The English version of the interview can be found here.
Радожда, 1966 година – својот дом го напушта тригодишно девојче, чие семејство, во потрага по подобар живот, решава да го спакува целиот свој живот и да замине во Франција. Колку од својот живот во Македонија памети едно толку мало дете? Судејќи според зборовите на нашата драга уметница Сузана Пејоска – можеби и повеќе отколку што мислиме.
Родена во Радожда, во време на тогашна Југославија, Сузана со семејството во 1966 година се отселила во Франција и како што вели самата, „слободата на шетање од двор во двор, слушањето на брановите и гледањето на жените како ткаат облека и килими во селото“ ги заменила со мал, руиниран стан, тоалет во визба, дупки на таван и стаорци како домашни миленичиња.
Сузана започнала со цртање реплики на познати слики на деветгодишна возраст и така открила која е всушност нејзината вистинска страст. Иако дипломирала аудио и визуелни уметности, тоа никогаш не го работела. На 19 години ја имала својата прва изложба и од тогаш има изложувано низ целиот свет освен во Македонија, за што ѝ е особено жал.

Нејзиниот стил на цртање е уникатен и во себе скоро секогаш ги вклучува македонскиот традиционален вез и златната боја, како симбол на светлината што ја запаметила како дете гледајќи ги иконите во црквите во Радожда. Пред неколку години, со сопругот сликар Пјер-Мари Корбел во планинско село во областа Ајверон купиле стара куќа којашто целосно ја реновирале и од тогаш живеат едноставен живот, исполнет со многу мир, уметност, музика и љубов.
Драга Сузана, да почнеме од почетокот на твоето животно патување во Македонија… се сеќаваш ли на нешто од трите години живот поминати во твоето село Радожда и како беше да си дете имигрант во земја како Франција во 60-тите?
Сузана: Велат дека дете не се сеќава на ништо пред 3-годишна возраст, но јас имам многу спомени. Се сеќавам на големата слобода што ја живеев, пловењето од мојата куќа до соседните, целото село беше мој дом…мојот хоризонт беше отворен за другите и кога бев мала самата просторно се организирав. Се сеќавам на волкот што влезе во нашата градина, неговото завивање во ноќта додека ние парализирани го гледавме низ прозорецот. Моето село Радожда се наоѓа на брегот на Охридското Езеро, дивата и природна убавина беше насекаде, во секој камен и во секоја муренка (јагула).

Се сеќавам и на мајка ми како ткаеше килими и престилки со својот импозантен разбој. Моите прошетки покрај езерото, жените кои переа алишта…езерото! Скоро како човечко присуство, мирно како рамно поставено огледало чекајќи да се ослободи…брановите ме плашеа со својата сила, ова прекрасно езеро се преобразуваше, стануваше речиси заканувачко како бескраен гнев.
Бев дел од овој сет, бев мал дел од оваа целина, ги сакав мирисите (понекогаш ми недостига мирисот на селото, го паметам како мирис на мајка) костимите, разговорите, плачот, смеата… мирисот на печен пипер и гробиштата кои беа речиси прикачени на куќата во којашто живеевме. На паганските фестивали и разменувањето храна грижливо подготвена со денови (за жените тоа беше еден вид докажување бидејќи имаше една имплицитна нотација дека секоја ќе ги зготви најдобрите јадења во својот дом).

Во црквата имаше величествени икони, иконостас со невиден раскош во прастарата капела на другиот крај од селото, каде одевме тајно да празнуваме литургии. Сè уште сум зашеметена од мирисот на темјанот, убавината на сите многу стари икони (од 13 век), а се сеќавам и на тајните шепоти за претпазливост од кои разбрав дека тоа што правевме беше забрането (во времето на комунизмот).
Сето ова остана длабоко врежано во мене и еве сега се присетив на тоа! Понекогаш заборавам на детали бидејќи има толку многу богатства што ги чувам од 0 до 3 години, што ми се бесценети и темел на мојот живот.
Пристигнувањето во Франција во 1966 година беше трауматично искуство. Се најдов себеси затворена (јас која бев слободна како воздух) на валкано место во многу трошен стан, каде на таваните имаше дупки, тоалетите беа во визбата, а стаорците поминуваа меѓу моите мали нозе … таму останавме една година пред да се преселиме во социјален стан.
Веќе немав свое уточиште, од училиштето ѝ даваа облека на мајка ми и го мразев тоа. Во селото имавме наше место, наша облека, наши навики и бевме достојни и горди…..таму, во тоа училиште, разбрав дека „мораме да се соочиме со фактот дека нашите обичаи не се нивни“… за жал, ова го слушав многу пати низ годините.
Дипломира аудио и визуелни уметности, но никогаш не си го работела тоа. Кога откри дека го сакаш сликарството и во кој момент од тоа патување го прифати своето македонско наследство, особено светлината на македонските икони, како спомен што ти носи најголема инспирација?
Сузана: Отсекогаш сум цртала или сликала…мојата прва изложба ја направив на 19 години и во тоа време имаше силна дискриминација на машките уметници кон женските, ме отфрлија. Употребата на злато во сликарството им изгледаше премногу декоративно, тие не разбираа дека неговата употреба е суштинска во моето уметничко творештво, тоа го спојува светото и нецрковното, ја зголемува суштината на битието, го поврзува човекот со она што е надвор од него.

За среќа мојот сопруг, кој е многу голем сликар, веруваше во мене и ме охрабруваше. Бев многу успешна, ги продадов сите мои слики на оваа изложба, а не го очекував тоа. Беше чудно, имав импостер синдром, не верував дека сум вистинска, а сепак бев и сум легитимна.
На почетокот на моето сликарство мојата инспирација потекнуваше од иконите со коишто пораснав и на кои можев да им се восхитувам, исто како што се восхитував на убавината и раскошот на пејзажот. Тоа не беше поврзано со религијата, беше измешано со сликата на ткаената престилка на мајка ми што како дете одблиску ја гледав секогаш кога ѝ седев во скут.
Кога го напуштаме рајот, можеме само да се обидеме повторно да го пронајдеме…мојата слика беше остров на којшто се засолнив (имам цела серија слики што ги нареков „Можностите на еден остров“ во обид да вратам некоја форма на совршенство, но и промена на облогата на отворената рана…).
Се омажи со францускиот сликар Пјер-Мари Корбел и имате 3 деца, од кои најстарото е посебно сончево дете. Како тоа патување те промени како жена, мајка и како уметник?
Сузана: Мојот сопруг и моите деца се мојата најголема среќа. Мојата најстара ќерка (со посебни потреби) ме научи толку многу, и иако беше и сѐ уште е тешко, можам да кажам дека сликањето терапевтски ми помогна да го зачувам духот. Дванаесет години подоцна добивме уште две деца и тогаш сфатив што значи „нормално“ дете, до тогаш немав поим…

Секојдневно се восхитував на нивното будење во животот, нивната способност да учат и споделуваат, бев тука за нив тројцата и морав да жонглирам за да продолжам да сликам, па не беше лесно. Некогаш ми се чини дека ме носи сила која доаѓа од моите родители, моите претци (тој силен и издржлив македонски народ) и од мојата сопствена историја.
Дали повлекувањето во таа стара селска куќа што ја реновиравте беше некакво бегство од надворешниот свет и што правиш кога се затвораш во твојот свет – твоето студио?
Сузана: Нашиот имот е на село (северен Авејрон, долината Лот во регионалниот природен парк Аубрак) и опкружени сме со природа. Тука сакавме да пречекуваме многу пријатели и истовремено да можеме да ги воспитуваме нашите деца (последните две се родени овде) во мирна средина. Имавме можност да имаме свои лични простори, секој од нас има своја работилница, што е луксуз.

Кога сум во моето студио таму го поминувам цел ден и таму ручам (имам мала кујна), што ми дозволува целосно исклучување од светот. Го исклучувам мобилниот телефон и живеам во моментот, во сегашноста на создавањето и оставам тоа да ме води.

Се чини дека музиката што ја слушаш е вткаена во твоите дела… колкав удел има музиката во уметноста што ја создаваш и каква музика најчесто слушаш кога си креативно расположена?
Сузана: Дома сите сакаме музика, а во моето студио кога сликам звукот на музиката ги формира моите гестови, моите удари со четката. Главно импровизирам и сум во коплетна хипнотичка концентрација, како шаман. Формите и боите се обоени звуци на опсегот на бои избалансирани со внатрешни звуци, а помешани со ритамот на музиката.

За мојата серија посветена на имигрантите од островот Елис, ја слушав музиката на Фела Кути без престан и таа беше вистинската за тој момент.
Старата македонска традиција вели дека синот го наследува целиот семеен имот, а ќерките остануваат без ништо бидејќи се иселуваат од семејниот дом и оставаат сѐ зад себе. Како оваа традиција влијаеше на тебе, како жена и мајка, но и на твојата уметност?
Сузана: За волја на вистината, брат ми наследи сѐ од мајка ми. Таа се откажа од нас ќерките, важен ѝ беше само нејзиниот син. Тоа ми помогна да раскинам со материјалното (и мајчинско) наследство, но си оставив во аманет многу повеќе од тоа…богатство кое е неисцрпно затоа што зависи само од мене и од мојот капацитет да создавам и повторно да создавам за да можам да го понудам и споделам мојот дел од рајот за и другите да го видат.

Изложуваш низ целиот свет, а во моментов имаш активна изложба во Минхен, Германија. Иако самите основи на твојата уметност влечат конци од твоите детски спомени и македонското наследство, ти сѐ уште немаш изложувано во Македонија. Дали мислиш дека ова е така затоа што чувствуваш поголема потреба да презентираш која си на остатокот од светот, наместо да се враќаш во Македонија каде сите се како тебе, или вистинското време сѐ уште не е дојдено?
Сузана: Толку многу би сакала, но и покрај тоа што бев избрана да ја претставувам Македонија во Кина во Нингбо музејот за една многу престижна изложба, и покрај тоа што во речникот на жени уметници на Антоанет Фук сум наведена како една од ретките жени со македонско потекло во Франција, за жал, сѐ уште не сум изложувала во Македонија.

Претставена сум и на престижната веб-страница Aware women artists, а Македонија сѐ уште не ме поканила на изложба…многу ми е жал.
Во едно интервју рече дека се чувствуваш како твоите слики да се „мртви“ сѐ до последниот детал што им вдахнува живот. Вложуваш многу енергија и чувства во секој потег што го правиш со четката. Дали некогаш плачеш додека сликаш и дали се чувствуваш возбудено или смирено откако ќе завршиш едно дело?
Сузана: Да, плачев пред одредени слики, понекогаш дури и додека ги сликав, особено во серијалот Елис Ајленд што за мене беше голем чекор во моето уметничко истражување. Кога завршувам со одредена слика, се чувствувам смирено и сито, но само за кратко, бидејќи веднаш помислувам на следната, а тоа ме возбудува длабоко од дното на душата.


Чувствувам многу силна женска енергија во твоите слики. Дали го канализираше сето она што мајка ти те учеше додека растеше и како месеците поминати во Радожда, Македонија ти помогнаа да сфатиш кој си ти, која е мајка ти и кои се Македонките?
Сузана: Сите мои лета ги поминував во семејниот дом во Македонија, тоа беа периодите од годината што со нетрпение ги очекував, додека во остатокот од времето нуркав (во младоста). Женските слики се Македонките (пријателките на моите сестри кои беа постари од мене) кои ме обележаа. Жените во тогашна Југославија беа толку интелигентни, интересни, културни и слободни. Тие доаѓаа од Белград, Скопје… очигледно од големите градови, бидејќи оние што останаа во селото беа заробеници на прадедовските обичаи.

Еднаквоста меѓу мажите и жените не беше утопија во Титовата Југославија (не беше сѐ совршено, но сепак имаше добри работи). Овие другарки, Виолета, Даница, студираа медицина, архитектура, право, додека во тоа време во Франција воопшто не ни постоеше заедничко машко-женско образование во училиштата. Тоа беше формирано во 1976 година и многу малку жени беа примени на одговорни позиции. Овие Македонки ми го покажаа патот затоа што беа феминистки, но истовремено и женствени и многу внимателни кон светот.

Токму оваа мекост е она што го барам во моето сликарство и што се надевам дека ќе допре длабоко до сите. Нашите времиња, нашите животи се комплицирани и чувствувам итна потреба да ја споделам убавината (луксузот, мирот и задоволството) и спокојството што ме исполнува на моменти, мигови на благодат. Има убавина во гравитирањето и мојата серија слики за мигрантите од островот Елис целосно го илустрира тоа!
Галерија од изложбите на Сузана низ светот: