Јазикот е богатство, оружје и еден културен белег на секоја заедница. Во светот постојат над шест илјади и петстотини јазици, а на половина од нив им се заканува исчезнување во многу делови од светот. Мајчиниот јазик кој го знаеме и говориме уште од мали нозе е идентитетски поврзан со нас и нашето постоење, тоа е јазикот на кој ни зборуваат родителите, тоа е оној на кој ги учиме првите зборови и лесно го разбираме.
Мојот мајчин јазик е македонскиот, а како таков тој постои долго време. Долга е историјата на неговото создавање – од некогашна глаголица, па до денешна кирилица. Можеме ли да го заборавиме? Како да го зачуваме? Како да го зборуваме? Дипломираната професорка по македонски јазик и книжевност, Љиљана Ѓорговска зборува на оваа тема за „Везилка Магазин“.
Може ли мајчиниот да се заборави?
– Првото училиште е домот. Јазикот се говори во него, без разлика на местото од кое гледате низ прозорецот, каде и да сте! Токму затоа, внатрешниот мотив, упорноста се во семејството кое се грижи детето уште од најмала возраст да научи да се изразува и да чувствува на мајчин јазик. Тој е нивната лозинка за нераскинлива врска со татковината, претците, со корените. Таму, како талог стојат нивните напори, радости градени со векови, очај, но и огромни надежи.
Јазикот е дел од нас. Наш идентитет. Ние. Сѐ можеме да заборавиме, само своето име и својот мајчин јазик – никогаш.

Како да се одржи чистиот говор на македонски јазик ако не се зборува често?
– И додека она исконското, вистинското останува заробено во нас, цел живот, она новото кое доаѓа останува однадвор како тазе снег кој се лепи на снежна топка. Да, така. Тоа ново, кое го учиме подоцна или порано во животот, е јазикот каде што живееме.
Да се говори македонскиот јазик, чисто, во рамките на секојдневјето, во кое по пат на некој друг јазик до нас допираат сите информации и знаења, значи дека треба да бидеме подготвени за секојдневна „борба“ и „судир“ на тие два јазика. Има Македонци кои се родиле овде и се иселиле како возрасни луѓе кои сѐ уште совршено го говорат македонскиот јазик.
Но, има и такви кои се родиле во дијаспората и кои се среќавале со мајчиниот јазик на различни начини. Некои само во домот, разговарајќи со семејството, а некои учејќи македонски во верски или други организации и школи.
Знаеме и за случаи, каде што дечињата воопшто не говорат македонски, затоа што се родени во мешани бракови или родители кои ги поддржуваат што подобро да го совладаат јазикот на земјата во која живеат, секако, за подобро да се снајдат. Сосема е природна потребата на тие луѓе да се асимилираат, односно јазикот на средината да го научат како свој мајчин. Најчесто децата се тие кои се во незавидна положба. Замислете, дете кое најпрвин научило англиски, нему подоцна ќе му биде многу потешко да ги совлада, да речеме „Ќ“ и „Ѓ“,или пак, родот на именките.
Како да се олесни изучувањето на Македонскиот јазик ако не се зборува често?
– Технологијата може да биде корисна за промоција на македонскиот јазик. Треба да ја искористиме и преку неа да ги промовираме сите извори на знаење и форми на изразување. Затоа што јазикот е жив организам и нема финална „верзија“, секогаш може да се направи нешто подобро и ново.

Ние, како држава и народ, со сопствен јазик и идентитет, не треба да опстојуваме само во рамките на својата земја, туку секаде каде што не има, во потрага по нови можности. Македонскиот јазик, треба да се учи и негува до „крајот на светот“, далечната Австралија, и другите земји.
Како да се зачува преку песни, преданија, форми…
– Со гордост да се навраќаме кон сите претходници, кои се заслужни за конституирањето и кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Крсте Мисирков, кој треба да не` потсети дека јазикот е нашето богатство, чувајќи го него си ја чуваме и татковина, афирматорот на македонската азбука, правопис и речник, Блаже Конески, кој вели дека „јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина“. Гане Тодоровски кој заедно со современите македонски лингвисти успеа да го збогати македонскиот книжевен јазик од 80 илјади на над 120 илјади нови зборови.
Ако сѐ тоа, напред речено, успеваме да го негуваме, да го реализираме и да го надградуваме постојано, не треба да се плашиме дека новите генерации во дијаспората еден ден ќе ги нарекуваме: втора, трета или „изгубена генерација“. Треба да бидеме оптимисти!