Замислете се себе си во еден балон. Тоа е вашето парче реалност или вашето искуство за животот во прво лице еднина. Во вашиот балон е вашето минато, искуствата, врските со значајните личности, сликата за светот како безбеден или небезбеден, вашите очекувања од себе си и од другите. Во него се одбраните, чувствата и раните, но и снагите, вашите верувања, идеи, мечти и соништа. Во него се идеите за другите луѓе, за семејството, за пријателите, за работата. Тоа е вашата визија и верзија на реалноста. Тоа е светот виден низ вашите очи, почувствауван на вашата кожа или изоден со вашите чевли.
Каков балон замисливте? Од каков материјал е направен? Каква му е бојата? Дали низ него се гледа? Дали низ него може да ве видат или само вие можете да видите? Почувствувајте го, дали контактот со него ви е пријатен или не? Дали ви е удобно во вашиот балон? Какво ви е чувството во него? Колку добро го познавате?
Секој е главен протагонист на својата животна драма. Задоен со својата вистина која е илузија за животот.
Мислите дека вашата перспектива е вистинската? Верувам. Секој има свој балон и верува во својата вистина.
Што се случува на границата на контактот? Дали судар, или удар, триење, магнетско привлекување или одбивање? Можеби размена?
Истражувајте! Бидете љубопитни како дете.
Запрашајте се: „Што сакам? Што ми е потребно? Што очекувам? И што правам во врска со тоа?!“
Сега обидете се да замислите како вашиот балон е всушност балон од сапуница. Кога се доближувате кон другиот во контакт, вашите балони од сапуница се спојуваат, а потоа во еден дел се стопуваат еден со друг. Што се случува во тој споделен дел? Има ли размена или има задоволување на потреби и барања или давања?
Експериментирајте! Од тебе барам …, очекувам да ми …, имам потреба да ти …, сакам …, чувствувам… стравувам од…
Вежбајте. Доближете се и својот балон спојте го со туѓиот, а потоа оддалечете се. Дали нешто е поинаку по средбата или останавте исти?
Потем слушајте. Слушнете го другиот. Вклучете ги сите сетила. Дознајте што тој носи во себе.
Започнува танц. Со љубопитноста за другиот започнува да се создава заедничка реалност. Во тој даден момент, во тој споделен дел се случува размената, се создава промената. Во тој волшебен момент на проширување на своите граници, секој добива и дава дел од своето, од својот свет на доживувања, од себе си. Дава, а се збогатува. Така се случува магијата на контактот.
д-р. Сања Катушевска Вангелски е психијатар со клиничко искуство во областа на адиктологија, како и групна и индивидуална работа со ранливи групи. Таа работи како гешталт психотерапевт во едукација и пишува текстови од областа на ментално здравје и личен раст и развој. Посетувала и едукација од семејна и системска психотерапија. Живее во Берлин.