Секој го познава М&М, светски познатиот американски бренд за бонбони, но за мене тоа е мојот живот, мојата крв и моето постоење. Мојот прадедо од мајка ми, ме крсти со овој прекар во 2005 година како 4 годишно момче, за да го почитувам моето прекрасно наследство – Македонец и Маори.

Кога влегов во овој свет во март 2002 година, во една стара болница што веќе не постои, бев благословен со присуството на татко Македонец и мајка Маори. Татко ми Сашо е роден во 1973 година во Скопје, Македонија, тогаш под социјалистичка Југославија.
Неговите родители ја следеа нашата македонска лоза којашто стигна сѐ до Папрадиште, село сместено високо во планините, на еден час од Велес. Ова е одамна мијачко село со античко наследство и став „Никогаш не се предавај“, како за напорна работа, така и за заканата од странските поробувачи. Легендата вели дека нашето соседно село Ореше некогаш заробило германски тенк за време на Втората светска војна – вистински чин на решителност и одлучност!

Татко ми и неговите родители пристигнаа во Австралија во 1974 година, и по неколку преселувања во и од Македонија, решија Мелбурн да биде нивната вечна куќа. Мајка ми Елса е родена во 1979 година, во најјужниот главен град на светот Велингтон, во Нов Зеланд. Таа беше со етничко маориско потекло, од првите домородни доселеници во земјата од пред илјадници години.

Мајка ми припаѓаше на племињата Ngāpuhi, Muaupoko, Ngati Raukawa и Te Rarawa, и пристигна во Австралија како млада жена во 1997 година за да работи со нејзината тетка во одделот за гардероба во казиното и забавниот комплекс во Мелбурн. Вистинската љубов ја исплети својата магија кога моите родители се запознаа во 2000 година и се венчаа во декември 2001 година, во прекрасно споени култури и преубава венчавка која никој никогаш нема да ја заборави – дотогаш никој не бил на свадба предводена од македонски ора и Маори воени танци.
Во тоа време, постоеше многу љубопитност и скептицизам во врска со оваа брачна заедница, бидејќи имаше многу разлики, и културни и социјални, меѓу македонскиот и маорискиот народ. Некои од татковската страна ја мислеа мајка ми за Ромка. Некои од мајчината страна немаа идеја каде е Македонија и претпоставуваа дека тој е Југословен, но на крајот на денот, политиката не беше важна за пра-тетка ми од страната на татко ми, која на мојата баба ѝ рече само една работа – Тие ќе имаат убави деца, и во изглед и во карактер.

И беше во право, бидејќи моите родители завршија неверојатна работа со моето и на сестра ми воспитување. Можеби имаме австралиско државјанство, но стара изјава во нашата куќа е дека сме Австралијци само по пасош. Ние сме деца од Македонија и Маори, нашите деца ќе бидат Македонци и Маори, нашите внуци ќе бидат Македонци и Маори, исто како и сите други идни генерации на семејството Ристовски, без разлика каква друга убава култура можеби би пречекале во семејството.

Низ годините, нашите семејства и пријатели нѐ ословуваа со многу имиња: Mozzie, Maoridonian, Mechani. Но, името дадено од мојот прадедо – М&М, секогаш ќе остане. Не затоа што можам да јадам цела кутија на едно седнување, туку затоа што да се биде Маори и Македонец е како виножитото. Апсолутно убаво!
Јордан Ристовски
***********
Јордан Ристовски e 19 годишен македонски Маори од Мелбурн, Австралија. Негувател со полно работно време, страствен спортист и стара душа. Нежен џин вљубен во животот, кој аспирира да стане автор.