Сонце, папрат и кенгур

Сонце, Папрат и Кенгур: Моите македонски баба и дедо

Мојата Баба, Дедо и јас, на завршна приредба во градинка
Везилка Магазин

The English version can be found here.

 

Имајќи родители кои работеа полно работно време, голем дел од детството го поминав со моите Баба Даринка и Дедо Ристе, родителите на татко ми, кои, во текот на моето детство, живееја во неколку различни куќи на кои се сеќавам, вклучувајќи ја и џиновската фарма во Пленти, која беше типична македонска бетонска монструозност изградена среде никаде.

Тие беа олицетворение на напорна работа и она што може да постигне мигрантско семејство во земја како што е Австралија.

 

Моите баба и дедо на помлада возраст

 

Времињата тогаш беа многу поедноставни. Пред да се родам, по многуте куќи во кои живееја и ги растеа татко ми и чичко ми, моите Баба и Дедо живееја во мала куќа само една улица подалеку од местото каде што живееја моите неодамна верени родители во Гринсборо. Потоа се преселија на познатата улица „Меклрој Роуд“, во куќата во која се одржа свадбената веселба на моите родители, за на крај конечно да го најдат својот мир на фармата, која се наоѓаше на околу еден километар од нас. Ова е фармата што ја паметам во поголемиот дел од моето детство со нив.

 

Моите баба и дедо, на настан по повод Илинден

 

Фармата беше огромна, со голема брана кон која не дај Боже некогаш да се доближев. Други опасности вклучуваа кенгури, змии, лисици што повремено ги земаа нашите кокошки и мојот дедо, кога ја возеше неговата косилка. Заради овие причини тие одлучија да имаат две кучиња чувари, познати како Брутус и Моли, или Брут Брут и Мок Мок.

Самиот Брутус беше познат по тоа што се бореше со било што, што му донесе сериозна повреда на главата од борба со машки кенгур. Моли беше потивко куче, кое ти дозволуваше да ѝ ставаш очила за сонце и немаше ништо против повремена голтка пиво – (се шегувам).

 

Во времето кога дедо ми ги имаше најдобрите мустаќи!

 

Кога бев дете, чичко ми Петар живееше со нив и во тоа време почна да ги подготвува плановите за неговиот успешен бизнис со фарбање. Исто така, се сеќавам дека кога носеше дома јадење од Мекдоналдс, баба апсолутно полудуваше бидејќи мислеше дека е подобро од нејзиното традиционално македонско готвење дома.

Како што можете да замислите, дури и како дете се хранев како животно од фарма. Лазања, печива, пилешка супа, чипс од компири, чоколадни бисквити, кифли, дури и бисквитите Савојарди што Италијанците ги користат за тирамису. Сечените колбаси, излупениот зеленчук и лимонадата ме чекаа на секој агол. Се чудам како не бев дебел, имајќи во предвид колку многу бев разгален во тој поглед!

 

Фотографија од баба ми кога беше помлада

 

Дедо ми беше исто така многу пријатен дел од моето растење. Фармата беше местото каде што ми помагаше да го тестирам моето знаење на светските метрополи и знамиња, ми предаваше за глобалната светска политика подобро од професор и ме научи на основен македонски јазик што беше доволен за да се помине на семејна собиранка.

Го следев во чекор на секоја работа на фармата, вклучително и уништување плевел и горење на целото ѓубре во огнена јама на крајот од имотот. И секогаш кога ќе ме каснеше комарец, тој или Баба земаа од бесконечното шише Ракија во плакарот и го прскаа местото – викаат подобро било од било кои од оние анти-воспалителни креми!

 

Портретна фотографија на моите Баба и Дедо

 

И покрај изолираноста на имотот, моите баба и дедо имаа многу соседи. На другата страна беа Дејвид и Алисон, пријателски настроен пар Австралијци. На крајот на улицата живееја Мет и неговата сопруга, и двајцата Македонци, како и семејството Марфи, со кои повторно се сретнав во средно училиште, кога 10 години подоцна таткото Брет и мајката Кети се вработија во училиштето. Таму беа и Дарен и Кејт, кои се сѐ уште пријатели со чичко ми и тетка ми.

Но, најдобрите соседи беа Џим и Мери, пар Грци кои живееја веднаш до баба и дедо. Секогаш беа многу пријателски расположени и секој пат кога, и на македонски и на грчки, Џим и дедо ми зборуваа на оградата, ме повикуваа да си играм со нивните внуци, а понекогаш дури и имавме заеднички вечери.

 

Дедо ми Ристе

 

Друга голема лекција за време на моето растење беше музиката. Можеби живеевме во Австралија, но на нивното радиото никогаш не се пушташе англиска музика, како што тоа го правеа мојата мајка со R&B станицата или татко ми, со радиото во својот автомобил. Ова беше чисто музика од „старата земја“, но не ограничена само на песните од Македонија и македонскиот народ.

Како млади кои живееја во екот на Југославија, беше многу вообичаено да се слушаат и српски и босански уметници. Омилена на мојот дедо беше Шемса Суљаковиќ, и сега можам да ја препознаам која било нејзина песна, исто како и тие на Војо Стојановски. Мојата Баба имаше неколку плочи, од најголемите македонски свадбени хитови до хрватската Тамбурика. Тоа беше зачеток на мојата љубов кон целата балканска музика и јас ја сакав и ја прифаќав секоја секунда помината во нејзино слушање.

 

Мојата Баба со сите нејзини внуци

 

По моето рано детство со нив, уште три внуци се родија за Ристе и Даринка Ристовски, и иако и тие ги имаа своите детски денови со нив, мислам дека никогаш нема да ја доживеат носталгијата што ја имав јас. Старото македонско музичко радио, стариот кауч само за гости пред влезот, па дури и слушањето на француските вести со мојот Дедо.

Но, како што велат, „приказните живеат вечно“ и нивното наследство ќе остане за сите внуци во наредните години.

Везилка Магазин