Се повлекувам. Ги затворам очите и гледам во себе. Набљудувам. Се набљудувам себе си. Набљудувам како дишам, ги набљудувам сензациите во моето тело, дали некаде има затегнатост, напнатост, дали некаде има осетливост, можеби и болка. Ги набљудувам чувствата кои слободно доаѓаат или празнината во мене. Како што забележувам, така си велам со тивок, внатрешен глас „болка…тага… разочарување… празнина … тежина … притисок … стегање … радост … љубов … среќа … задоволство … исполнетост…
Само немо набљудувам. Будно, присутно. Ослободувам простор за изразување на душата.
Не притискам, не избегнувам, не барам, не бегам, не судам, не анализирам, тука сум. Тука сум за себе. Секој пат кога умот ќе се обиде да се фати за некоја јадица и да бара значење, одговори, да следи причини и последици, нежно, трпеливо го враќам вниманието повторно кон здивот, кон телото, а тоа го успокојува и го стишува.
Оваа средба со себе, некогаш е пријатна и ме успокојува, но честопати ме соочува и ме вади од улогата која сум ја играла. Жртва или пак Тиранин?! Ако ми се плаче, плачам, ако ми се смее се смеам. Не филтрирам, ништо не отфрлам, се е дозволено, нема погрешно.
Како бран, чувството се јавува, се засилува и издигнува, некогаш како лесна игра над површината, некогаш како цунами по земјотрес со епицентар длабоко во мене. Го чувствувам поместувањето на тектонските плочи, потресот е силен, го чувтвувам прередувањето, а потоа и преплавувањето од неочекуваното ослободување, пустошот и заморот по тоа.
Се случила промена. Нешто заробено, забетонирано, успеало да ја пробие препреката и да излезе на површина. Му било време. А, откако ќе се одморам од папсаноста по напорната работа, забележувам една птица која ослободена од кафезот, полетува. Добивам ослободување на животна енергија.
Понекогаш гледајќи, чувствувајќи, опипувајќи, забележувам грутки направени од бигорот од некои неисплакани солзи. Останале како споменици на некоја неприфатена болка, која сум брзала да ја уништам, за да не ме уништи. Ех, а сум ја носела и ми тежела сето време. На нив, ќе се навраќам повеќепати, колку што е потребно. Под светлината на вниманието чинам полека се топат. Во ред е. Сè во свое време. Нешто во едно време може да ме сруши, но во друго да ме изгради.
Од пепелот, Феникс!
А лутината?! Како црвен змеј што жари и пали. Колку само енергија има во него! На неговиот грб полетувам, се вивнувам. Вежбам да го следам неговото движење, да останам будна, за да не ме изненади. Вежбам како што вежбаат скротувачите на змејови. Со стравопочит. Неговата моќ може да разорува, пустоши, но и да откочи, активира, избави.
Колку повеќе го набљудувам неговото движење, ми станува јасно, како го создавам, ти се лутам за… и барам од тебе … Како што научувам да го препознавам и не се плашам од него, така доаѓа и си заминува. Не бил толку безобразен, не бил ненајавен гостин, мхм… знам кога да го очекувам. Повеќепати ми праќа сигнали пред да вивне. Некогаш и го создавам затоа што ми помага да ме пренесе преку препреката, некогаш само благо ме подбутнува да се соочам со предизвикот.
Се враќам на дишењето… Го следам здивот и мирот кој тој го носи. Му се препуштам. Го проветрувам домот на мојата душа. Знам што има во него. Чувствувам сомилост и благодарност. Чувствувам љубов и поврзаност.
Ги отворам очите. Подготвена сум за средба со светот. Подготвена сум за танц на границата на контактот. Знам што е мое. Полесно ми е да препознаам што не е мое…
д-р. Сања Катушевска Вангелски е психијатар со клиничко искуство во областа на адиктологија, како и групна и индивидуална работа со ранливи групи. Таа работи како гешталт психотерапевт во едукација и пишува текстови од областа на ментално здравје и личен раст и развој. Посетувала и едукација од семејна и системска психотерапија. Живее во Берлин.