ИнтервјуаПретставуваме

Стемаркус: Пишувањето од женска перспектива беше предизвик за еволутивниот пат на мојот уметнички израз

Интервју со Стефан Марковски, автор на најпродаваната книга на Амазон во категоријата Источноевропска литература

Везилка Магазин

Романот „Анатомијата на бумбарот“ во февруари годинава, набрзо по неговото издавање, на Амазон беше прогласен за најпродаван роман во категоријата Источноевропска литература. За авторот Стефан Марковски ова беше втора издадена книга под неговиот псевдоним Стемаркус со којашто длабоко навлезе во човековата психа и темните потреби, страсти и нагони од двете перспективи – и машката и женската.

Роден во Гевгелија, Стефан дипломирал книжевност и филозофија во Скопје, а подоцна завршил и постдипломски студии за сценарист. Романот „Еднонасочно“, објавен во 2009 година, е првиот издаден на тогаш 19-годишниот Марковски и за него ја добил наградата „Петре М. Андреевски“. По романот следи серија од креативни изразувања на младиот автор, за сега опусот да брои повеќе од 15 дела и многу нагр

 

 

Одредено време живеел во Јужна Каролина, за, како што вели самиот, да види каков е Западот, а денес е поврзан со светот преку своето дејствување во сферата на маркетингот и копирајтинг. Едноставен, а толку комплексен, длабок и директен, ја имавме честа Стефан да ни раскаже дел од своите интимни мисли.

 

Три романа, шест поетски збирки, три збирки раскази, една драма и три филозофски книги на своја 30-годишна возраст. Ако моменталната инспирација не е круцијалното во процесот на создавање, со кои дневни ритуали оддржуваш креативна кондиција?

 

Стефан: Слободното време (читај: време непоминато во редовни работни обврски) подразбира и можност за реосмислување, заокружување или воведување во нови приказни. Моменталната инспирација (читај: искра во тој процес) е важна од аспект на повторното навраќање кон делото и нејзиното постојано оддржување на високо ниво не е некаков особен предизвик кога приказната и нејзината главна поента се јасно искристализирани.

 

 

Ритуалите кои помагаат за кристализација на поентата, но и за нејзино преточување во последно време сè повеќе ги гледам во сето она што ми дозволува да оставам простор и време на приказната да „подише“ или тлее во некоја навидум далечна сфера во потсвеста на некое време пред да ѝ се вратам. Во оваа смисла, се надевам не би претерал ако, барем сега, ги поистоветам креативните ритуали токму со оние врзани за обврските, но и одморот.

 

Реалист и оптимист, каде во оваа интерконекција ја гледаш љубовта?

 

Стефан: За малку да посакам да речам – во поезијата, ама мигот кога ќе се изговори тоа, таа веќе како да се прозаизира.

 

 

Во 2014 година замина за Јужна Каролина и таму помина 5 месеци. Што се надеваше дека ќе добиеш од тоа искуство?

 

Стефан: Кога аплицирав за виза веќе се имав изнаслушано приказни за искуства од престоите на неколку драги луѓе, некои од нив беа баш вивидни и прецизни, што секако ми го намали изненадувањето.

 

 

Што те изненади, пријатно и непријатно, во САД?

 

Стефан: Кога стигнав, помнам дека едвај се влечев од премореност после патувањето кое заради бројните промени на автобуси долж Источниот брег (од Њујорк до Јужна Каролина) траеше многу подолго од очекуваното, но сепак изгледот на океанското крајбрежје беше повеќе од доволно раскошен за да минам час или два на брегот пред конечно да се оддадам на одмор.

Тоа беше сцена далечна за сферата на заборавливите нешта. Бев фасциниран од среденоста на просторот, зеленилото, верверичките, палмите, зданијата, мирисот на воздухот, океанот, чија линија беше следена од главниот булевар, неверојатно силните водни струи кои секој обид да се искапеш го претвораа во борба, хеликоптерите кои постојано надлетуваа, ајкулите кои се појавуваа на одделни плажи, крајоликот на Југот кој отсекогаш ми бил особено атмосферичен и интересен, и секако, отвореноста и секогаш нагласената расположеност на јужњаците кои во секоја смисла ми оставија впечаток на поблиски до нас (во однос на Американците од Северот).

 

 

Од „непријатните“ изненадувања покрај некои лични искуства или сведоштва кои веќе сум ги споменал во некои писанија, сега би ги издвоил манипулативните маркетинг стратегии на одредени брендови (на пример, во маркети на Волмарт каде со божемни научни трудови залепени за самиот производ те убедуваат дека „органска“ и „вештачка“ храна се „еднакво здрави), исклучително високата цена на здравата храна, цената на водата и евтиноќата на Кока-кола, изобилието на криминал во одредени градски зони (дел од нив до самите полициски станици), на моменти веројатно и исмевањето на „небрендирани“ нешта кои си ги купил за неколкукратна употреба.

 

Почувствува ли разлика во креативната инспирација дома и во странство?

 

Стефан: И да и не. Да, заради сите нови и дотогаш неискусени нешта; не – затоа што главните нишки на размислувањето на темата уметнички созданија гледав да ги врзам токму за новото, кое гледав да е што повеќе и поинтересно.

 

 

Работата те има однесено на повеќе места низ светот. Во кое се чувствуваше најсвој?

 

Стефан: Не знам, веројатно што поблизу до дома. Но, би можел да кажам дека секоја туристичка посета како да буричка низ некои подзакопани делови во мене, делови кои малку се раздвижуваат само во сонот. Не ги открива, добро знам дека постојат, но е доволно силен импулс да даде свежина и инспирација – не би претерал ако кажам дека тоа е понекогаш инспирација за остварувањето на буквално секоја цел.

 

Стефан со познатиот француски писател Frédéric Beigbeder

 

Велат дека најдобро се чувствува на мајчиниот јазик. Важи ли ова за тебе? Чувствуваш ли промена во енергијата и мислата кога исти зборови запишуваш на македонски и англиски јазик?

 

Стефан: Понекогаш, да. Тоа особено се засили откако почнав да си ги преведувам сопствените дела на англиски. За разлика од македонскиот јазик чија употреба е и секојдневна и несекојдневна и секаква, сензибилитетот на англискиот јазик со кој сум и опкружен, но и професионално „врзан“ ми се надоврзува на неколку главни сегменти од креативно-логичкиот универзум: филмовите, сценаријата, теориски текстови, технички обликувани содржини, музиката, некои рекламни текстови, образовни содржини и др.

 

 

И не само тоа, некои различни дискурзивни облици на самиот англиски јазик (на пример, одредени сленгови/жаргони) кои како copywriter во некои случаи мора да ги знам и применам без да биде забележано дека се „создадени отстрана“, отвораат дополнителни сфери на свеста и потсвеста, што можеби и по себе објаснува зошто понекогаш се будам со некои фрази или цели приказни кои ми доаѓа попрво да ги запишам на англиски.

 

Зошто твојот, моментално најпродаван, роман на Амазон – „Анатомијата на бумбарот“, е издаден само на англиски јазик и колку беше предизвик пишувањето од женска перспектива?

 

Стефан: Всушност, токму периодов се одвива процесот на негово издавање на македонски јазик во издание на „Паблишер“. Романот е напишан пред некое време, со него аплициравме на конкурсот на Министерството за култура, меѓутоа не беше поддржан од прва, па се одлучив да го објавам на англиски јазик. Во меѓувреме, од Министерството се одважија да го поддржат неговото издавање „од втора мајка“, веројатно причина беше и овој меѓународен успех, кој за волја на вистината, е навистина редок во современата македонска литература.

 

 

Пишувањето од перспективата на еден од двата главни лика – Инес, покрај тоа што беше обид за понирање во поинаква (од вообичаената) перспектива кон една актуелна и премолчувана тема – проституцијата, беше и предизвик од аспект на доловување на внатрешните превирања, бегства и нови визии. Читател(к)ите се оние што ќе го изразат своето мнение околу успешноста во тоа, а што се однесува до мене, токму во соочувањето со ваквите предизвици и го гледам еволутивниот творечки пат на својот книжевно-уметнички израз.

 

Кога имаш поголема потреба за креативно изразување – кога си среќен или тажен?

 

Стефан: Не знам, веројатно не се пресудни ниту едното ниту другото. Книжевната уметност отсекогаш сум ја гледал како нешто поинаку, нешто повеќе одошто сведување на емоции, едни или други. Кога сме среќни – веројатно сакајќи тие мигови да траат што подолго, ја одложуваме потребата од уметничка експресија резервирајќи ја за отпосле, а кога сме тажни често сме и блокирани од сета тага. Сепак, некогаш свесно сум ги „уловувал“ таквите мигови во творештвото, и едните и другите.

 

 

Колку од твојата вистина е пресликано во структуираниот мозаик на твоите зборови?

 

Стефан: Онаму каде што завршува стварноста, почнува книжевната уметност – според тоа, самата стварност е недовршена; од друга страна и самата уметност е недовршена, па токму во комбинирањето и комплементарноста меѓу двете можеби би можеле, барем да се обидеме, да повтаме кон нешто повеќе од недовршеното и несовршеното. Две несовршености не резултираат во совршенство, но што ако и уметноста и самата стварност постојат токму заради овој спој?

 

 

Поаѓајќи од оваа линија на размислување, се трудам моите романи, раскази, поезија, драми, сценарија… да го содржат ваквото спојување и меѓусебно огледување, а автентичноста поаѓа токму од начинот на кој истиот се остварува.

 

Иако си во моментов стациониран во Скопје, работата како copywriter те поврзува со луѓе од целиот свет. Гледаш ли разлика во начинот на функционирање на бизнисите и луѓето во Македонија и тие (Македонци) надвор од неа и мислиш ли дека нешто недостасува кај тие дома?

 

Стефан: Општата логика вели дека местата каде што се развиваат средствата со помош на кои се управуваат бизнисите – во современоста тоа се технолошко-менаџерско-финансиските алатки – се и тежиштата околу кои вртат и останатите. Денес главен светски технолошки центар е Силиконската долина/Калифорнија, утре можеби Шенжен, Шангај или Пекинг, задутре… динамиката на светските бизнис натпреварувања ја одредуваат иднината и на македонските бизниси, стартапи, преку нивната адаптабилност и „ококорена“ анализа на трендовите, односно изградба на свој пристап и светско вмрежување во системот понуда-побарувачка, за жал сè подлабоко втонат во суров консумеризам, огледан, на пример, и во потребата на многумина потрошувачи од „западните земји“ од што „поубави“, „поелегантни“, „посјајни“ или „пооригинални“ пакувања на производите кои неретко се купуваат без реална потреба.

 

 

Правилното сфаќање на феномените поврзани со сето ова мислам дека може да биде една од причините кои би биле пресудни во утврдувањето на иднината на македонските бизниси. Мислам дека креативните анализи, одржливите маркетинг практики и реалистичните пристапи во понудата на производи и услуги кои би биле инвентивни (на план на иновацијата ми се чини дека имаме голема празнина) и уникатни, но и побарувани заради реално решавање на некои „проблеми“ од секојдневието.

 

Везилка Магазин