ИнтервјуаПретставуваме

Со Шенѓул Демир за Тел Кирма, техника на везење со злато, сребро и бакар по ткаенина

Везилка Магазин

 

Кој е најубавиот украс на жената? За некои очите, за некои насмевката, за некои целото лице. Но, на султаните во XVII век во Турција никогаш не им било доволно истакнувањето и дарувањето на женската убавина. Сакале на нивните љубени да им го дадат најсјајниот украс, најскапиот камен да ги краси по целото лице и тело. Тогаш почнале да се изработуваат марами, дарови, па дури и цели облеки и ракотворби извезени со златни, сребрени или бакарни жици. Уметноста ја пронашла својата мистичност преку овие скапоцени жици.

Освен султаните, и имотните Турци сакале да ги даруваат своите невести со вакви скапоцени дарови.

За многумина местото на почетокот на создавањето на овие ракотворби е местото Бартан во Турција. Овој занает бил престиж само за малкумина кои умееле со специјална игла, само на одреден тип на ткаенини да создаваат скапа убавина која не се сече, ами се крши. Техниката не е нималку лесна, но желбата да се сочува оваа бајковита комбинација опстанала.

Шенѓул Демир уште во раните детски години ѝ се восхитувала на нејзината баба, која била уметник со златни раце. Демир мечтаела еден ден да биде исто толку вешта како неа, па вежбала со саати, потрошила метри скапоцена жица и на крајот успеала.

Денеска оваа средовечна жена има само една мисија, како сертифициран занаетчија од турското министерство за култура да ја пренесе вештината на техниката, на турски позната како Tel Kirma, на младите генерации.

Многубројните организирани базари ѝ покажале дека многу млади не само задоволство, туку гледале и бизнис во оваа работа. Во многу места сѐ уште е традиција да се подари на младата невеста парче ткаенина навезена со злато, сребро или бакар, па така младите луѓе учат за да создаваат уметност од која и солидно ќе заработат.

Демир вели дека преку оваа техника го наоѓа својот мир. Ова е нејзината јога со години, медитира додека создава. Она што ѝ го полни срцето е кога ќе види млада жена или девојка да носи ткаенина со ваков вез. Има ли нешто поубаво од спој на модерното време и традицијата?

Кои сме? Од каде сме? Што ни значело? Како сме живееле? Што сме научиле?

Шенѓул Демир како признат и сертифициран предавач, држела обуки на сопругите на странски амбасадори во Скопје, вели Уживавме сите додека ја учевме оваа техника преку забава. Седеле, учеле да везат со скапоцени жици, да ги кршат и да ги чуваат за себе.

Она што следно го планира е бесплатна обука на заинтересирани луѓе кои сакаат да ја откријат магијата на Tel Kirma и да создадат за себе или за да продадат.

Везилка Магазин