The English version can be found here.
Моите први години од животот беа мирни и ми обезбедија мир пред бурата во којашто се претвори мојот живот подоцна. Во старата куќа на улицата Хоронда, во Гринсборо, со мојот минијатурен џип „Тонка“ во кој можев да се возам, со љубезно семејство и едно мало, љубопитно дете, можам да кажам времињата беа многу поедноставни, .

Како сите деца, така и јас добив на подарок мека играчка, која стана мојот прв најдобар другар. Мојата Баба ми даде зелено куче и портокалова мечка од Pumpkin Patch, кои станаа познати како Хепи и бебето на Хепи. Моите баби и дедовци во Нов Зеланд го имаат бебето на Хепи, но јас сѐ уште го чувам Хепи, иако веќе испука по рабовите!
Мојот прв најдобар пријател беше Мемфис Хенеси, син на најдобрата пријателка на мајка ми Патриша (Триш) Хенеси, која исто така беше дојдена од Нов Зеланд, и беше само неколку недели постар од мене.

Моите омилени емисии како дете беа Симпсонови, Хи-5 и Вини Пу. Имав апсолутна колекција на облека и сувенири за Вини Пу, мојот прв концерт беше Hi-5 со мајка ми и секое утро станував во 8 часот наутро за да ги гледам Симпсонови со ќеса бел леб како закуска. Мајка ми не беше баш многу импресионирана кога лебот, кој требаше да ни трае цела недела, ќе го снемаше на едно седнување.

Мојот втор роденден се одржа во Мекдоналдс во Мил Парк. Сите се сеќаваат на оваа забава заради колегата на мајка ми и татко ми од работа – Ник, кој успеа да влези во објектот на погрешната страна од патот! За што криви му беа патиштата од нашата страна на градот.
Ова исто така беше возраста кога мојот Дедо почна да ме тера да читам атлас и да ги проучувам сите нации во светот, со нивните главни градови и знамиња. Првата на којашто се сеќавам дека ја научив беше Љубљана, главниот град на Словенија. Додека да наполнам 3 години, го знаев секој град и знаме. Незамисливо!

На крајот, дојде време да започнам во градинка. Моите родители сѐ уште исцрпувачки работеа смени и дење и ноќе во казиното во Мелбурн, и ова беше кога мојата Баба и Дедо станаа уште поголем дел од мојот живот. Мајка ми, секако, правеше сѐ што можеше за да ме увери дека ќе е секогаш тука за мене.
Јас, мајка ми и баба, секое утро застанувавме во 6 часот наутро, пред градинката, чекајќи да се отворат вратите. Верувам дека тоа беше мојата прва лекција во животот која ме научи како да бидам брутално силната индивидуа која сум денес.

Го заборавив името на мојата градинка сега, бидејќи многупати го променија. Беше во Гринсборо, веднаш до основното училиште „Свети Томас“ и спроти Српската православна црква. Сите наставници беа многу фини, но онаа на која најмногу се сеќавам беше Енџи. Беше многу убава дама, но и многу строга. Секогаш кога правев бељи дома, мајка ми се закануваше дека ќе ѝ се јави.
Бев доста популарно момче во градинка и другите деца трчаа да се поздрават со мене секогаш кога пристигнував. Тоби, Бен, Џош Пламер и Мелиса беа моите први другарчиња таму. Го вдишав секој момент што можев, бидејќи мојата популарност се намали во следните многу години.

Тука ја имав и мојата првата несреќа, ако можам така да ја наречам. Бев на лулашка со Мелиса и се превртив директно на лице, по што ми пукна усната, па Баба веднаш ме однесе во медицинската ординација преку патот. Доктор Хоријат ми ги соши усните и рече дека ќе мора да остане така барем неколку дена. Едвај успеавме да стигнеме до дома кога конците испаднаа. Баба се врати назад во ординацијата, му го покажа местото на докторот-касап како што само една стара Македонка знае и умее и ме однесе во болница.

И пред да се свестам, тоа беше крајот на моите поглавја од раното детство и почетокот на моите школски. Моите родители одлучија да ме испратат на училиште една година порано, бидејќи сметаа дека сум академски подготвен.
Во тоа време моите родители го открија Twist Gene – кога се возбудував, нервозно ги прекрстував прстите и со нив го допирав лицето или грбот. Некои тврдеа дека ова е форма на Туретов синдром бидејќи не можев да го контролирам, но моите родители никогаш не сакаа да ги слушаат овие глупости. Тие велеа дека Twist Gene е автентичен Јордан, и тоа беше мојата прва лекција дека е и повеќе од во ред да се биде Јас!