Интервјуа

Тиркизните плажи на Перт не се толку забавни кога немаш со кого да ги посетуваш

Интервју со Снешка Илиќ

Везилка Магазин

Снешка Илиќ е гласен борец за женски права и правда, против насилството врз жената и за родова еднаквост во С. Македонија. Работеше 6 години во истражувачката организација Реактор, а од неодамна е во Британската амбасада во Скопје.

Помина 17 години во Нов Зеланд и Австралија, а од 2013 година е повторно во Скопје. За како живееше таму и кои се причините за нејзиното враќање разговаравме во ова интервју.

 

Кога прв пат се сретнавме пред 4 години, ние се подготвувавме за заминување во Австралија, а ти беше вратена во Скопје од 2013, после 17 години поминати во Нов Зеланд и Австралија. Зошто таква одлука?

 

– Извесен период сакав да се вратам. Придобивките на живеење во странство се големи, но во исто време има работи кои не ми се допаѓаа. Јас сум тип на особа која сака друштво, дружење, социјален живот, кога ќе отидам на пазар да се посмеам со пазарџиите, локално каде што живеам да си седнам на кафе кај мојот бербер, моите козметичарки. Што би се рекло џагорџика сум, или како што велеше мојот дедо за себе си дека е чаршиски човек, така и јас на него сум се погодила чаршиска жена.

извор: Приватна архива

Реално кога дојдовме немав конкретен план. Прво мислев  да биде тоа период од година две, но за среќа се вработив, па потоа почнав да се запознавам и дружам со прекрасни луѓе, пролонгирајќи го враќањето и еве не` веќе 7 години како живееме во Скопје.

 

Во Нов Зеланд замина кога беше во тинејџерските години, а сите знаеме колку чувствителен период од животот на секој човек е тоа. Како ја доживеа преселбата Снешка тинејџерката?

 

– Искрено прилично тешко. На 12 години заминав од тука со моите родители и брат ми кој тогаш имаше 4 и пол години. За сите беше шок, коплетна промена, јазик, стил на живот. Не беше како сега со социјалните мрежи, а сите ги гледаш нонстоп и некако си во тек со се што се случува, имаш поголема комуникација.  Гледано од оваа временска дистанца таа преселба многу придонесе кон личноста која сум – јака сум, можам да се снајдам било каде и сакам промени. Но тој период сепак ми останува во сеќавање како тежок.

Снешка на планина во Македонија – Приватна архива

 

Дали им префрлуваше на родителите за таа одлука?

 

– Кога се преселивме од  Македонија во Нов Зеланд не, но кога се преселивме од Нов Зеланд во Австралија, да, им префрлав. Таман се навикнав  на Нов Зеланд, следеше преселба за Австралија. Како резултат на моето несогласување со оваа одлука не сакав да одам во школо една година.

Снешка со ќерката и родителите – Приватна архива

За среќа моите не направија драма и ме оставија да паузирам една година и да работам во Бургер Кинг.  После таа година сама плачев да се вратам во школо! Тоа беше трикот на моите родители – обратна психологија, ме оставија сама да осетам како е да се работи на 16 години без никакво образование и самата да сфатам дека дефинитвино треба да се вратам во школо.

Снешка со ќерката Лола – Приватна архива

 

На многу млади години направи инвестиција и купи куќа во Перт. Дали мислиш дека младите таму поинаку му пристапуваат на животот од финансиски аспект во споредба со младите во Македонија, сега кога ги живееш разликите?

 

– Во Австралија можностите се огромни уште од 16 -17 години да работиш и направиш многу пари. Барем така беше пред  15 години, но и сега не е многу поразлично.  Земјата нуди можности за сите без разлика на нивото на образование што е одлично. Не мора сите да бидат со факултет како што се пропагира во нашата земја.

Економската независност од родителите е многу важна работа која што кај нас младите ја немаат.  Во Австралија од 15 години сите работат некоја работа со скратено работно време – дали во продавница или Мекдоналдс, битно за џепарлак имаат и се независни. Државата нуди низа курсеви/надградување преку кои може да се вработат и оние кои не сакаат да одат на факултет и при тоа да добијат работа со која што може да имаат нормален живот.

Снешка со татко ѝ и ќерката Лола – Приватна архива

Можностите за мали бизниси се огромни, така што многу од младите се одлучуваат на такви опции и си отвараат свои бизниси ( козметичарки, молери,градежни работници и слично). Работната навика се поттикнува од многу млади години што е многу позитивно за едно општество.  Кога си финасиски независен, можеш да си купиш стан, куќа, да инвестираш и патуваш. За време на моите факултетски денови работев и на 3 работни места и на моменти беше навистина напорно, но кога знаеш дека вреди, собираш сили и го правиш тоа.

Едноставно нема споредба со Македонија, не би било фер да споредуваме поради економската состојба на нашата земја, огромната невработеност на младите и тоа што младите гледаат што побрзо да си отидат од тука.

 

Што беше капката која ја прели чашата и те натера да се вратиш во Скопје?

 

– Не бев духовно исполнета. Кучи посо, посо кучи што би се рекло.  Не дека нешто е многу поразлично за тие што работат и во Македонија, но сепак е поразлично.  Ме депримираше фактот што имаат прекрасни паркови и речиси секогаш беа празни, гледањето со друштвото беше со договор од пред 2 недели порано, се` се сведуваше на одење во шопинг центар и купување (затоа сега во Сити мол одам еднаш во годината!) Eдноставно не се пронајдов таму.

Ќерката Лола во Перт – Приватна архива

 

Ти си гласен борец за женски права и правда, за борбата против насилството врз жената и за родова еднаквост. Работеше 6 години во истражувачката организација Реактор, а од неодамна си во Британската амбасада во Скопје. Дали мислиш дека животот надвор, во општество какво што е австралиското, те опреми со потребната самодоверба за ваквата борба на која се приклучи кога се врати назад, или Снешка од секогаш била вака воинствена?

 

– Комбинација на повеќе работи дефинитивно. Од мали нозе сум бунтовник, не сакам неправди, а и татко ми е таков, па нормално по неговите чекори одам и јас.  Многу е важна поддршката на семејството во животот која секогаш сум ја имала. Татко ми е феминист и благодарение на неговата поддршка секогаш сум била тоа што сум, особено во однос на родовата еднаквост.

Моето додипломско и постдипломско образованието стекнато во  Австралија, мојот работен и волонтески стаж таму има многу влијание. Работата на себе и надградувањето исто така е многу важна работа. Треба да се вложува во себе во својата професија, но и во своето ментално и физичко здравје.

Снешка Илиќ – Приватна архива

Да работиш 6 години во една одлична организација која се бави со истражувања кои никогаш не биле отворени во Македонија, рамо до рамо со колеги  кои се одлични во својата работа и меѓусебно се поддржуваат, дефинитивно имаше удел во мојата самодоверба и љубов кон каузата. Да не ги заборавам и моите другари и другарки  кои секогаш стоеле позади мене и ме куражеле!  Знам  колку сум привилегирана и колку среќа сум имала во животот.

 

Со што ги замени тиркизните плажи од Перт во Скопје?

 

– Тиркизните плажи на Перт не се толку забавни кога нема со кого да ги посетуваш или кога немаш време да ги посетуваш! Ги заменив со плажите во Охрид, прекрасната македонска природа, планините кои ги посетувам од пролет до есен, Водно, кафаните и дискотеките.

 

Снешка на планина во Македонија – Приватна архива

 

Често знаеше да ни кажеш „Перт е досаден град за млади луѓе“. Дали сега го живееш се она што тогаш не можеше, и дали ти недостига воопшто некогаш?

 

– После 7 години конечно се вратив во Перт на почетокот на оваа година. Чуството беше прекрасно после толку години да се видам со многу мои драги луѓе, заедно со Лола (ќерка ми) и брат ми да шетаме низ дивините на Западна Австралија и најважно од се` да бидеме со моите родители. Сепак останувам на мојот став дека Перт не е за мене. Тоа не значи дека не би бил во ред за други, но во овој период на мојот живот не е се гледам себеси таму.

Снешка со пријателите во Перт – Приватна архива

Нормално ми недостигаа моите родители,  брат ми и моите драги пријатели, но Перт не ми недостасува.

Задоволна сум од мојот живот тука, но ќе кажам дека е многу полесно да бидам релаксирана затоа што сепак имам пасош и да решам да се вратам нема да имам никаков проблем . Тоа дефинитивно ми дава лагодност.

 

Дали има моменти кога помислуваш „Не требаше да се вратам назад, ова беше грешка“, и дали сметаш дека македонското општество може да и го даде на ќеркичката Лола она што австралиското знаеш дека би и го дало, ако останевте во Перт?

 

– Опцијата да се отселам од земјата е секогаш  некаде во позадина. Пред се поради Лола и катастрофалната состојба во која е образовниот систем во нашата држава. Никогаш не сум се покајала што се вративме бидејќи наместо да биде затворена дома само со мобилниот телефон во рака овде имаме можност да шетаме по планини, села и да се дружиме многу повеќе од колку на запад.

Снешка на планина во Македонија – Приватна архива

Да не се лажеме македонското општество е далеку од идеално и треба многу да се работи и вложува во идните генерации.  Економската состојба, но и самото општеството, ги фрустрира луѓето и како резултат на тоа за жал имаме еден од највисоките одливи на мозоци (brain drain) во целиот свет. Нормално е дека овие работи и мене ме засегаат  и загрижуваат, но останува да видиме како ќе се одвиваат работите во следните неколку години.

 

Би се вратила ли во Перт утре?

 

Само на одмор! ?

Снешка со ќерката Лола во Перт – Приватна архива
Везилка Магазин