да ја нарекуваме така. Тоа беше „Fuck it“ листа.

 

Друго уметничко дело, ова е на свадбата на моите родители

 

Мајка ми ме научи дека мора да се бориш за сѐ во животот. Дека треба да бидеш брутално искрен до тој степен лошите луѓе да се тресат кога ќе влезете во собата. И да го негувате и да го сакате секој ден од животот што ви е даден. Кога таа почина таа среда вечер во 2019 година, моето срце се скрши засекогаш. Сѐ уште е и секогаш ќе биде.

 

Пред нејзината последна операција, 2019 година

 

Имав среќа да уживам во многу убави и позитивни спомени со мајка ми. Оние што ќе им ги пренесам на моите деца, кои за жал нема да ја имаат баба им по татко во животот. Уверен сум дека нејзиниот дух ќе ги чува и ќе ги води, исто како што тоа го правеше во мојот живот.

Те сакам мамо, додека не се сретнеме повторно…

Везилка Магазин